Пристигна декември, а тоа значи дека вртоглаво се ближи крајот на годината. Кога летна времево и зошто толку бргу поминува? Ова е прашање за размислување и филозофски дискусии, но денес на блогот стандардно ќе ви понудиме препораки за читање, листа составена од најдобрите книги што ги прочитав во ноември. Декември често знае да е бучен месец, полн со прослави, настани и случувања, но како што знаеме сите, книгата е најдобра одишка и пријател кога животот околу нас е бучен и напорен, па можеби токму тука ќе си го најдете вашето следно четиво.
„Мостот на Дрина“ – Иво Андриќ

Издавачка куќа: АНТОЛОГ
Оцена: 5/5
Осврт: „Мостот на Дрина“ е еден од најголемите класици од Балканот, книга што на некој начин е дел од поширокото културно наследство од овие простори, роман напишан од единствениот добитник на Нобеловата награда за книжевност од овие простори. По повеќе од 15 години, решив да ја препрочитам оваа неверојатна книга за да видам како јас сум се променила во овој период и како ќе ја доживеам по толку време.
И можам да кажам дека ова навистина мора да биде задолжително четиво за секој вистински љубител на книгите. Се работи за еден неверојатен роман со неверојатна комплексност, но напишан на еден многу едноставен начин што допира до секој што го чита. Не залудно е речено дека големината на генијалноста е да успееш да кажеш нешто комплексно на наједноставен начин.
Оваа прекрасна приказна нè води низ долгата историја на прекрасното здание на мостот на Дрина, изграден за време на османлиската власт, а заедно со историјата на мостот, Андриќ нè воведува и во историјата на околијата т.е на касабата заедно со нејзините жители. Убавината и маестралноста на ова дело е како Андриќ на еден прекрасен начин ги спротиставува вечноста, грандиозноста и постојноста на едно здание како тој мост наспроти минливоста и кршливоста на човековиот живот. Неверојатен роман, прекрасна приказна!
„Ветерот и градот“ – Матеја Матевски

Издавачка куќа: МАТИЦА
Оцена: 5/5
Осврт: Македонската поезија е навистина прекрасна, не дека е наша, но навистина е разновидна и прекрасна, истражувајќи различни тематики што на еден прекрасен начин нè тера да размислуваме и чувствуваме. Се трудам што е можно почесто да пронаоѓам стихозбирки од македонски автори или повторно да им се навраќам за повторно да ги откријам и да пронајдам некој нов стих што токму тогаш ми е најпотребен. Па така, ноември ми беше месец за Матеја Матевски, еден од нашите најдобри и најмоќни поети.
Искрено ви ја препорачувам неговата стихозбирка „Ветерот и градот“ во која се собрани околу 35 прекрасни песни што создаваат една прекрасна целина со стихови што се интроспективни, на моменти меланхолични, што правеа да посакам да ја земам збирката и да отидам на некое осамено поле додека дува ветер и да ја читам на глас и целосно да се внесам во напишното. Одлична збирка и топло ја препорачувам!
„Авантурите на лошото девојче“ – Марио Варгас Љоса

Издавачка куќа: ТРИ
Оцена: 4/5
Осврт: Годинава решив повеќе да се посветам на творештвото на Марио Варгас Љоса, кој само површно го имав читано и морам да признаам дека малку ми е криво што досега не сум го читала поопширно. Нобеловецот има еден многу специфичен и интересен стил на раскажување, со одлична нарација и одлични ликови, дури и кога се движат на тенка морална линија.
Овој конкретен роман е навистина многу интересен, проткаен со една тежина и анализа на многу општествени норми и динамики, но и на тоа што може траумата да им направи на луѓето. Нараторот на приказната е Рикардо, кој ја раскажува неговата животна приказна што е нераздвоено испреплетена со приказната на една мистериозна девојка која уште од неговите детски денови влегува и излегува од неговиот живот, а секојпат одново се појавува со нов идентитет и ново име. Тој не знае ништо за нејзиното минато и секојпат кога мисли дека ќе ја реши загатката, таа некако исчезнува од неговиот живот.
Дејството опфаќа неколку децении од животот на Рикардо и „лошото девојче“, прекарот што тој ѝ го дава бидејќи не го знае нејзиниот вистински идентитет и во тој период Љоса освен личното и интимното, дава еден општ преглед и на политичките и општествените промени што се случуваат низ светот во тоа време. Одлична прикзна што цело време ќе ве држи заинтересирани и нема да сакате да ја пуштите сè додека не дознаете која е всушност и мистериозната девојка и што ќе се случи на крајот.
„Книга за Петре: Сите лица на расказот“ – Група автори

Издавачка куќа: АРС ЛАМИНА
Оцена: 4/5
Осврт: Ова збирка раскази беше издадена по повод 90 години од раѓањето на македонската книжевна легенда Петре М. Андреевски. Оваа книга е составена од раскази инспирирани и во чест на Петре М. Андреевски. 19 познати автори и авторки со својот автентичен и препознтлив стил му оддаваат почит на Петре и во секој расказ може да се забележи и влијанието на Петре и неговата нишка што ги поврзува сите нив.
Навистина е интересно да се прочитаат расказите на сите овие современи македонски автори и истовремено сите „обединети“ под еден заеднички чадор и на одреден начин заедничка нишка – нишката на Петре. На одреден начин секој расказ истовремено го слави Петре М. Андреевски и неговото раскажување, а истовремено секој расказ сам по себе ја збогатува македонската книжевност и македонскиот расказ. Расказите во делото се напишани од: Влада Урошевиќ, Оливера Николова, Гордана Михаилова Бошнакоска, Димитрие Дурацовски, Томислав Османли, Блаже Миневски, Ермис Лафазановски, Лилјана Пандева, Венко Андоновски, Оливера Ќорвезироска, Елизабета Баковска, Калина Малеска, Владимир Јанковски, Бранко Прља, Жарко Кујунџиски, Ѓорѓи Крстевски, Ѓоко Здравески, Живко Грозданоски и Хана Корнети.
„Едно лето со Паскал“ – Антоан Компањон

Издавачка куќа: ИЛИ-ИЛИ
Оцена: 4/5
Осврт: Во октомври решив да започнам да го читам овој интересен серијал во издание на „Или-Или“ насловен како „Едно лето со…“. Се работи за куси четива, поделени во кратки поглавја во кои се истражува ликот и делото на одреден мислител или книжевник. Најпрво започнав со „Едно лето со Бодлер“ и книгата многу ми се допадна и ја препорачав во минатото издание на рубриката „Што читаше Кафе и книги“ и со оглед на тоа што многу ми се допадна форматот, решив да продолжам и со останатите книги од овој серијал, па решив да ја прочитам „Едно лето со Паскал“, во која се истражува ликот и делото на познатиот француски филозоф и математичар Паскал.
Како и претходната книга, така и оваа многу ми се допадна, научив некои нови информации што не ги знаев, а и многу ми се допаѓа „разговорниот“ стил на пишување на Компањон, се чувствувам како да сум седната на разговор и слушам интересни размисли од писателот, наместо сувопарно изнесување на факти, а тоа често се случува во биографски книги или книги што истражуваат нечие творештво. Дури и да не сте многу по биографски книги, сепак треба да ѝ дадете шанса на книгата бидејќи е поучна, информативна и ќе ве воведе во интересни анализи, а и ќе научите нешто ново.
