Кон животот на Џозеф Конрад и неговото дело „Срце на темнината“…

Влијанието на Џозеф Конрад врз подоцнежните романсиери и ерата на модернизмот е огромно. Напишал 20 романи, есеи и многу раскази; сите тие се технички точни и даваат голема порака до човештвото, а најпознато негово дело дефинитивно е „Срцето на темнината“. Конрад пишувал токму во моментот кога исчезнувало викторијанското доба и се појавувала модерната ера. Викторијанските морални кодекси сè уште влијаеле на заплетот на романите, но таквите принципи повеќе не биле апсолутни. Романсите и поетите почнале да експериментираат со формата. Кога Конрад умрел во 1924 година, Првата светска војна дошла и поминала, а модернизмот доминирал во книжевноста.

Детство и рана младост

Јозеф Теодор Конрад Коржениовски, познат како Џозеф Конрад се родил на 3 декември 1857 година во Бердичив, Украина. Неговите родители биле Полјаци и полски патриоти, па уште од мали нозе му биле всадени многу револуционерни идеи што многу влијаело на неговиот живот и творештво. Тој бил единственото дете во семејството, а неговиот татко бил Аполо Коржениовски, писател и политички активист кој бил протеран во Сибир под сомнение дека подготвувал заговор против руската влада. По смртта на мајката на момчето, таткото на Конрад го испратил кај братот на мајка му во Краков да се школува, а Конрад никогаш повеќе не го видел својот татко. Тој останал сирак на дванаесетгодишна возраст.

Тој отпатувал во Марсеј кога имал седумнаесет години, а следните дваесет години ги поминал како морнар. Се потпишал на англиски брод во 1878 година, а осум години подоцна станал британски поданик. Во своите дваесетти години, откако ѝ се придружил на англиската флота, Конрад го променил своето словенско име и го научил англискиот јазик. Всушност, негов мајчин јазик бил полскиот, втор јазик му бил францускиот, а научил англиски јазик дури на 21 година. Како и да е, преку своето морепловно искуство Конрад ја научил уметноста да зборува течно на англиски и француски; тој ги развил своите вештини за пишување и поради неговата изложеност на различни делови од светот. Денес, некои од неговите романи како „Срцето на темнината“ и „Тајниот агент“ се вклучени во наставната програма на англиски јазик за да можат децата да научат соодветни јазични вештини.

Токму во тој период, среде проблематично време во Марсеј и оптоварен со коцкарски долгови, Конрад се обидел да се самоубие пукајќи си во градите. Куршумот бил вперен во неговото срце и иако куршумот навистина му ги пробил градите, го промашил срцето, што му овозможило да живее во следните 46 години.

Помеѓу 1878 и 1894 година, Конрад служел во британската трговска морнарица. Во 1884 година, тој зел мајмун за домашно милениче, но кога подоцна се вратил во Англија, Конрад открил дека не може да го чува миленичето во пансионот во кој престојувал, па по еден инцидент во кој мајмунот искинал некои важни хартии, Конрад го продал.

Патувањата и неговата книжевна кариера

Во 1889 година, тој го започнал својот прв роман,„ Алмаеровата глупост“, и почнал активно да бара начин да го исполни својот детски сон да патува во Конго. Тој ја презел командата на параброд на белгиска трговска компанија во белгиско Конго во 1890 година, а неговите искуства во Конго ја дале контурата за неговиот најпознат роман „Срцето на темнината“. Но, Конрад заболел од дизентерија и маларија во белгиско Конго, а потоа морал да се опорави во Германската болница во Лондон, пред да замине во Женева, Швајцарија, за да оди на хидротерапија. Иако преживеал, Конрад многу години потоа страдал од лошо здравје.

Тој се вратил на море двапати пред да ја заврши „Алмаеровата глупост“ во 1894 година и напишал неколку други книги, вклучително и една за Марлоу наречена „Младост: Наратив пред почетокот на ‘Срцето на темнината’“ во 1898 година. Марлоу, главниот лик од „Срцето на темнината“ се појавува во други дела на Конрад, како што е „Лорд Џим“. Како морнар од кариера, Конрад го истражувал не само африканскиот континент, туку и бил на места од Австралија до Индија до Јужна Америка. Тој бил пријател со луѓе како Хенри Џејмс и Форд Мадокс Форд; со вториот е коавтор на неколку дела.

Иако неговите дела навистина добиле некои охрабрувачки критики во печатот, дури во 1914 година, кога голем дел од неговите најдобри дела веќе биле издадени, Конрад првпат постигнал комерцијален успех. Ова се случило со романот наречен „Шанса“ и неговиот успех можеби имал исто толку врска со дизајнот на корицата (кој, прикажувајќи млада жена со поморски офицер, направил романот да изгледа како генерички романтичен роман). После тоа, Конрад почнал добро да живее од неговото пишување, а неговите подоцнежни дела, како што се „Победа“ и „Линијата во сенка“, постигнале значителна популарност. Инаку, Конрад избегнувал да чита критики за неговите дела и наместо тоа ги мерел со линијар. Колку подолг бил текстот, толку подобро се чувствувал.

Џозеф Конрад починал на 3 август 1924 година и бил погребан на гробиштата во Кентербери, Кент. Тој починал пред да може да го заврши својот последен роман – кој соодветно е насловен „Неизвесност“. До оваа фаза, талентот на Конрад за книжевни иновации во голема мера пресушил, со неговите последни неколку дела – вклучувајќи го и наполеонскиот роман „Роверот“, објавен во 1922 година – навраќајќи се на поиспробаните и проверени конвенции на авантуристичка фикција. Но, по неговата смрт тој бил поздравен како пионер на модернистичката техника.

Интересни факти

Ф. Скот Фицџералд бил обожавател: авторот на „Големиот“ Гетсби еднаш танцувал на тревникот на издавачите „Doubleday“ за да го привлече вниманието на Конрад, но за жал Конрад не го забележал и Фицџералд бил веднаш отстранет.

Она што е интересно за Конрад е и дека одбил многу почести, вклучително и честа да биде прогласен за британски витез во 1924 година поради неговото потекло, како и понудите за почесни дипломи од неколку престижни универзитети. Постојат неколку споменици посветени на Конрад, вклучувајќи споменик во облик на сидро во Полска и мал триаголен плоштад на авенијата Колумбус во Сан Франциско, изграден во 1979 година за да се совпадне со објавувањето на филмот „Апокалипса сега“, филм инспириран токму од неговото најпознато дело „Срцето на темнината“.

Уште еден интересен факт е дека вселенскиот брод во филмот „Осмиот патник“ на Ридли Скот го носи името „Ностромо“ според класичниот роман на Џозеф Конрад од 1904 година. Поморскиот транспортен брод во продолжението на „Осмиот патник“ – филмот на Џејмс Камерон од 1986 година, го носи името „Сулако“, по измисленото место во Ностромо на Конрад. „Ностромо“ е предизвикувачки роман поради неговата неконвенционална хронолошка структура, но сега нашироко се смета за едно од ремек-делата на Конрад. Сместен во измислената јужноамериканска земја Костагуана, меѓу другото го следи идеалистичкиот Чарлс Гулд додека се обидува да го сврти богатството на рудникот за сребро што го наследил од својот татко.

Интересни факти за „Срцето на темнината“

Магнум опусот на Џозеф Конрад е близок до неговиот живот и често се смета за автобиографски роман затоа што искуството на Конрад во Африка било ужасно. Неговите емоции, духовни убедувања, психолошките сознанија и дополнително често пател од гихт и треска. Ужасната темнина, злото и изолацијата што ги чувствувал во неговото срце излегле од него во вид на искуствата на Чарлс Марлоу, главниот лик на романот.

Иако го раскажува патувањето на Марлоу низ белгиско Конго во потрага по Курц и е засекогаш поврзан со африканскиот континент, романот на Конрад започнува и завршува во Англија. На крајот на приказната, „мирниот воден пат“ што „се чинеше дека води во срцето на огромна темнина“ не е ништо друго туку реката Темза.

Идентитетот на личноста врз која Конрад го засновал антагонистот на приказната предизвикал многу претпоставки. Меѓу теориите што се предложени во однос на тоа кој бил вистинскиот Курц најчесто се споменуваат три најверојатни личности: француски агент кој загинал на паробродот на Конрад, белгиски колонијален офицер и велшкиот истражувач Хенри Мортон Стенли.

Империјализмот – кој сега се смета за погрешен, угнетувачки и безмилосен – бил многу во мода кога романот на Конрад се појавил на полиците. „Трепата за Африка“ била сведок на тоа како европските сили ги вложуваат своите претензии во поголемиот дел од континентот. Британската кралица Викторија дури била претставена како „големата бела мајка“ на колониите. И пишувајќи во „The New Review“ во 1897 година, авантуристот Шарл де Тиери (кој се обидел и не успеал да воспостави сопствена колонија во Нов Зеланд) со неговата изјава „Откако мудреците ја видоа ѕвездата на Исток, христијанството не најде поблагороден израз“, го повторил империјалистичкото резонирање што многумина го споделувале.

Иако Конрад никогаш не бил застапник на колонијализмот, Чинуа Ачебе, нигерискиот автор на „Нештата се распаѓаат“ и други романи, во 1975 година одржал предавање наречено „Слика на Африка: Расизам во срцето на темнината на Конрад“ во кое го опишал Конрад како „темелен расист“, а неговата сеприсутна кратка класика како „навредлива и жална книга“. Сепак, дури и Ачебе му припишал заслуга на Конрад што „го осудил злото на империјалната експлоатација“. А други го препознале „Срцето на темнината“ како обвинение за неправедноста и варварството на колонијалниот систем.

Во 1902 година, три години по неговата првична серијализација во едно списание, новелата „Срцето на темнината“ се појавила во том со две други приказни за Конрад. Токму ова дело добило најмалку внимание од јавноста. Всушност, дури ни самиот Конрад не го сметал за големо дело. И за време на неговиот живот, приказната „не доби посебно внимание ниту од читателите ниту од самиот Конрад“, пишува Џин М. Мур во една книга за Џозеф Конрад. Но, „Срцето на темнината“ успеа да се стекне со огромна важност во 50-ти години на 20 век, откако планетата беше сведок на ужасот од Втората светска војна и последиците на постапките на влијателните луѓе кои толку темелно ги задоволуваа своите најдолни инстинкти.

Иако „Срцето на темнината“ не бил инстантен хит и сензација, очигледно се наоѓал на радарот на некои луѓе од книжевната заедница. Познатата реплика што ја најавува смртта на антагонистот, „Господин Курц – тој мртов“, служи како епиграф на поемата на Т.С. Елиот „Шупливите луѓе“.

Осумдесет години откако дебитираше новелата на Конрад, филмот на Френсис Форд Копола „Апокалипса сега“ се појави на големото платно. Иако е под големо влијание на „Срцето на темнината“, поставката на филмот не е Конго, туку Виетнамската војна. И иако антагонистот (го игра Марлон Брандо) се вика Курц, овој Курц не е трговец со слонова коска, туку американски воен офицер кој бидува ментално уништен.

„Срцето на темнината“ на Тарик О’Реган, опера во еден чин, била поставена во 2011 година. Премиерно била изведена во лондонската Кралска опера и според изворите и написите тоа било првата оперска адаптација на приказната на Конрад и многу инспирирана од „Апокалипса сега“.

Во сплет на околности што дури ни фантазијата на Конрад не можела да ги создаде, неговиот класик инспирираше и видео игра, „Spec Ops: The Line“, која беше објавена во 2012 година.

Извор 1.
Извор 2.
Извор 3.
Извор 4.
Извор 5.

Leave a comment