Румена Бужаровска е една од најпознатите и најуспешните македонски авторки, чија збирка раскази „Мојот маж“ е преведена на неколку јазици, а според расказите беше поставена и претстава која моментално игра во Драмскиот театар во Скопје. Таа е авторка и на низа друга книги, а последно нејзино издание беше збирката есеи „Господ, па Америка“ во издание на ТРИ.

Румена Бужаровска сега на македонската јавност ќе ѝ се претстави и со својот прв роман – „Тони“, исто така во издание на ТРИ. Според описот, дејството на романот се врти околу Тони, средовечен бивш рокер од Скопје, кој живее со мајка му и работи во државна институција. Во текот на пандемијата, ненамерно, но по своја вина, предизвикува неколку настани кои засекогаш го менуваат неговиот, а и животот на луѓето околу него.
Денес (4 декември) во „Јавна соба“, со почеток од 20 часот ќе се одржи и промоцијата на романот, а промотори на романот и централниот лик ќе бидат поетесата, основачка и главна уредничка на „Медуза“, Калиа Димитрова, и македонскиот писател Петар Андоновски. Во меѓувреме, на страницата на ТРИ можете да прочитате и извадок од романот за да ѕирнете во приказната.
Како што е наведено во поканата, зборувајќи за ликот и приказната на Тони се вели дека Тони е човек што се става себеси на прво место и „неприкосновено се држи за својата илузорна дефиниција за личната слобода.“
Понатаму се вели:
Наместо да ги храни своите лични односи со емпатија, почнува паразитски да нагризува од емпатијата и љубовта на луѓето кои се грижат за него. И полека тоне. Но дури ни тоа не го освестува за да стане подобар рокер и подобар човек.
Тони тоне, удолу го влече товарот на неговиот лежерен став кон животот, недостигот на сопствен интегритет и живеењето на стара слава, која исто така е под знак прашалник.
Заедно со него, тонат и луѓето во неговиот живот, жртви на готованството на Тони, кој воопшто не е свесен за влијанието врз загубите што ги предизвикува. Како вистински лав во подзнак, а и во душата. Впрочем, реалноста е секогаш пошокантна од тоа што го пишува во книгите. И банално комична.“
