Новогодишен Саем на книгата во „Скопје Сити Мол“!

Се ближат новогодишните и божиќни празници, а тоа е секогаш магично време за дружење, но и за читање книги. Доколку сте во потрага по нови четива за читање и сакате да ја освежите домашната библиотека или сте во потрага по новогодишен подарок, деновиве можете да се упатите кон „Скопје сити мол“, бидејќи денес започна Новогодишниот саем на книга.

„Скопје Сити мол“ во соработка со Македонската асоцијација на издавачи го организира овој Саем на книга, кој ќе трае од денес па сè до 8 декември, а издавачите своите изданија ќе ги изложат на приземјето во трговскиот центар.

Како што е наведено во најавата, во понудата ќе има бестселери и нови книги, но и класична литература, книги од домашни автори, љубовни романи, трилери, популарна психологија, книги за деца и други жанрови, и тоа по намалени цени дури и до 70%.

На Новогодишниот саем на книгата ќе учествуваат: „Арс ламина“, „Култура“, „Сакам книги“, „Полица“, „Чудна шума“, „Гаврош“, „Мартина“, „Едука мак“, „Бата прес“, „Божилак“, „Сказнувалка“, „Антолог“ и „Три“.

Leave a comment