Алфред Нобел бил шведски хемичар, инженер, пронаоѓач и производител на оружје. Тој во текот на животот патентирал 350 различни патенти, а исто така е пронаоѓачот на динамитот. Тој е познат по многу нешта, но денес можеби е и најпознат по тоа што го искористил своето богатство и во својот тестамент заповедал да се основаат Нобеловите награди во пет категории: физиката, хемијата, медицината или психологијата, книжевноста и награда за мир. Тој починал на 10 декември 1896 година, а првите Нобелови награди биле доделени во 1901 година.

Дали сте знаеле дека тој всушност бил голем вљубеник во книгите и дека всушност и самиот тој творел? Овој дел од неговиот живот не е многу познат, па затоа денес на блогот имате можност да прочитате повеќе за неговата врска со книжевноста и неговата љубов кон добрите книги. Текстот е напишан од Аке Ерландсон и беше објавен официјалната страница на Нобеловите награди.
„Осаменик без книги и мастило веќе живее живот на мртов човек.“
~ Алфред Нобел
За време на неговиот живот, Алфред Нобел несомнено бил повеќе познат по неговата работа како пронаоѓач и индустријалец отколку по неговите интереси за уметноста. Меѓутоа, за да се разбере неговата разноврсност, неговата сложена и понекогаш контрадикторна природа, треба да се земат предвид и овие интереси кои исто така биле од витално значење за него.
Иако Нобел припаѓал на областа на неговата основна работа и пронајдоци, неговиот втор „дом“ биле книжевноста и пишувањето. По неговата смрт оставил приватна библиотека од над 1500 тома, главно белетристика на оригиналниот јазик, дела од големите писатели од 19 век, но и класици и дела на филозофи, теолози, историчари и други научници.
Оставил и обемна збирка писма, неколку песни што самиот ги напишал во младоста и некои рани нацрти на аналитички романи, како „I ljusaste Afrika“ („Во најсветлата Африка“, 1861 година) и „Systrarna“ („Сестрите“, 1862 година). Кон крајот на својот живот, кога неговите пронајдоци и деловни активности му дозволиле да има повеќе слободно време, тој ја подготвил контурата на сатиричната комедија „Патентираниот бацил“ (1895 година) и објавил трагедија „Непријател“ (1896 година). Тестаментот на Нобел, датиран од 1895 година, е последното сведоштво за неговата доживотна љубов кон поезијата: една од наградите требаше да биде доделена на „личноста што ќе го произведе најистакнатото дело во областа на книжевноста кое се движи во идеална насока“.
Санкт Петербург (1842-1863)
За време на неговото образование во Санкт Петербург, Алфред Нобел бил подучуван од извонредни приватни тутори, главно хемија и физика, но и книжевност и филозофија. Тој се покажал како исклучително надарен ученик, но тивок и интровертен. Тој во многу работи бил самоук – научил француски јазик преку тоа што го преведувал Волтер, најпрво на шведски, а потоа од шведски го преведувал назад на француски јазик и го споредувал преведеното со оригиналното издание. На руски јазик ги читал „Одисеја“, стиховиот еп на Пушкин, „Евгениј Онегин“ и „Домот на господинот“ од Тургењев. На 17-годишна возраст, тој не само што течно зборувал шведски и руски, туку и француски, англиски и германски јазик. Англиските романтичари Вордсворт, Шели и Лорд Бајрон, неговиот „омилен поет“, оставиле траен впечаток врз него.
Во песната „Вие велите дека сум загатка“, која Нобел ја напишал за време на неговата прва посета на Париз во 1851 година, можете да забележите ехо на овој романтичен идеализам. Поемата, со своите 319 реда поезија напишани на англиски јазик, е главно автобиографска. Посветен е на една „прекрасна девојка“, прерано „венчана со нејзиниот гроб“. Поемата започнува вака:
Велите дека сум загатка – можеби
за сите ние сме гатанки необјаснети.
Започна со болка, во подлабоко мачење заврши.
Каква работа има оваа глина за дишење?
Стокхолм, Хамбург (1863-1873)
За време на најзафатените периоди од неговиот живот, Нобел бил принуден да ги стави своите книжевни интереси на страна, особено на почетокот на неговата кариера кога експериментите, финансиските проблеми, постојаното патување и растечката индустриска империја го апсорбирале поголемиот дел од неговото време. Сепак, читањето добра книжевност било негова главна форма на релаксација и секогаш земал книга или две со себе на неговите патувања. Едно писмо открива дека кога имал 35 години, некои проекти тргнале наопаку и тој сериозно размислувал да го напушти бизнисот и неговите пронајдоци и да се зафати со пишување за егзистенција и негова основна професија.
Париз (1873-1891)
Нобел се преселил во Париз, главниот град на културата, на 40-годишна возраст. „Секој мештанец овде мириса на цивилизација“, забележал тој со задоволство. Тука тој се сретнал со Берта фон Зутнер (која подоцна станала основачка на австриското мировно движење), средба која требало да биде многу важна за Нобел, и не само поради мировното прашање. Кога првпат го посетила неговиот дом на авенијата „Малакоф“ во 1876 година, Берта била восхитена од неговата „добро снабдена библиотека, способна да ги задоволи најразличните желби“. Нејзината посета била куса, но тие одржувале доживотно интелектуално пријателство, главно преку допишување.

Неговите дискусии со Берта биле стимулативни и кога станувало збор за книжевни прашања. Таа никогаш не пропуштала да му ги испрати своите дела со пријателска посветеност: „Од твојот драг пријател и соборец“ или „Сведоштво за нашето пријателство“. Читањето на нејзиното творештво можеби влијаело на неговиот сопствен став кон создавање книжевност во „идеална насока“. Ова може да се однесува не само на нејзиниот опис на општеството и на нејзиниот антивоен роман „Die Waffen nieder!“ („Положи го оружјето!“, 1889 година) – нејзиното „восхитувачко ремек-дело“, кое тој го пофалил за неговите големи идеи и „шармантен стил“ – но исто така и за дела како што е „Ракописот на Ајн!“ (1885), во кое таа размислува и за прашања кои повеќе имале приватна и естетска природа.
Жилиет Адам-Ламбер, која имала книжевен салон, пишувала книги и го издавала списанието „La Nouvelle Revue“, била една од ретките личности што биле дел од неговиот друштвен круг во Париз. Тој го запознал Виктор Иго во нејзиниот дом и веројатно и помлади писатели како Пјер Лоти, Пол Бурже и Мопасан. И Берта фон Затнер и Нобел имале контакти со книжевниот круг поврзан со поакадемското списание „La Revue des Deux Mondes“. Впечатливо е што и покрај неговиот напорен живот, тој можел да биде во чекор со актуелната книжевност и во тоа време во својата библиотека систематски додавал современа книжевност и тоа не само на француски, туку и на англиски, германски јазик, но и скандинавски јазици. Тој, исто така, ги собрал класиците во прекрасно подврзани изданија. Се работело за дела на Мусет, Тегнер, Шекспир, Скот, Гете, Шилер, писатели што тој лесно ги цитирал.
„Зола седна на куп измет и ширеше страшна смрдеа“, се пошегувал тој. Нобел очигледно чувствувал одвратност кон натурализмот; сепак, тој навистина го ценел реализмот и психолошката дисекција во „Чичко Горио“ и „Ежени Гранде“ од Балзак, „Мадам Бовари“ од Флобер и софистицираните раскази на Мопасан. Меѓу норвешките писатели тој ги претпочитал Ибзен и Бјорнсон (Нобелова награда во 1903 г.). Неговиот омилен дански писател бил раскажувачот Ханс Кристијан Андерсен. Од руските писатели тој највеќе ги ценел Тургењев и Толстој. (Го немало Достоевски во неговата библиотека.)
Меѓу Французите најмногу му се восхитувал на Виктор Иго, пацифистот и идеалистот, кој имал големо сочувство за „les misérables“, општествените отпадници. Нобел, исто така, одвреме-навреме бил канет во домот на остарениот лауреат; тие живееле блиску еден до друг во близина на „Bois-de-Boulogne“. На 83-тиот роденден на Иго во 1885 година, Нобел му ја испратил на великанот следнава телеграма:
Vive et vive de longues années …
(„Голем мајстор, да живееш долго за да го шармираш светот и да ги пропагираш твоите идеи за универзалното добротворство“).
Неговата внука Ингеборг му ја испратила „Сагата на Госта Берлинг“ на Селма Лагерлоф. На еден пријател му напишал: „Романот е многу оригинален, и иако настаните заземаат уште понелогичен тек отколку во природа, барем онака како што нам ни се чини, стилот сепак поседува привлечност за кој не може да се најдат доволно пофалби“. Во 1909 година, Селма Лагерлоф станала првата жена на која ѝ била доделена Нобеловата награда за книжевност.
Алфред Нобел и Аугуст Стриндберг биле во Париз во исто време во средината на 19 век. Сепак, се чини дека тие двајца никогаш не се запознале. Нобел, меѓу другите дела, во својата библиотека ги додал и „Луѓето од Хемсо“, „Реални утопии“ и „Одбрана на будалетинката“ од Стриндберг. Не е познато што мислел тој за писателот Стриндберг, но како професионален хемичар неговото мислење за Стриндберг алхемичарот може да се извлече од дискретните корекции на формулите што ги направил на маргините на есејот на Стриндберг насловен како „Вовед во унитарна хемија“ („Mercure de France“, октомври 1895 година).
Нобел му се восхитувал на шведскиот поет Виктор Ридберг. Тој напишал дека Пишувањето на Ридберг „означува благородност на душата и убавина на формата“. Во еден друг контекст, Нобел се опишал себеси со зборовите: „Јас сум мизантроп, а сепак крајно добронамерен, ми фали повеќе од една даска во главата и сум супер-идеалист, еден вид неталентиран Рајдберг, кој подобро ја вари филозофијата отколку храната“.
Сан Ремо, Париз, Бофорс (1891-1896)
Збирката на книги на Нобел сведочи и за длабочината и за широчината на неговото читање, дури и во области како што се филозофијата, историјата, религијата и историјата на науката. Тој бил запознаен со Волтер и Русо, филозофите на просветителството. Со особена жар го проучувал позитивизмот и Конт, антирелигиозните и филозофските идеи на Конт за општеството во голема мера одговараат на неговите. Тој, исто така, вредно вметнувал дискретни прибелешки со молив во позитивистички инспирирани дела како што се: „Историја на филозофијата“ од Џ.Х. Луис, „Потеклото на современа Франција“ од Иполит Тен, и „Историја на цивилизацијата во Англија“ на Хенри Бакл, „Историјата на падот и распадот на Римската империја“ на Гибон, „Историја на филозофијата“ на Алберт Швеглер и „Општа светска историја“ на Карл фон Ротек со својот занесен идеализам и љубов кон слободата.
Волтер, Гибон и Тен речиси сигурно биле писатели кои го привлекувале со нивната духовитост и јасен стил. Во слична насока и од слични причини му се допаднал Спенсер, систематизирачот на модерната филозофија на еволуцијата. Меѓутоа, емпиричар каков што бил, тој потешко ја „варел“ метафизиката на Кант: „Стилот на Кант е толку тежок што после неговиот чист разум читателот копнее по неразумност“.
Дарвиновото „За потеклото на видовите“ може да се најде во неговата библиотека, нешто што повеќето луѓе би го сметале за сосема очекувано нешто. Нобеловите критики за религијата и неговите идеи за еволуцијата на човекот укажуваат на силата на впечатокот што му го оставило ова дело, убедливо најреволуционерното во своето време. Неговите белешки во „Приказната за природното создавање“ од Ернст Хекел, спорна одбрана на теоријата за еволуција на Ламарк и Дарвин, зборуваат сами за себе. Нобеловите филозофски размислувања за атомите, космосот и развојот на модерната концепција на универзумот се засноваат на Демокрит, Џордано Бруно, теоријата на Лајбниц за монадите и светогледот на Хамболт. Сепак, мора да се нагласи дека Нобел, својствен скептик, секогаш читал со критичко око и резерва.

Во 1891 година, Нобел бил обврзан да го напушти Париз. Се преселил во Сан Ремо и на длабока старост, кога здравјето му било сериозно влошено, можел да продолжи да пишува. Тој веќе започнал со пишување на општествено критички роман пред да замине од Санкт Петербург, насловен „I ljusaste Afrika“ („Во најсветлата Африка“), каде што, под маската на господинот Авенир, ги изложува своите политички идеи, а исто така и нацртот на подолгиот роман, „Systrarna“ („Сестрите“), каде што разговара за верата и знаењето со слободоумниот Освалд и ја доведува во прашање божественоста на Христос. Во 1895 година тој го изработил нацртот на фарсичната сатира, „Патентираниот бацил“, заснован на догматизмот и бирократијата што ги доживеал во Англија за време на случајот Кордит. Саркастично, тој забележува: „Госпоѓата Правда отсекогаш имала парализа на нозете и затоа отсекогаш била ужасно бавна, но сега се чини дека тоа влијаело и на нејзината глава, се чини дека е премногу луда дури и за лудница“.
Во март 1896 година, Нобел ѝ пишал на Берта фон Затнер за да ѝ соопшти дека завршил една трагедија. „Го засновав моето пишување на трогателната приказна за Беатрис Ченци, но со неа се занимавав многу поинаку од Шели“. Кога станува збор за заплетот и историската позадина, се чини дека бил под влијание на портретот на Беатрис Ченци на Италијанецот Гераци, кој Нобел го прочитал во германски превод, со пенкало во рака. Откако експериментирал со голем број различни алтернативи, тој конечно ја нарекол драмата „Непријателот“. Стотина примероци биле објавени на негов трошок во Париз неколку недели по неговата смрт, но сите примероци, освен три, биле уништени во согласност со желбите на неговото семејство. Се стекнало чувството дека толку слаба драма не може во целост да го испочитува споменот на толку истакнат човек. Оваа проценка веројатно не била целосно неправедна; дијалогот на драмата изгледа затегнат, неговата карактеризација премногу црно-бела и ужасните одмазнички сцени толку бизарни што делото тешко може да се опише како стремеж кон „идеалот“.
Нобел во многу аспекти бил човек на перото: тој постојано пишувал писма, забележувал секакви фантастични идеи и планови за пронајдоци, филозофирал за потеклото на космосот и еволуцијата на човекот, разговарал за прашања за верата и знаењето, војната и мирот. Кога умрел, оставил голема збирка писма: деловна кореспонденција, писма од неговите браќа и други блиски пријатели и роднини, а исто така и копии од неговите сопствени писма. На моменти пишувал по дваесет писма на ден. Со текот на годините тој станал вешт дописник, умно прилагодувајќи го јазикот и стилот на примачот. Берта фон Затнер го опишува почетокот на нивната кореспонденција во своите мемоари: „Г-дин Нобел и јас разменивме неколку писма. Пишуваше душевни и интелигентни писма, но со меланхоличен тон. Изгледаше дека е несреќен, мизантроп, високо културен и поседува длабоко филозофско сфаќање за светот. Швеѓанец, чиј друг мајчин јазик беше рускиот, пишуваше со истата точност и елеганција на германски, француски и англиски јазик“.
Во неговите приватни писма сакал да се прикажува како болно старо мрчало, грд и недружељубив. Но, тие исто така сведочат за трогателната грижа за неговите најблиски, особено неговата мајка и децата на неговите браќа. Во други писма, неговите зборови може да делуваат многу остро. Кога неговиот брат Лудвиг го прашал во 1887 година дали сака да придонесе за биографијата на семејството Нобелови, неговиот одговор бил: „За мене е невозможно да пишувам биографии, освен ако тие не се кратки и концизни, а тоа се, мислам, најелоквентните. На пример: Алфред Нобел – жалосно полтронче, требаше да биден задушен од хуман лекар кога го впиваше својот плачлив влез во животот. Најголеми заслуги: да ги одржува ноктите чисти и никогаш да не биде товар за никого. Најголем недостаток: недостаток на семејство, среќна диспозиција и добар стомак. Најголема и единствена молба: да не биде жив закопан. Најголем грев: необожување на Мамон. Важни настани во неговиот живот: ниеден“.
Нобел очигледно бил фасциниран од јазикот. Во младоста, неговите книжевни таленти лежеле во поезијата, подоцна во животот во афористичкото и саморефлексивното. Концизни изрази, милозливи забелешки често зачинети со лут хумор и безмилосна самокритика, биле неговите карактеристични карактеристики.
Нобеловото самоодрекување и мизантропија биле, сепак, балансирани со цврсто втемелено верување во напредок. Технолошките пронајдоци и научните освојувања би го воделе човештвото напред, и се чини дека верувал дека добрата книжевност може да игра динамична улога при движењето во „идеална насока“.
