Кој всушност е Шерлок Холмс?

Шерлок Холмс е еден од најпознатите книжевни ликови на сите времиња. Дури и да не сте ги читале приказните, сигурно сте слушнале за него, сте гледале филм или серија за Шерлок или пак приказни инспирирани токму од овој детектив. Но, кој всушност е Шерлок Холмс? Каде почнува книжевниот Шерлок, а каде завршуваат различните интерпретации и како сето ова е врежано во нашата колективна свест? Кој е вистинскиот „голем детектив“ и каде можеме да го најдеме? Нил Мекоу ја следи еволуцијата на Шерлок во одличното видео објавено на платформата TED-Ed. Подолу прочитајте транскрипцијата на македонски јазик, а на крај на текстот погледнете го и одличното видео.

Повеќе од еден век откако првпат се „појави“ во улиците на викторијанскиот Лондон полн со магла и светилки на гас, Шерлок Холмс е универзално препознатлив лик. Дури и неговата гардероба и додатоци се незаборавни: наметката, капата од еленска кожа, и лулето од калабаш, а ликовите како што се неговиот најдобар пријател и цимер, доктор Вотсон, главниот непријател Мориарти и домашната помошничка г-ѓа Хадсон, станаа дел од популарната свест, заедно со неговите извонредни, непогрешливи моќи за дедукција што ги користи во име на законот, неговата озлогласена употреба на дрога и неговата популарна фраза „Елементарно, драг мој Вотсон“.

А сепак, голем дел од овие најпрепознатливи карактеристики на Холмс не се појавуваат во оригиналните приказни на Артур Конан Дојл. Одличниот детектив на Дојл решава злосторства на секакви начини, не само преку дедукција. Тој шпекулира, понекогаш дури и нагаѓа, и редовно прави лажни претпоставки. Дополнително, г-ѓа Хадсон едвај се споменува, никој не вели „Елементарно, драг мој Вотсон“, а детективот и неговиот помошник живеат одвоено во поголем дел од времето. Мориарти, големиот негативец, се појавува само во две приказни, употребата на дрога од страна на детективот ретко се појавува по првите два романи, а Холмс ретко е воодушевен од англискиот правен систем; тој претпочита да спроведе свој сопствен облик и замисла на природната правда отколку да се држи до словото на законот.

Конечно, многу од најпознатите незаборавни елементи што ја сочинуваат легендата за Холмс, не се ниту на Дојл. Капата од еленска кожа и наметката првпат ги вовел Сидни Паџет, првичниот илустратор на приказната. Заобленото луле го избрал американскиот актер Вилијам Жилет за публиката појасно да го види неговото лице на сцената, а фразата „Елементарно, драг мој Вотсон“ ја измислил авторот и хуморист П.Џ. Вудхаус.

Значи, кој всушност е Шерлок Холмс? Кој е вистинскиот голем детектив и каде можеме да го најдеме? Пуристите можеби ќе одговорат дека оригиналниот Шерлок инспириран од универзитетскиот ментор на Артур Конан Дојл, д-р Џозеф Бел, е вистинскиот Шерлок. Но, останува фактот дека таа верзија на Шерлок во голема мера е засенета од огромниот обем и простор за интерпретација, оставајќи го детективот на Дојл во голема мера непрепознатлив. Па во таа насока, има уште еден, покомплексен, но можеби и позадоволувачки одговор на прашањето, но за да стигнеме дотаму, прво мора да ја разгледаме широката палета на толкувања за големиот детектив.

Од првата приказна на Конан Дојл во 1887 година, имало илјадници екранизции и реобмислувања на Холмс, што го прави можеби најадаптираниот измислен лик во светот. Тој процес започнал со викторијанските сценски прилагодувања и се забрзал со појавата на филмот. Имало повеќе од стотина филмски екранизации на Холмс само во првите две децении на 20 век. И оттогаш, имало уште илјадници други во печатена форма (книги, раскази, дела, м.з) и медиуми, но и на филм, телевизија, сцена и радио.

Холмс беше одново обмислуван од луѓето насекаде, на неверојатно различни и често контрадикторни начини. Овие прилагодувања и обмислувања ја покажуваат и популарноста на Холмс и неговата податливост. На пример, тој се „појавил“ и во голем број сојузнички антинацистички пропагандни филмови за време на Втората светска војна. И Винстон Черчил и Френклин Делано Рузвелт биле страсни ентузијасти за ликот на Холмс, а вториот дури и се приклучил на „Бејкер Стрит Ирегуларс“, друштво составено од љубители и обожаватели на Холмс, и го носи името на позната уличка „Бејкер Стрит“ што често се појавува како локација во приказните. А сепак, во исто време, Холмс се појавил и во различни филмски екранизации на германски јазик, а за некои се вели и дека му биле омилени на Адолф Хитлер.

Па да се вратиме на нашето прашање. Дали вистинскиот Шерлок Холмс би сакал да крене рака? Вистината е дека овој свет на обмислување го претвори Шерлок Холмс во палимпсест. Шерлок е културолошки текст, постојано менуван со текот на времето, бидејќи секоја нова интерпретација ги надградува оние пред неа. Ова значи дека Шерлок постојано се развива, отелотворувајќи идеи и вредности често далеку од оние што се наоѓаат во творештвото на Конан Дојл.

И по завршувањето на секоја посебна приказна, Шерлок повторно се крева, малку изменет, можеби, со ново лице и свежи манири или превртени или променети фрази, но сепак во суштина тој останува Шерлок, нашиот Шерлок.

Во продолжение погледнете го видеото:

Leave a comment