Мистериите, крими-романите и трилерите се дефинитивно меѓу омилените типови книги кај нас. Читателите редовно купуваат и споделуваат позитивни осврти за ваквите приказни и се чини дека постојано бараат уште. Ова се приказни што понекогаш се страшни, секогаш мистериозни, нè тераат да размислуваме и погодиме што е вистината, а и добри се за опуштање. На блогот веќе неколку пати имаше препораки за интересни трилери, мистерии и крими-приказни, а со оглед на тоа дека се ближат новогодишните и божиќни празници, денес на блогот можете да прочитате уште неколку интересни приказни, сите различни, но подеднакво интересни.
„Фифти фифти“ – Стив Кавана

Издавачка куќа: ТРИ
Опис: Стив Кавана како автор го открив пред некоја година и веднаш ме привлече неговиот стил на пишување трилери. Првиот негов роман што го прочитав претходно го препорачав во рубриката. Па така, кога видов дека ТРИ издале нова книга од него, веднаш ја прочитав и тоа во еден здив.
Доколку сакате интересни трилери и судски драми, ова е одлична книга за вас. Приказната започнува со убиството на еден многу познат и богат човек. Полицијата речиси истовремено добива два повици за помош и двата повици се од неговите ќерки, сестрите Софија и Александра. Софија тврди дека Александра го убила, додека пак Александра го вперува прстот во Софија.
И тука настапува Еди Флин, необичниот, но ефективен адвокат кој решава да ѝ биде адвокат на едната сестра. Тој прифаќа клиенти за кои е уверен дека се невини. Дали неговото претчувство и овојпат ќе покаже дека е во право? Тоа ќе го откриете заедно со Еди, а приказната ќе ве држи во неизвесност сè до самиот крај.
„Врева на долниот кат“ – Линвуд Баркли

Издавачка куќа: МАТИЦА
Опис: Линвуд Баркли секогаш го вбројувам во моите омилени писатели на трилери. Иако тој следи прилично едноставни и проверени формули за неговите приказни, сепак секогаш успева да биде неверојатно ефективен и истовремено создава интересни ликови и убаво ги разработува односите меѓу ликовите и начинот на кој приказната се одвива. Секогаш кога ми се чита трилер, а немам идеја што да читам, се вртам кон Баркли и досега ме нема разочарано, па така уживав и во овој роман.
Романот започнува кога Пол Дејвис случајно една вечер го забележува автомобилот на својот колега и го следи, а потоа на задното седиште од автомобилот на колегата забележува мртви тела и одеднаш е нападнат и итно пренесен во болница каде едвај преживува. После долго време опоравување, тој сè уште не може целосно да си дојде на себеси и покрај поддршката од својата сопруга.
За целосно да се справи со она што му се случило, тој решава на машината за пишување да пишува за својата траума и самиот да го истражува случајот. Но, истовремено почнуваат да му се случуваат чудни работи, најпрво тој почнува да слуша чудна врева во својот дом, но никој друг освен него не ја слуша. Дали тој полудува или се ближи до вистината? Како што се расплеткува приказната, така и ние почнуваме да се сомневаме и се трудиме да погодиме што е вистината. Доколку ве интересираат интересни трилери, ова е супер книга за вас.
„Туѓинецот на свадбата“ – А. Е. Гонтлет

Издавачка куќа: САКАМ КНИГИ
Опис: Овој трилер-драма се чита во еден здив, речиси и на едно седнување. Приказната започнува на свадбата на Ени и Марк. Денот е прекрасен, сите се среќни, а одеднаш таа здогледува еден чуден лик, човек што никогаш дотогаш не го видела, но се чини дека тој ја знае неа. Свадбениот месец започнува, но ни оддалеку не е како свадбеното патување од бајките и се чини дека нешто се крши меѓу Ени и Марк.
Ени е втората сопруга на Марк. Тие двајца официјално се запознале на групна терапија за трауми, и иако Ени не верува во љубов и преживеала многу загуби, сепак му дава шанса на Марк и тие двајца се заљубуваат. Па така Ени дознава дека првата сопруга на Марк исчезнала без трага и никој не знае што се случило со неа. Дали некако Марк е поврзан со тоа и на кој начин? И како туѓинецот од свадбата е вклучен во целата приказна?
„Знакот на четворицата“ – Артур Конан Дојл

Издавачка куќа: АНТОЛОГ
Опис: Некако не оди да се даваат препораки за мистерии, крими-романи или трилери без да се оддаде и должна почит на старите добри класици, незаменливи во светската книжевност. Па така, кога немате што да читате, а ви се чита добра мистерија, приказните за Шерлок Холмс се секогаш добра идеја.
„Знакот на четворицата“ е вториот роман на Дојл за легендарниот детектив и неговиот придружник д-р Вотсон (првиот е „Скарлетна студија“) и се работи за вистинска мистерија и авантура што ќе ве пренесе во стариот Лондон, но и надвор од него, во свет во кој демнеат многу мистерии и опасности. Мери Морстон доаѓа кај Шерлок Холмс затоа што ѝ е потребна неговата помош. Нејзиниот татко исчезнал пред многу години, а таа од веќе некое време на истиот датум добива подарок од непознат испраќач. Она што ја охрабрува да дојде и да побара помош од Холмс е фактот што добила писмо од испраќачот во кое тој ѝ предложува да се сретнат. Дали тука лежи клучот за разрешувањето на исчезнувањето на нејзиниот татко?
„Поштарот секогаш ѕвони двапати“ – Џејмс М. Кејн

Издавачка куќа: ИКОНА
Опис: Уште еден вистински класик се најде на оваа листа со препораки, роман што во времето на своето објавување предизвикал контроверзија поради својата тематика и начинот на кој ја обработува. Објавен во 1934 година, се зборува дека овој роман извршил големо влијание врз Албер Ками и бил сериозна инспирација при пишување на „Странецот“.
Дејството во приказната се фокусира на Френк Чемберс, кој е и наратор на романот. Тој е скитник што често има проблеми со законот, кога пристигнува во едно запуштено место и мала гостилница во Калифорнија. Таму тој се запознава со газдата на гостилницата, Ник, и неговата сопруга Кора. Ник му нуди работа и Френк решава да ја прифати. Но, набрзо тој започнува страсна љубовна врска со Кора и решаваат дека мора да се ослободат од Ник и почнуваат да кројат план. Првиот план пропаѓа, но иако после тој обид решаваат да ја баталат работата, наскоро околностите ги наведуваат да скројат малку поинаков план, но прашањето е дали сосема успешно ќе го остварат и како сите последователни настани ќе влијаат на нивната врска. Романот е краток, но многу ефективен. Се чита за еден ден, а освен што приказната ќе ви го држи вниманието до крај, во неа се содржани и многу интересни размисли за моралност, правдата, предавството, измамата, но и последиците од непромисленото и злонамерно однесување.
