Зошто треба да ја прочитате „Автопортрет со седум прсти“ од Ацо Шопов?

Ацо Шопов (20 декември 1923 – 20 април 1982) е несомнено еден од најзначајните македонски поети, еден од основополжниците на македонската современа поезија. Годинава во издание на издавачката куќа „Антолог“ излезе од печат книгата „Автопортрет со седум прсти“, збирка со собрани писанија, размислувања, есеи и интервјуа на Ацо Шопов низ текот на децениите.

Во чест на годишнината од неговото раѓање, решив да ја прочитам со цел подобро и повеќе да научам за поетот и човекот, преку неговте непосредни размислувања. Поезијата на Ацо Шопов отсекогаш ми била многу моќна и ефективна во својата суштина, а по читањето на книгава мислам дека уште повеќе ми се зацврсти почитта кон Шопов, токму поради постојаноста на неговите ставови и неговата искрена љубов и посветеност кон македонската култура, издаваштво и македонската книжевност.

Зошто треба да ја прочитате книгата?

Затоа што сите сме навикнати да го читаме Шопов преку неговите стихови, што е сосема разбирливо бидејќи тоа е неговото плодно тло и точка што го прави толку легендарен и препознатлив во македонската историја. Но, оваа книга дава увид и во длабокиот интелект на Шопов, неговите непосредни размислувања, дилеми, идеи, понекогаш и критики за работите што се однесуваат на македонската книжевност, која во тоа време уште била во зародиш. Но, од секоја страница и блика љубовта на Шопов кон поезијата и нејзината снага велејќи дека „магичната моќ на поезијата се состои во постојаното очовечување на животот“, но и љубовта кон зборот „за неговата секогаш објаснувана и никогаш објаснета моќ за миг да ни ја подотвори вратата и еден свет на чудна убавина и ред, а потоа, речиси во исто време да нè врати назад во животот кој привидно и понатаму тече со својот хаотичен тек.“

Шопов често размислува и за позицијата и улогата на поезијата во модерниот живот, поставува прашања што и денес се често на умот и во дискусиите во книжевната јавност. На пример, во 1962 година тој вели:

„Песната, поезијата е човечка судбина, судбина сфатена како една од најсуштинските човечки одредби, нешто историски се раѓа и живее со него, па затоа нејзиното одречување значи одречување на човекот како човек. Умирањето на некои теории и гледиштата, што е впрочем сосема природно и разбирливо не е и умирање на поезијата. Таа личи на онаа феникс-птица што изгорува во своето гнездо за да се роди уште поубава и пораскошна од сопствената пепел.“

Со оглед дека собраните текстови се низ период на децении, она што е интересно и што се забележува додека ја читате книгата, е постојаноста на Ацо Шопов во однос на неговите ставови. На пример, во 1982 година, точно 20 години по горенаведениот извадок, во едно интервју, Шопов запрашан за поезијата вели:

„Моето досегашно поетско искуство ме учи дека вистинската поезија е свест за онаа скриена тајна, многу значајна и до крај недогатлива смисла на животот, понирање во оној ред на нештата што се наоѓа некаде длабоко закопан под хаотичноста на појавните облици. Таа е предизвик за патувањето во неизвесноста, кон непознатото, таа е клуч што ги отвора вратите на оној чудесен свет кој ако веќе еднаш во него се навлезе може да нè доближи, да ни ги објасни и да ни ги направи прифатливи суштинските прашања на времето во кое конкретно живееме, и на времето во кое конкретно живееме, и на времето во кое животот како таков се одвива и тече.“

Она што паѓа во очи уште на самиот почеток на книгата е следниот извадок во кој Ацо Шопов размислува за времето во кое што се живеело тогаш, како на пример:

„Дали ова време што го живееме и чии граници човештвото ги раширува фантастично смело и фантастично брзо, не е и време што ја убива поезијата? Дали тоа не е мртво за неа, или пак таа мртва за него? За кого ѕвонат ѕвоната на нашето време?“

Читајќи го ова не можеме, а да не си ги поставиме токму истите прашања, а дополнително понатаму, Шопов, го наведува следното:

„И навистина, сè e изместено од своите зглобови. Немирот е тотален, универзален, на сите ширини и должини географски и човешки: немир – војна и галоп за секаква надмоќ и престиж, немир – страв од атомска катастрофа, немир – крваво пресметување со сите сеништа на минатото, немир – исправање на човекот, извишување во неговите човешки достоинства, стапување на прагот на вистинската историја, немир – одбрана на вистината, немир – радост што ја соопшти човековиот глас од вселената, немир на земјата, немир – над земјата…

Навистина, ова атомско време, ова време на такви научни достигања што ја оставаат зад себе и најсмелата и најбогатата фантазија сретната во досегашната уметничка литература, ова времена технички чуда, време на роботи што можат за неколку мига да извршат такви операции за кои не е достатен и еден цел човешки живот, што можат да напишат песна што ќе ги задоволи сите естетски барања, ова време на вселенски бродови што ќе го одведат човекот во тајните на светот, ова време… дали ова време е навистина невреме за поезијата?“

Овој извадок е како совршено пресликан за времето во кое живееме, за тензиите и војните што беснеат низ светот, а некаде низ редовите дури можеме да насетиме дискусија што денес би била и соодветна за ова време на вештачка интелигенција. Токму затоа и можеме да тврдиме дека Шопов е безвременски интелектуален и поет, бидејќи освен што неговата поезија е безвременска и ги надминува временските и географските граници, така и неговите ставови, дилеми и размислувања се провлекуваат низ времето и се многу релевантни и денес. Постојаноста на ставовите на Шопов, како и неговата неверојатна љубов и верба во поезијата се гледа токму тука, бидејќи во еден запис изнесен неколку години подоцна од горенаведениот, тој вели:

„Многумина ѝ пророкуваат црна иднина на поезијата. Модерното атомско време, власта на науката и техниката и тоталната урбанизација на животот ја истиснуваат потребата од поезијата, тврдат тие. Не сакам да бидам никаков пророк, но ми се чини дека токму во ова време, можеби повеќе отсекогаш, поезијата како една од еманациите на духот му е потребна на човекот и светот со своите хуманистички пораки.“

Според Шопов, времињата во кои тој живеел и творел биле времиња кога светот „морничаво настојува да се пронајде себеси“. Тој поставува и многу добро прашање за улогата на поезијата во сето ова: „Што може да стори поезијата за тој свет распнат меѓу меѓубројни нерешени дилеми, сомневања, страв, надежи? Да повикува, да предупредува, да удира, да охрабрува? Да му помага на човека да допатува до себеси?“

Живеејќи во овој бурен 21 век, зарем не важи истото и денес? Зарем и денес не ни е исто толку потребна поезијата, да ни помогне да ги канализираме емоциите и да испрати една огромна порака и да ни помогне со оваа светска анксиозност?

За македонската поезија и книжевност

Низ текот на целата книга и изложените записи, неизмерно се гледа почитта на Шопов за нашите, скромни, но сепак постојани книжевни и поетски традиции. Имено, според Шопов, поетскиот текст „што го создал нашиот народ и во кој среќаваме и такви човечки драми што се достојни и за најголемите мајстори на перото, инспирирал и бил образец на многу поетски генерации, а и денес многу наши поети во него откриваат и мотиви и поводи за своето оригинално поетско создавање.“ Понатаму тој продолжува: „Нашата денешна поезија не е овошка пресадена од туѓо тло. Иако скромни, нашите поетски традиции никнуваат во недрата на богатото народно поетско творештво, а нашата поетска реч умеела да ги довтаса и вишините на кои се искачила поезијата на другите народи.“

Во таа насока, Шопов често низ текстовите ги споменува најважните текстови, поети и книжевници, како на пример „Зборникот на браќа Миладиновци“, за кој вели дека е „неисцрпен извор на една духовна активност“ и „поетски документ за свеста и самосвеста на еден народ“, кој „во допирот со сегашните генерации го воспоставуваше оној нужен историски континуитет без кој сегашнината на нашата литература не би можела правилно да се разбере и оцени“.

Очигледна е и неверојатната почит со која Шопов пишува и зборува за „Бели мугри“ и Кочо Рацин, често потенцирајќи ја важноста на оваа стихозбирка, која како што вели тој, „патува од генерација до генерација и со несмалено поетско дејство допира до највозвишените и најхумани идеали на современиот човек, до она што е смисла и суштина на битието негово.“ Во едно интервју, тој вели дека во „делото на поетот Кочо Рацин, јас наоѓам мноштво прашања кои ги мачеле македонските поети од 19-от век, но овој поет, за разлика од претходните, умеел не само поинаку поетски да ги обликува, туку и да им даде најадекватно решение“. Во еден понатамошен запис, Шопов дава можеби и најконкретен и прекрасен опис на Рацин, поетот и борецот:

„Творец со богата поетска имагинација, природа обдарена со вонреден модерен сензибилитет, Рацин проникнува во суштинските проблеми на своето време и својот народ и израснува како човек и поет кој во борбата на пролетеријатот и на поробениот народ ја наоѓа основната смисла на своето постоење. Тој израснува како страствен патриот што се стреми со сите сили кон идеалот на националното ослободување, но истовремено тој е пролетер и револуционер, па оваа свест и класна одреденост го условуваат и карактерот на неговиот патриотизам. Основа на Рационовиот патриотизам е интернационализмот на неговата класа, општочовечкиот хуманизам.“

Интересни се и записите за Младинските бригади за борба против неписменоста и неговите размисли, критики и предлози како тие да се разработат и колку силна треба да е борбата против неписменоста, но и колку е важно да се работи со младите и младината, како и за младинските гласила. Младите се тема што често се провејува низ текстовите дури и кога фокусот не е конкретно врз нив.

Љубовта кон Македонија е исто така силно присутна, преку своето делување и творење, па и самиот вели дека Македонија е негова силна инспирација при творењето и тоа секако самите ќе го откриете низ целата книга.

Поезија, политика и сатира

Она што е фасцинантно во книгата се и размислувањата околу сатирата и сатиричната поезија, но и одговорноста на уметникот во општеството. Во поглед на одговорноста, Шопов вели:

„Општеството не е никаква мртва фикција. Тоа е организам од живи луѓе, односи, текови, интереси, сфаќања, тенденции. Благородни, хумани, себични, прогресивни, конзервативни. Одговорноста на уметникот пред општеството е високо развиена, чувство, свест за одбрана и афирмација на оние вредности од кои животот станува побогат, посовршен, почовечен. Одговорноста е акција во уметничка форма. Неспокој. Несон. Судба.“

Околу сатирата, запрашан за тоа немаме развиена сатирична литература, тој дава сопствена „дијагноза“, велејќи дека причините „можат да се побараат во нашиот своевиден комодитет, во напластеното сало на нашето спокојство и нечувствителност кога се работи за другите, во пречувствителноста кога сме ние во прашање, во недостигот на готовност да се видиме самите себеси во искривено огледало, да се потсмеваме на себеси и на нашите општествени и приватни мани.“

Тој исто така бил противник на снобизмот и елитизмот особено во културата, на едно место вели:

„Револуционерот престанува да биде револуционер ако го изгуби усетот за новото, за утрешното, но тој двапати побргу престанува да биде тоа ако во неговите претстави за новото и утрешното не се крие всушност ништо друго туку помодарското, коњуктурното, квазимодерното, како и слепилото на снобизмот.“

Во едно друго интервју, тој вели дека е рамнодушен кон „сè што иде со помпа, самофалби и лажен сјај.“

Кога станува збор за политиката и уметниците, тој смета дека „никој денес, а а најмалку писателот, не може да живее надвор од политиката. Секој човек, посебно творецот, всушност е активно ангажиран на политички план. И тоа не е лошо. Лошо е кога политиката се претвора во политикантство.“ Всушност, очигледно е дека овој став бил силно зацврстен кај него, бидејќи се повторува во неколку наврати, еден од највпечатливиот е извадокот: „Писателот е свест на нацијата. Тој мора да е политики ангажиран. Тоа не значи дека литературата треба да им служи на дневните политички потреби.“

Но, исто така тврди и дека „без етика – нема творештво!“

Инспирација, поезија, песни

Една друга причина поради која треба да ја прочитате оваа книга се интересните информации што ги добиваме како читатели за размислувањата на Шопов за своето творештво. Неколку пати низ книгата се споменува и Вера Јоциќ, која е инспирација за легендарната и можеби и најпознатата песна на Шопов, „Очи“. И со секое споменување на Вера Јоциќ и навраќање на спомени за неа, се чувствува почитта на Шопов кон неа, но и на сите останати што биле со неа, а добиваме и слика за нејзиниот карактер и личност.

Всушност, Ацо Шопов неколку пати ја спомнува „Очи“ како една од неговите најдраги и најзначајни песни, дури и по неколку децении откако ја објавил. Иако, во еден дел вели дека можеби на позрели години би променил некои работи, сепак е многу горд на таа песна. Понатаму ги споменува и „Лузна“, „Љубов“, „Долго доаѓање на огнот“ и други, а во неколку наврати ја издвојува и збирката „Гледач во пепелта“, иако, во еден од записите е запрашан кои песни би ги вклучил во негова антологија и самите ќе откриете кои песни ги издвоил.

Тој исто така често зборува за своите почетоци и поттици, имено неговата мајка и Ванчо Прке, кои значително влијаеле врз него, неговата љубов кон поезијата и неговата одлука да влезе во поетските води.

За издавачка дејност и односот кон книгата

Низ текот на извадоците во книгата ние и многу јасно добиваме слика за многу од ставовите на Ацо Шопов во поглед на издавачката дејност во Македонија. Многу отворено и директно тој ги споделува своите дилеми и критики во однос на издаваштвото и често дава предлози како издаваштвото како дејност да се подобри, како и целокупниот однос кон книгата како таква во македонското општество. Се поставува и прашањето за економската одржливост на книгата и дали е праведно книгата да се третира како обична стока. Дел од работите што тој ги споменува и дел од прашањата што се поставуваат всушност се многу релевантни и денес, а некои од проблемите се чини дека се провлекуваат низ децениите.

Уште една интересна тема која се гледа дека му била драга е препевот и преводот како дејност, а често зборува и се споменува неговиот превод на „Хамлет“ на Шекспир, а се споменува и еден интересен факт, а тоа е дека општо првиот превод на Шекспир на македонски јазик е драмата „Отело“, во препев на Блаже Конески, по што следел „Хамлет“ на Шекспир во негов превод.

И особено мора да се издвојат текстовите „Сончева колона“, „Во пет и седумнаесет“ и „Дванаесетмината од сончевата колона на младоста“, последниот е за младинците од Ваташа.

Треба да ја прочитате оваа книга заради вредноста што ја има и мислам дека оваа книга покажува колку е потребно да имаме повеќе нови изданија со извадоци, интервјуа и записи од сите наши големи дејци и книжевници, да ни се доближи нивната човечка страна, но и новите генерации да прочитаат непосредно и директно за нивните креативни и творечки предизвици, желби, интереси, но и нивните критики, размислувања и интелектуални позиции, за да можеме да осветлиме и дознаеме нови агли и да учиме од нивните писанија. Ова е една таква важна и значајна книга што секому треба да падне во рака.

*Цитатите и мислите се преземени од: Шопов, Ацо. Автопортрет со седум прсти. Скопје: Антолог, 2024

Leave a comment