Прекрасни мисли од „Мостот на Дрина“ од Иво Андриќ!

Мостот на Дрина“ од Иво Андриќ е еден од најголемите романи што биле издадени на овие простори, а благодарение на овој фантастичен роман, Андриќ стана првиот (засега и единствениот) добитник на Нобеловата награда за книжевност од Балканот. Се работи за еден фантастичен и прекрасен роман што ја пренесува историјата на величественото здание на мостот на Дрина, неговата историја и градба, но и историјата на луѓето што живееле на тие простори и длабоко проникнува во душата на луѓето, нивниот карактер и нивната историја и тоа е причината поради која ова дело е безвременско и треба да се прочита неколку пати во животот.

Кафе и книги неодамна го препорача ова неверојатно дело во својата стандардна рубрика со препораки, а заради моќноста на книгата и запишаните мисли, денес на блогот можете да прочитате бројни прекрасни мисли и размислувања од книгата што ќе ве поттикнат на размислување, но и можеби ќе ве поттикнат да ја (пре)прочитате оваа неверојатна книга.

„Смртта е најтешкиот залог.“

„Луѓето што не работат ништо и што не преземаат ништо во животот, лесно го губат трпението и паѓаат во грешки кога судат за туѓа работа.“

„Оти во некои луѓе има беспричински омраза и завист што се поголеми и посилни од сето она што други луѓе можат да го создадат и измислат.“

„Оти сите ние умираме само еднаш, а големите луѓе по два пати: еднаш кога ќе ги снема од земјата, а вториот пат кога ќе пропадне нивната задужбина.“

„…зашто ништо не ги поврзува луѓето така како заеднички и среќно преживеана несреќа. И тие се чувствуваат цврсто поврзани со сеќавањето на таа мината неволја. Затоа тие толку ги сакаат тие спомени на најтешкиот удар што им се случил во животот, и во нив наоѓаат задоволства што на помладите им се неразбирливи.“

„Заборавот лекува сè, а песната е најубавиот начин на заборав, затоа што во песната човек се сеќава само на она што го сака.“

„Така во нив влегува несвесната филозофија на касабата: тоа дека животот е неразбирливо чудо, затоа што постојано се троши и го снемува, сепак трае и стои цврсто „како мостот на Дрина“.“

„…но во дното на душата, на она вистинско и последно дно што не му се открива никому, останува сеќавањето на она што минало, и свеста дека она што еднаш било секогаш може да се врати; останува и надежта, безумната надеж, таа голема предност на угнетените.“

„Зашто оние што владеат и мораат да угнетуваат за да владеат, осудени се да работат разумно; а ако, понесени од својата страст или натерани од противникот, ја преминат границата на разумните постапки, стапнуваат на лизгав пат и со тоа самите го означуваат почетокот на својата пропаст. Додека оние што се угнетувани и искористувани лесно се служат и со разумот и со безумието, затоа што тоа се само два вида различно оружје во постојаната, час подмолна час отворена борба против угнетувачите.“

„Но неволите не траат вечно (и тоа им е нешто заедничко со радостите), туку поминуваат или барем се менуваат, и се губат во заборавот.“

„Оти луѓето сакаат такви разговори за падови и понижувања на оние што ќе се издигнат премногу и ќе полетаат.“

„Само судбината, нејзината судбина, безизлезна, неминовна, утрешна, се извршува и се исполнува, паралелно со времето што минува, во тишината, во неподвижноста и во празнината што останува зад сè.“

„Ова е нешто вредно за жалење, но и нешто што не може да се смени, затоа што во моментите на општествени потреси и на големи, неминовни промени, напред обично избиваат токму вакви луѓе и, нездрави или нецелосни, ги водат нештата наопаку и во ќор-сокак. Токму во тоа и се наоѓа еден од знаците на нарушени времиња.“

„Старите сфаќања и старите вредности се судираат со новите, се мешаат меѓу себе или живеат паралелно, како да чекаат кој кого ќе надживее.“

„Така е човечкиот живот скроен – и самиот Господ Бог тоа го имал посакано да биде така – за со секој грам добро да идат и два грама зло, дека на земјава не може да има ниту добрина без омраза ниту големина без завист, како што го нема ниту најмалиот предмет без сенка.“

„Секоја човечка генерација има своја илузија во односот кон цивилизацијата; едни веруваат дека учествуваат во нејзиното распалување, а други дека се сведоци на нејзиното гаснење. А, всушност, таа постојано и гори и тлее и се гасне, во зависност од кое место и под кој агол ја набљудуваме.“

„Темелите на светот и основите на животот и на човечките односи во него се утврдени со векови. Тоа не значи дека тие не се менуваат, но, мерени со должината на човечкиот живот, изгледаат вечно.“

„Зашто, не е човечката желба таа што располага и што управува со нештата во светот. Желбата е како ветрот, го преместува правот од едно место на друго, го замрачува понекогаш со неа сиот видик, но на крајот стивнува и паѓа ја остава старата и вечна слика на светот зад себе.“

„Трајните дела на земјата се остваруваат со божја волја, а човекот е само нејзино слепо и покорно оружје. Делото што се раѓа од желбата, од човековата желба, или не доживува остварување или не е трајно; во секој случај не е добро.“

„А навистина големите луѓе, како и големите градби, никнуваат и ќе никнуваат онаму каде што им е определено местото со божјата промисла, независно од празните, минливи желби и човечката суета.“

„Оти на љубовниците времето им е секогаш кратко и ниедна патека не им е доволно долга.“

„…но најмногу пешачат, и тоа одејќи онака како што одат двајца луѓе што постојат само еден за друг и со оној карактеристичен чекор што веќе самиот по себе кажува дека се рамнодушни за сè на светот освен за она што имаат да си го кажат еден на друг.“

„Човек што не сака не е способен ниту да ја почувствува големината на туѓата љубов, ниту силата на љубомората, ниту опасноста што се крие во неа.“

„Ти за ништо не се грижиш, и ти ниту сакаш ниту мразиш навистина, зашто и за едното и за другото човек треба барем за миг да излезе од себеси, да се изложи, да се заборави, да се надминат себеси и својата суета.“

„Најбедната и најтрагична од сите човекови слабости несомнено е неговата целосна неспособност за предвидување, која е во општа спротивност со толку многу негови дарови, вештини и занимања.“

„Според тоа како се свиткува во себе и како се крши во својата најдлабока длабочина, чувствува како сиот товар на љубовта, која тој ја беше предизвикал, да лежи на неа, а како тој да се губи некаде во маглата и во далечината што таа не смее да ја нарече со вистинското име. Оти, заљубената жена, и кога е целосно разочарана ја сака својата љубов како несудено дете.“

„Сè во неа го збоува и го повторува секогаш тоа истото – да се умре! да се умре! – ама не се умира, туку се живее со таа неподнослива мисла во себе.“

„Како што тоа често се случува во човековата историја, премолчено се допуштени насилството и пљачкосувањата, па и убивањето, под услов да се извршуваат во името на виши интереси, под утврдени пароли, над ограничен број на луѓе, со определено име и убедување. Човек со чист дух и со отворени очи, кој живее тогаш, може да види како се извршува тоа чудо и како едно цело општество се преобразува во еден ден.“

„Така им минува ноќта и со неа и животот, сиот сочинет од опасности и страдања, но јасен, непоколеблив и прав во себе. Водени од древни и наследени нагони, тие го цепкаат и го делат на моментални впечатоци и непосредни потреби, целосно губејќи се во нив. Оти само така, живеејќи го секој миг одвоено и не гледајќи ниту напред ниту назад, ваквиот живот може да се поднесе и човекот жив да се сочува за подобри дни.“

„Може сè да биде. Само едно не: не може целосно и засекогаш да исчезнат големи и умни, а луѓе со душа, кои за божја љубов ќе креваат трајни зданија, за земјата да биде поубава и човекот да живее полесно и подобро на неа. Кога нив би ги снемало, тоа би значело дека и божјата љубов ќе згасне и ќе ја снема од светот. Тоа не може да се случи.“

*мислите се преземени од Андриќ, Иво. Мостот на Дрина. Скопје: АНТОЛОГ, 2024

Leave a comment