Македонска поезија: „Чекајќи ја Медеја“ од Гане Тодоровски!

Денес е последниот петок од 2024 година, па тоа ќе го одбележиме на најубав можен начин, со прекрасна македонска поезија и прекрасните стихови на Гане Тодоровски!

Чекајќи ја Медеја – Гане Тодоровски

Престорени сме ти во самоизмама –
А кој ли стори кој ли ни стори
душата да ни се разгори
та да си гори без да догори
и да нè изгори –

Плапотлив пламену жестока обвино
како ли повторно докај до младоста?
Или пак: како докај последното распаќе
кај што се гасне кога најповеќе се расне?

Си ги развеавме ли деновите
од пролет до пролет од жена до жена?
Колку ли години растрчани накај недопреното?
Докај ли сè докај ли сè не се повте
до која ли сè порта – небаре малечки питачи
што ги приучуваат да пружаат раце
кон сите облици на милоста –
не запревме и не потропавме?
Со колку ли грошеви и лепти и петачиња
на убавината не се збогативме?

И се престоривме во самоизмама
како сопствениците на голем имот – минатото
во којшто жешкото злато на младоста
мирува притивнато
во конвертибилата на сеќавањата
и – си ја чекаме Медеја
за да нè врати кон нови прелаги…

*Извор на песната: Тодоровски, Гане. Скопјани. 2020: Арс Ламина, Скопје

Leave a comment