Празнични препораки за читање: Божиќни и новогодишни романси…

Доколку до пред некој ден одбројувавме денови до новата година, веќе навистина не мора да го правиме тоа бидејќи веќе сме навистина пред самата завршна цел. Верувам дека подготовките се направени, како и кифличките и руската салата и сите едвај чекаме да стигнат празничните и мирни денови што ќе ни дадат малку спокој и мир, а со тоа ќе дојде и навистина заслужениот одмор. За љубителите на книги тоа подразбира и многу читање со кафе, чај или топло чоколадо и многу грицки или благо до нас.

Па така, последната објава за оваа година сакав да ја насочам кон последна тура препораки за читање, но овојпат да бидат тематски и празнични. Последниве години кај нас овој тип на книги станаа многу популарни, па затоа има и голем избор за читање. Доколку ви е потребен одмор и бегство од реалноста и истовремено уживате во празнични романтични комедии, или доколку сте љубители на празничните филмови на Нетфликс и Холмарк, овие книги се одличен избор за вас.

Кафе и книги ви посакува Среќна Нова година и среќни празници, а секако и многу прочитани книги во 2025 година!

Како намќорот го спаси Божиќ – Клер Кингсли

Издавачка куќа: САКАМ КНИГИ
Опис
: Ова е одлична книга за сите љубители на Нова година, Божиќ и симпатични романтични комедии. Илијас е типичниот божиќен намќор, човечка верзија на Гринч, кој само сака да се качува до што е можно повисоки скалила во својата кариера и сè околу Божиќ му е патетично и здодевно. Тој дознава дека неговата фирма сака да ја купи фармата на неговата поранешна девојка, на која нејзиното семејство секоја година го организира Божиќното село.

Тој на ова гледа како голема шанса за неговото унапредување и решава да отиде во малечкото градче за да ја убеди Изабел и нејзиното семејство да го продадат имотот. Но, Изабел е решена да ја сочува фармата по секоја цена, а дополнително очи не сака да му види на човекот што ѝ го скрши срцето, иако нешто во нејзиното срце затреперува кога ќе го види. Покрај нив, во книгата се појавуваат и низа други интересни ликови, што ја прави оваа книга многу симпатична и ќе ви донесе многу позитивна енергија додека ја читате, одлична за овој празничен период.

Божиќен камп – Карен Шалер

Издавачка куќа: АНТОЛОГ
Опис
: Карен Шалер е супер писателка за оние што се романтичари во душа, а на блогот веќе имам препорачано една нејзина божиќна романтична комедија, па така годинава кога повторно бев во предновогодишно и празнично решение, решив да ја прочитам оваа книга. Доколку ги сакате оние новогодишни и празнични филмови на Нетфликс и Халмарк, ова е одлична книга за вас.

За разлика од првата книга од листава, во оваа женскиот лик, Хејли, е Гринч. Хејли е амбициозна млада жена која работи во маркетинг и нема многу време да се занимава со Божиќ. Хејли се надева да добие еден голем клиент што ќе ѝ го загарантира унапредувањето, но нејзиниот шеф не е многу убеден дека може да го стори тоа, бидејќи клиентот сака нешто празнично, а таа е позната по тоа дека не е обожавателка на Божиќ. Со цел да стекне пооптимистичен дух за празниците, нејзиниот шеф ја праќа на „Божиќен камп“ каде мора да учествува во разни активности и да стекне сертификат. Таа не е среќна со ова, но смета дека само така ќе може да го добие клиентот. Таа оди таму и се запознава со еден куп личности, меѓу кои и симпатичниот Џеф, синот на сопственикот на кампот и Хејли почнува да гледа убавина во празниците. Симпатична и лесна книга, добро четиво за опуштање.

Непредвидливиот Божиќ – Кристина Лорен

Издавачка куќа: КУЛТУРА
Опис
: Оваа книга е интересна најпрво од аспект што почнува драматично. Уште од самиот старт укажува на тоа дека многу работи ќе се случуваат, затоа што приказната се отвора со тоа што Мејлин е во паника бидејќи го бакнува помалиот брат на дечкото што цел живот ѝ е симпатија. Тие се деца на најдобрите пријатели на нивните родители и секој Божиќ заедно ги минуваат празниците.

Во моментот кога Мејлин мисли дека упропастила сè, се чини дека универзумот ѝ дава втора шанса. Секако, таа втора шанса вклучува враќање низ времето и низа чудни работи, но можеби токму во тоа е магијата на Божиќ. Има многу смешни и интересни моменти, а има и патување низ времето, па затоа приказната е супер за оние што сакаат да избегаат од реалноста.

Божиќниот клуб на читатели – Сара Морган

Издавачка куќа: САКАМ КНИГИ
Опис
: Доколку сакате убаво и празнично расположение и приказни за пријателството и семејството, книгите на Сара Морган се одличен избор за вас. Секоја година читам по некоја книга од неа и сум ја препорачувала и претходно на блогот, а годинава ја читав „Божиќниот клуб на читатели“.

Се работи за една многу убава и топла приказна, со испреплетени приказни, но ја покажува моќта на пријателството и љубовта. Хети е млада вдовица што е принудена сама да води пансион по смртта на својот сопруг и истовремено да се грижи за нејзината мала ќеркичка. Од друга страна, ги имаме трите пријателки Ерика, Клаудија и Ана се најдобри пријателки од факултет, и секоја година се собираат некаде за нивниот Клуб на читателки и оваа година го избираат пансионот на Хети. Но, секако, не е сè како што изгледа на прв поглед. Ние ги запознаваме нивните ликови и животи, секоја од нив со свои предизвици и стравови, но она што ги поврзува сите е искрената љубов и посветеност на нивното пријателство. Како што се развива приказната, невозможно е да не навивате да успеат. Многу топла и убава книга!

Божиќна романса – Катрин Волш

Издавачка куќа: АНТОЛОГ
Опис
: Последната книга од списокот е за романтичари што уживаат во романси каде главните ликови се познаваат со години, но никогаш не било моментот да се заљубат едни во други. Но, празниците се одлично време за да се поттикне тоа, нели?

Моли и Ендру се многу добри пријатели и се вистинска спротивност еден на друг. Но, секоја година заедно се враќаат за Божиќ во Ирска и тоа е веќе станато нешто како традиција, иако Моли и не е нешто многу возбудена за празниците. Но, токму оваа година, се случува хаос со летовите и сосема е можно да не стигнат дома навреме и тогаш започнува нивната авантура со низа згоди и незгоди. Дали ќе стигнат дома и што сè ќе се случи во меѓувреме е прашањето кое самите треба да го откриете, но ќе уживате во смешните моменти со симпатичните ликови.

Leave a comment