Што читаше Кафе и книги во декември?

Кафе и книги од срце ви посакува Среќна Нова Година! 2025 година нека биде година на многу прочитани книги и уживање. Започна новата година, а наскоро се приближуваат и божиќните празници, одлично време за семејството, за себе и за мир во душата. Ова е и одличен период за читање, бидејќи животот во овие денови е помирен и поопуштен, идеален за читање. Па оттаму, ако барате инспирација, денес можете да ги прочитате стандардните препораки за читање, составени од книгите што ги прочитав минатиот месец (и технички година :))

Божиќна песна во проза или Приказна со духови за Божиќ“ – Чарлс Дикенс

Издавачка куќа: ПАНИЛИ
Оцена: 5/5
Осврт
: Мислам дека не постои човек што не ја знае оваа легендарна приказна. Од моментот кога Чарлс Дикенс ја објавил, па сè до денес, постојат толку многу различни верзии, инспирации, филмови, серии, цртани, што невозможно е човек барем да не ја знае основата. Со оглед на тоа што се ближи Божиќ, решив да ја препрочитам оваа прекрасна книга.

И секако, ја прочитав во еден здив. Се работи за кратко, но многу ефективно четиво. Приказната го следи намќорот Скруџ што си го троши својот живот мислејќи само на работата и парите. Но, вечерта пред Божиќ животот решава да му даде една лекција, преку трите божиќни духови што го посетуваат и го носат низ минатото, сегашноста и иднината, отворајќи му ги очите и го принудуваат да направи промени во животот. Прекрасна приказна, од срце ви препорачувам да ја (пре)прочитате, особено сега пред празниците! На сите ни е потребна повеќе топлина во срцето!

Црниот мачор: Раскази за мистеријата“ – Едгар Алан По

Издавачка куќа: ТРИ
Оцена: 4.5/5
Осврт:
Едгар Алан По го нарекуваат „Принцот на темнината“ со причина. Неговата неверојатна способност да проникне во мистериите на човечката душа, особено на потемните и помрачните аспекти е неверојатна, заедно со меланхолијата што ги придружува речиси сите негови дела.

Оваа збирка раскази е одлична, дел од нив се легендарни и многу познати како „Убиствата на улицата Морг“, „Предавничко срце“ и „Падот на куќата на Ашерови“, а некои можеби се малку паднати во заборав во смисла на општата популарност, но исто така се мрачни, морничави, но сепак вистински зборуваат за природата на човековото срце. Она што е фантастично кај пишувањето на По, е тоа што описите, звуците и поставувањето на сцените и тонот на расказите се неверојатно ефективни, па така чувството дека нешто заканувачко ќе се случи ве следи многу пред да се открие дејството. Одличен избор раскази!

На господин Филип, со љубов“ – Џулија Квин

Издавачка куќа: САКАМ КНИГИ
Оцена: 4/5
Осврт:
Петтата книга од серијалот за семејството Бриџертонови се чита на едно седнување. Од петте приказни за браќата и сестрите Бриџертонови, оваа ми е втора најдобра (најинтересна досега убедливо ми е „Виконтот што ме сакаше“).

Причината за ова лежи пред сè во карактерот на Елоиз, бунтовната, своеглава и пркосна ќерка која е оригинална и необична, но и знае да се бори за себе. Така таа случајно започнува долга преписка со сер Филип, млад вдовец што се справува со животот и неговите деца по смртта на својата сопруга. Преписката му дава идеја да ја покани Елоиз на својот имот, па ако се родат симпатии, зошто да не стапат во брак? Елоиз решава да го преземе ризикот и оди кај Филип, но притоа не известува никого, дури ни Филип, едноставно му се појавува на врата ненајавена. Па оттука почнува еден интересен процес на прилагодување, особено кога во целата ситуација ќе се вмешаат и нејзините заштитнички настроени браќа. Лесна и интересна книга, супер ќе ви дојде да се опуштите.

Неточка Незванова“ – Фјодор Достоевски

Издавачка куќа: АНТОЛОГ
Оцена: 3.5/5
Опис
: Морам да признаам дека иако сум голема обожавателка на делата на Достоевски и тој е мојот омилен автор, не бев запознаена со постоењето на ова дело и многу се израдував кога во видов на полиците на нашите книжарници и решив да биде последната книга што ќе ја прочитам во 2024 година, за да ја заокружам годината со мојот омилен автор.

Се работи за многу интересен концепт и приказна, во кој нараторка е Неточка Незванова, која раскажува за својата тешка судбина, за нејзините младешки денови живеејќи со очув што наместо да го негува талентот за виолина, негувал огорченост и скитање без кафани, оставајќи ја неа и мајка си во сиромаштија. По еден ужасен настан, таа останува сама и оди да живее во куќата на еден кнез.

Интензивноста на стилот на Достоевски е тука и низ страниците се чувствува дека таму лежи генијот кој подоцна сите ќе го запознаeме, но за жал, оваа книга останала недовршена. Книгата, т.е нејзиниот нацрт, настанал во раниот период на Достоевски, пред да биде затворен на Сибир. Кога се вратил од Сибир, Достоевски никогаш повторно не ѝ се навратил на книгата, па оттаму и завршува нагло и очигледно е дека е недовршена. Штета, бидејќи има потенцијал. Но, секако, за љубители на Достоевски ќе биде секако интересна, бидејќи ги гледаме и читаме неговите мисли и од пораните години.

Едно лето со Монтењ“ – Антоан Компањон

Издавачка куќа: ИЛИ-ИЛИ
Оцена: 3/5
Осврт
: „Едно лето со…“ е одличен серијал, каде секоја книга обработува еден голем ум од историјата. Преку куси поглавја, читателот стекнува познавања за познатите умови, но и нивните дела. Сепак, книгите не се сувопарни и не изнесуваат само обични биографски податоци, туку во сето тоа е претставено во еден сублимат со комбинирање на животот и анализа на дел од творештвото/размислувањата. Досега на блогот ги препорачав книгите од серијалот за Паскал и Бодлер, а „Едно лето со Монтењ“ е третата по ред што ја прочитав.

Монтењ денес е нашироко познат како филозоф и човекот што формата на „есеј“ ја претворил во сопствен жанр и ги популаризирал есеите како книжевна форма, но во своето време тој најмногу бил познат и како политичар и благородник. Во оваа книга, Компањон извлекува главни поенти од неговите размислувања и ги врзува со неговиот живот и биографија. Интересна книга, но и поучна, затоа што ќе дознаете повеќе детали за човекот Монтењ. Мене малку ми беше послаба од книгите за Бодлер и Паскал, но вреди да се прочита и да се има на полица.

Leave a comment