Осум интересни факти за Џејмс Болдвин!

Џејмс Болдвин, роден во Харлем, Њујорк, на 2 август 1924 година, e еден од најголемите американски писатели на 20 век. Болдвин творел во различни жанрови; тој бил романсиер, како и есеист и драматург чија работа главно се фокусира на прашања поврзани со „расата“, класата и сексуалноста во средината на 20 век.

Во 1948 година, на 24-годишна возраст, Болдвин практично без пари се преселил во Париз за да се дистанцира од фанатизмот со кој се соочил во Америка. Пет години подоцна, тој го објавил својот прв роман „Кажи го тоа во гората“, полуавтобиографска приказна за тинејџер од Харлем кој растел во 30-ти години на 20 век и кој понекогаш има предизвикувачки и затегнати односи со семејството и со црквата.

(извор: them.us)

Дури и ако сте ги прочитале сите негови дела, сепак има некои работи што можеби не ги знаете за Џејмс Болдвин, а кои денес можете да ги прочитате на блогот благодарение на порталот „Mentаl floss”.

Џејмс Болдвин бил проповедник во тинејџерските години

Мајката на Болдвин, Ема Џонс, никогаш не му jа кажала вистината за неговиот биолошки татко. Тој бил одгледан од неговиот очув, баптистичкиот свештеник Дејвид Болдвин, но нивниот однос бил затегнат. Тие имале едно заедничко нешто, во период од барем неколку години, а тоа било посветеноста кон религијата.

Во својот есеј „Писмо од еден дел во мојот ум“, Болдвин пишува за доживувањето на „продолжена религиозна криза“ и за тоа како „за време на мојата четиринаесетта година, за прв пат во животот, се исплашив – се плашев од злото во мене и се плашев од злото надвор од мене“. Тој напишал:

„Мојата младост брзо ме направи многу поперспективен од мојот татко. Немилосрдно ја истуркав оваа предност, зашто тоа беше најефективното средство што го најдов за да ја скршам неговата контрола над мене. Тоа беше најстрашното време во мојот живот, и сосема најнечесниот период, а хистеријата што произлезе од тоа внесе голема страст во моите проповеди, барем на некое време. Ми се допадна вниманието и релативниот имунитет од казна што ми ги донесе мојот нов статус и, пред сè, уживав во ненадејното право на приватност. На крајот на краиштата, мораше да се признае дека сè уште бев ученик, со моите училишни задачи, а исто така од мене се очекуваше да подготвувам барем една проповед неделно. За време на она што можеме да го наречеме мој „најславен период“, проповедав и многу почесто. Тоа значеше дека имаше часови, па дури и цели денови кога не можев да бидам прекинат — дури ни од татко ми. Го имав имобилизирано. Ми требаше повеќе време за да сфатам дека и јас се имобилизирав и дека всушност не сум избегал од ништо“.

Американскиот ренесансен сликар од Харлем, Бофорд Дилејни, му бил ментор на Болдвин

Кога Болдвин имал само 15 години, го запознал американскиот сликар Бофорд Дилејни, кого набрзо почнал да го смета за голем пријател и ментор. Болдвин, исто така, пронашол еден вид татковска фигура во уметникот и честопати го нарекувал Дилејни негов „духовен татко“. Тој рекол дека Дилејни за него бил „прв жив доказ дека Афроамериканец може да биде уметник“.

Болдвин објавувал книжевни рецензии пред да почне да објавува фикција

Првиот објавен напис на Болдвин во национално списание не било дело на фикција, туку преглед и осврт на Максим Горки, рускиот писател од крајот на 19 и почетокот на 20 век, со наслов „Максим Горки како уметник“ што се појавил во изданието на списанието „Нација“ од 12 април 1947 година. Колм Тоибин за книжевното списание „Брик“ напишал дека Болдвин бил „рецензент со став, писател со високо чувство за естетска величина, Едмунд Вилсон со вистински отров во своето перо“. Земете го, на пример, она што Болдвин имал да го каже за Горки: „Тој е далеку од внимателен писател и во никој случај не е одличен писател“. Или неговото мислење за авторот на „Поштарот секогаш ѕвони двапати“, Џејмс М. Кејн: „Не само што немаше што да каже, туку се лигавеше, така да се каже, како што всушност и самиот рече“.

Болдвин работел и како филмски критичар

Иако е најпознат по своите романи, Болдвин пишувал и критики. Во својот долг есеј со должина на книга, насловен како „Ѓаволот си наоѓа работа“, тој пишува за американската кинематографија на ист начин како што ги пишувал своите романи, и бил особено заинтересиран за тоа што киното има да каже за „расата“.

Зборувајќи за „Егзорцист“, Болдвин напишал: „Безумната и хистерична баналност на злото претставена во „Егзорцист“ е најстрашното нешто во филмот. Американците секако треба да знаат повеќе за злото од тоа; ако се преправаат поинаку, лажат, и секој Црнец, и не само Црнците, туку и многу, многу други, вклучително и белите деца – може да се спротистават на оваа лага, бидејќи тој што бил третиран како ѓавол го препознава ѓаволот кога ќе го сретне.“

Тој претпочитал да пишува на рака

Иако поседувал машина за пишување, Болдвин претпочитал да пишува на рака во тефтер. „На тој начин создавате пократки декларативни реченици“, изјавил тој за „Париз Ривју“ во 1984 година. Уредувањето исто така било клучен дел од неговиот процес. Во истото интервју, Болдвин признал дека неговите први нацрти „се пренатрупани. Поголемиот дел од преправањата, се чистење. … Човек сака да напише реченица чиста како коска. Тоа е целта“.

Тој ја напуштил Америка откако неговиот најдобар пријател се самоубил

Во своето интервју за „Париз ривју“ од 1984 година, Болдвин зборува за неговите причини поради кои ја напуштил Америка во 1948 година. „Мојата среќа беше при крај“, рекол Болдвин. „Имаше три опции: Ќе одам во затвор, ќе убијам некого или ќе бидам убиен. Мојот најдобар пријател се самоуби две години порано“. Зошто Франција? „Не беше толку важно да се избере Франција“, рекол тој. „Се работеше за излегување од Америка. Не знаев што ќе ми се случи во Франција, но знаев што ќе ми се случи во Њујорк. Ако останев таму, ќе ме снемаше, како мојот пријател“.

Болдвин има заслуга за објавувањето на првиот роман на Маја Анѓелу

Џејмс Болдвин и Маја Анѓелу споделувале посебна врска. Една вечер, Болдвин ја донел Анѓелу на забава во њујоршкиот дом на карикатуристот Жил Фајфер, добитник на Пулицерова награда, и неговата сопруга Џуди. Во одреден момент од вечерта, многумина од гостите почнале да споделуваат приказни од своето детство, а Џуди била особено трогната од приказната на Анѓелу.

Џуди ја споделила приказната на Анѓелу со уредникот на „Рендом Хаус“, Роберт Лумис, и го повикала да ја замоли Анѓелу да напише книга – но Анѓелу одбила, велејќи дека таа пишува песни и драми, а не романи. Лумис ја замолил Анѓелу уште неколку пати, но таа постојано го одбивала. И така, при неговиот четврти обид да ја натера да каже „да“, сега многу одлучниот Лумис применил поинаков пристап.

„Добро е што не се обидувате да напишете автобиографија, бидејќи да се напише автобиографија како литература е речиси невозможно“, рекол Лумис. Тој предизвик го разбудил интересот на Анѓелу: „Можеби ќе пробам“, одговорила таа. Резултатот од тоа е книгата „Знам зошто заробената птица пее“ од 1969 година.

Напишал сценарио за Малколм Икс

Продуцентот Марвин Ворт го ангажирал Болдвин да напише сценарио за филм за активистот Малколм Икс и поради тоа во 1968 година се преселил во Лос Анџелес. Не поминал добро, барем според Дејвид Лиминг кој во „Биографијата на Џејмс Болдвин“ напишал: „Првото нешто што го создаде беше ракопис од над 200 страници кои повеќе личеа на роман отколку на сценарио. Понатаму, неговото присуство беше вознемирувачко, неговите работни навики жалосни, а неговиот начин на живот скап“.

Додека Болдвин продолжувал да се бори со сценариото, Ворт го донел писателот Арнолд Перл да помогне. Сепак, студиото не било задоволно од крајниот производ и Болдвин на крајот целосно се откажал од проектот. Тој во 1972 година ја објавил својата верзија на сценариото како книга насловена како „Денот кога бев изгубен“.

Во меѓувреме, преработениот ракопис на Болдвин и Перл бил преработен во документарен филм кој, според Лиминг, бил „прикажан и набрзо закопан… веројатно затоа што се добило впечаток дека е контроверзен“. Таа верзија на сценариото на крајот завршила во рацете на Спајк Ли, кој ја спроведе својата визија во филмот „Малколм Икс“ од 1992 година.

Примерок од едно од сценаријата на Болдвин, напишан на рака, беше купен од Центарот за истражување на афроамериканската култура „Шомбург“ при Јавната библиотека на Њујорк во 2017 година. Библиотеката има три соло ракописи на Болдвин за проектот, како и сценариото на Болдвин и Перл.

Извор.

2 comments

    • Ви благодарам од срце за споделената информација, ова е мошне интересен факт, ќе го разгледам подетално.
      Поздрав и среќни празници!

      Like

Leave a comment