Денот е Бадник, прекрасен празник, денот пред Божиќ, кога христијаните се подготвуваат да го одбележат Христовото раѓање. Постои една стара изрека која вели: „Кај и да си – за Бадник дома да си“. Вообичаено на овој ден семејството се собира околу семејната трпеза, за со среќа, здравје и бериќет да го одбележи овој ден.
Но, утрото е резервирано за најмладите, децата-коледари, кои со песна го најавуваат Христовото раѓање и одат од куќа до куќа, пејат коледарски песни и се дарувани со бомбони, ореви, костени, јаболка, парички за здравје и бериќет.
Во чест на овој голем празник денес читаме македонска поезија, т.е стиховите на „Коледе“ од Анте Поповски!
Коледе – Анте Поповски
Коледе-леде… Коледе-леде…
Го слушам гласчето на своето внуче,
потскокнува, тропа, удира со дабово гранче
да му се отвори вратата на својот дедо,
да влезе во неговиот дом
како во свето здание.
Си мислам: еве го чуварот на моето огниште.
Ставам оревчиња во торбето,
ставам црвени јаболка,
и гледам како расте детето, како убавее
а кога ќе израсте
и Света Дева би се раздевила по него…
од збирката „Провиденија”

Никола Мартиноски, „Коледари“, 1951, масло на платно
Извор: Национална галерија
