Празниците се одлично време за уживање во домашна атмосфера со најблиските, но и за одмор и читање книги. Повремено ни е потребен и одмор од читање, па доколку ви се гледаат интересни приказни и серии, следниве предлози се одличен избор за вас. Секоја од нив е различна и од различен жанр, па така можете и да внесете разновидност во гледањето.
Сто години самотија (One Hundred Years of Solitude, 2024)

Каде можете да ја гледате: NETFLIX
Опис: Речиси и да не постои човек што не слушнал за маестралното и неверојатно дело „Сто години самотија“ од нобеловецот Габриел Гарсија Маркес. Ова дело е толку исткаено во историјата на книжевноста, што уште многу генерации во иднината ќе го откриваат и читаат и ќе пронаоѓаат нови погледи и нови детали во магијата на Макондо. Доколку го немате прочитано делото, дефинитивно треба да го сторите тоа пред да ја погледнете серијата, за да можете да имате сеопфатен поглед на една многу заплеткана и комплицирана историја на семејството Буендија, а доколку ви требаат повеќе причини, можете да го прочитате текстот „Зошто треба да ја прочитате „Сто години самотија“?“. Иако Гарсија Маркес бил цврсто против тоа да се екранизира делото, сепак, по многу години, неговите синови се договорија со „Нетфликс“ и ја создадоа серијата што излезе на 11 декември 2024 година.
За серијата може да се каже дека е солидна екранизација и се труди што е можно поверно да ја прикаже атмосферата и приказната. Синовите на Маркес се и продуценти на серијата, што значи дека одблиску внимавале на визијата на нивниот татко. Серијата е на шпански јазик, јазикот на кој е напишана книгата, затоа што и Маркес и неговите синови сметале дека секое книжевно дело како такво треба секогаш да биде екранизирано на јазикот на кој е напишано.
Дејството се одвива во местенцето Макондо, каде семејството Буендија заедно со пријатели и содружници се сместуваат и го создаваат од темел. Низ серијата ги следиме сите турбуленции во семејството, но и надвор од него, низ целата околија и како што ќе видиме прикажани се и жестоките политички и револуционерни битки за превласт кои не го одминуваат Макондо. Актерската екипа е феноменална, апсолутно на висина на задачата, особено актерот што го толкува ликот на Аурелијано Буендија, неверојатна изведба. Самата сценографија и околината се прекрасни и создадена е една одлична атмофера што ќе направи да се чувствувате како вие директно да сте таму со нив.
На моменти може да делува развлечено, но со оглед на тоа колку е богата книгата во смисла на содржина и ликови, одредени развлекувања се потребни за да може гледачот да го апсорбира дејството. Дефинитивно препорачувам да ја погледнете и да навлезете целосно во светот на Макондо. Серијата има вкупно 16 епизоди, иако „Нетфликс“ најпрво ги објавија првите осум и сè уште не се знае кога ќе ги објават останатите осум, но сигурно ќе биде наскоро, а секоја епизода трае околу еден час.
Совршената двојка (The Perfect couple, 2024)

Каде можете да ја гледате: NETFLIX
Опис: Доколку сте љубители на трилери и забавни интриги, особено интриги на богатите и славните, ова е одлична серија за вас. Оваа серија ќе ве опушти, но и ќе ве тера да погодувате сè до самиот крај. Всушност и самата серија е заснована на роман, но искрено јас тоа го дознав по гледањето на серијата, а и не е толку важно за следење на приказната.
Приказната е мистерија, една позната писателка на трилери и нејзиното семејство на нивниот прекрасен имот организираат свадба за еден од синовите, но утрото на свадбата, мртво тело е откриено во водата. Се вклучува полицијата и започнува истрага, а со тоа и многу тајни почнуваат да излегуваат на површина, а тоа пак само го зголемува бројот на осомничени. Оттука мистеријата се расплеткува, а вие како гледачи се трудите да погодите што навистина се случило и кој е одговорен.
Приказната е лесна за следење, а и ќе ја изгледате за кратко време бидејќи самото дејството е интензивно и ве тера да гледате сè додека не дознаете што навистина се случило. Никол Кидман е одлична во нејзината улога на ладнокрвната писателка што секогаш мора да ги држи работите под контрола, но и останата актерска екипа е на висина на задачата. Серијата има вкупно шест епизоди, кои во просек траат од 40 – 65 минути. Доколку сакате книги со мистерии и да погодувате што се случило, ова е добра серија за вас.
Последниот тајкун (The Last Tycoon, 2016 – 2017)

Каде може да ја гледате: AMAZON PRIME VIDEO
Опис: „Последниот тајкун“ е серија заснована врз истоимениот недовршен последен роман на Ф. Скот Фицџералд. Станува збор за многу интересна прикзана, иако мора да се напомене дека серијата е само инспирирана од ова дело и од неговите ликови, но во принцип приказната оди по сосема друг пат. Сепак, ова е серија која вреди да се погледне и ќе им се допадне на љубителите на книги, историски драми, но и љубителите на филмот како уметност. Дејството ги следи случувањата во филмското студио „Брејди-Американ“, но преку него се дава општ коментар и слика за Холивуд од 30-ти и 40-ти години на 20 век.
Централен лик во серијата е Монтро Стар, холивудски продуцент и менаџер кој неодамна ја загубил својата сопруга. Неговиот лик малку потсетува на ликот на Дон Дрејпер од „Момците од Медисон“ (Mad Men), во однос на харизмата и способноста за убедување. Во серијата се прикажани и заплетканите односи со семејството Брејди, Пат Брејди, сопственикот на студиото, Роуз Брејди, неговата сопруга и Силија Брејди, неговата ќерка, која негува симпатии кон Монтро и воедно сака да се пробие во филмската индустрија. Серијата опфаќа и други општествено-политички случувања, како подемот на нацистите и нивното влијание врз филмската индустрија и ја прикажува понегламурозната страна на Холивуд. Серијата има девет епизоди, со времетраење од 45-50 минути (во просек). Многу интересна приказна, а не помалку важно е и прашањето за улогата на сценаристите и останатите учесници во индустријата и како се тие третирани.
