Ѕирнете во оваа архива на 7.000 историски детски книги….

Детската книжевност и книги во последниве години се во голем подем, дури и кај нас. Книгите за деца, но и за млади, стануваат сè попопуларни и тоа е одлична вест, затоа што читањето е прекрасна навика која најлесно се стекнува од рана возраст и со нудењето на поголем избор за читање, децата ќе се запознаат со магијата на читањето и ќе се заљубат во книгите. Но, дали некогаш сте запрашале каква била еволуцијата на детската литература? Денес на блогот можете да го прочитате овој информативен и одличен текст на Џош Џоунс за порталот Open Culture, а во текстот има и ликови што ве водат до дигиталната библиотека каде можете да ѕирнете и самите да истражите над 7.000 книги.

Можеме да научиме многу за тоа како еден историски период гледал на способностите на своите деца со проучување на детската литература од тоа време. Движејќи се во просторот помеѓу чисто дидактичкото и бесмисленото, повеќето книги за деца објавени во изминатите неколку стотини години се обидувале да најдат баланс меѓу двете тежи, барајќи рамнотежа помеѓу забавата и воспитанувањето. Сепак, таа линија се чини дека се приближува до едната или другата тежа во зависност од преовладувачките културолошки чувства во времето кога биле објавувани. А самиот факт дека книгите за деца воопшто не се објавувале пред почетокот на 18 век, ни кажува многу за тоа кога и како започнале модерните идеи за детството како посебна категорија на постоење.

Професорот од Универзитетот во Њукасл, М.О. Гренби, вели дека „до крајот на 18 век, детската литература била во процут, и станала посебен и сигурен дел од издавачката индустрија во Британија“. Трендот брзо се забрзал и никогаш не престанал – книгите за деца и млади сега ја поттикнуваат продажбата во издаваштвото.

Гренби забележува дека „причините за овој ненадеен пораст на литературата за деца“ и нејзиното брзо ширење на пазарот до почетокот на 19 век „никогаш не биле целосно објаснети“. Слободно можеме да шпекулираме за општествените и педагошките ветришта што ја поттикнале оваа историска промена.

Или би можеле да го сториме тоа и со испитување на литературата за деца од викторијанската ера, можеби најиновативниот и најразновиден период за детската книжевност според стандардите на тоа време. Најтемелно можеме да го направиме тоа преку истражување на илјадници наслови од средината до крајот на 19 век во Библиотеката за историска детска литература „Болдвин“ на Универзитетот во Флорида. Нивната дигитализирана колекција моментално има над 7.000 книги кои се целосно бесплатни за читање, овозможувајќи ви да добиете чувство за она што возрасните во Велика Британија и САД сакале децата од тоа време да знаат и во што да веруваат.

Во тоа време процветале неколку жанрови: религиозно учење, што било сосема природно и очекувано, но исто така и имало и јазични и правописни книги, бајки, кодекси на однесување и, особено, авантуристички приказни – како оние за Харди Бојс и Ненси Дру кои се примери за она што би го нарекле белетристика за млади луѓе. Овие приказни се објавувале и главно биле наменети за момчиња. Авантуристичките приказни нуделе (многу колонијалистички) поглед на широкиот свет. На пример, во книжевниот серијал „Зиг-Зaг“ и книгата „Лебдење со Нелсон“, и двете од 90-ти години на 19 век, фактите се мешаат со фикцијата, историјата на природата и науката со сведоштва за битки и патувања. Но, постои уште една карактеристична нишка во детската литература од тоа време, која нам – но не нужно и на Викторијанците – би ни изгледала како целосен контраст на империјалистичките романи за млади.

За повеќето ученици и читатели од викторијанската ера, поезијата била секојдневен дел од животот и била главна форма за подучување и раскажување во детската литература. „Библиската сликовница“ на A.L.O.E. од 1871 година, всушност претставува „Приказни од животот на нашиот Господ во стихови“, напишани „едноставно за Господовите јагниња, и кои се римуваат полесно отколку прозата привлекувајќи го вниманието на децата и зацврстувајќи се во нивните сеќавања.“ На крајот на краиштата, децата и возрасните редовно учеле поезија на памет. Сепак, по „експлозијата“ на поезијата во детското издаваштво, на доскорешните читатели често им се давале инфериорни (понеквалитетни) примери за поезија. Авторот на „Библиската сликовница“ го признал истото, молејќи ги постарите читатели во предговорот да се задоволат со „недостатоците во моето дело“, имајќи предвид дека „стиховите се направени за сликите, а не сликите за стиховите“.

Многумина би можеле да донесат заклучок дека ова не е автор, или можеби тип на литература, кој има високо мислење за естетскиот сензибилитет на децата. Но, очигледно е дека токму спротивното се случува во прекрасната книга „Елфиновите рими“ од 1900 година, напишана од мистериозниот „Норман“ со „40 цртежи од Картон Мурпарк“. Кој и да е „Норман“ (или зошто неговото име се појавува во наводници), тој на своите читатели им нуди песни кои човек на прв поглед би можел да ги смеша и да помисли дека се необјавени стихови на Кристина Росети; и илустрациите на г-дин Мурепарк се на ниво на најдобрите илустратори на книги во тоа време. Се чини дека „Елфиновите рими“ е неверојатна ретка книга, најверојатно објавена во мал печатен тираж; грижата и вниманието на распоредот на содржината и дизајнот покажува дека авторот и илустраторот имале многу високо мислење за имагинативните способности на младите читатели.

Овој наслов е претставник на растечкиот жанр од доцната викторијанска литература за деца, кој севкупно сè уште имал тенденција, (исто како и денес) да паѓа во замката на баналното и шаблонското. „Елфиновите рими“ е предвесник на фантастичниот бум на почетокот на векот, најавен од многу популарни книги како „Волшебникот од Оз“ на Френк Л. Баум и „Петар Пан“ на Џ.М. Бери. Гренби посочува дека оввие книги направија милиони млади луѓе да станат страсни читатели на модерните бајки, претставувајќи уште поголемо оддалечување од некогашните прилично ограничени, „безмилосно поучни… или длабоко побожни“ категории што биле достапни во раните години на литературата за деца.

Онаму каде што границите за детската литература некогаш биле тесно фиксирани со латинските граматички книги и „Напредокот на аџијата“, до крајот на 19 век, влијанието на научната фантастика како онаа на Жил Верн и на популарните натприродни приказни и песни, го подготвила теренот за стрипови и графички книги, дистопии за млади, магионичарска фантастика и десетици други детски литературни жанрови кои сега ги земаме здраво за готово или – во сè поголем број – ги купуваме за да ги читаме сами.

Нурнете во Библиотеката за историска детска литература „Болдвин“, каде можете да прелистувате неколку категории, да пребарувате теми, автори, наслови итн., да гледате слики на цел екран, да зумирате слики од корици на книги, да преземате XML верзии и да ги прочитате сите 7.000 (и повеќе) книги во колекцијата.

Извор.

Leave a comment