Синклер Луис – писателот што беше совеста на својата генерација…

Синклер Луис (7 февруари 1885 – 10 јануари 1951) е еден од позначајните американски писатели и првиот американски писател што ја добил Нобеловата награда за книжевност (1930 година), а во 1926 година ја добил Пулицеровата награда за книжевност за неговото дело „Ароусмит“, кое беше препорачано и на блогот. Иако технички ја одбил наградата, делото сè уште стои на официјалната страница како добитник на наградата.

Во еден краток документарец поставен на Јутуб каналот „Prairie Public“, Марк Винз, пензиониран професор од Универзитетот „Мурхед“, дава еден кус осврт на кариерата на творештвото на Синклер Луис и зошто е тој толку значаен за американската книжевност, иако во последниве години популарноста му е опадната. Продуцент на видеото е Ким Стенехејем, снимател и уредник е Бен Стомс.

Подолу прочитајте ги размислувањата на професорот Винз, а најдолу погледнете го видеото кое нема да ви одземе повеќе од седум минути.

(извор: Pulitzer.org)

Падините на едно малечко место во Минесота биле отскочната даска за Синклер Луис, најпопуларниот американски писател од „Ерата на џезот“. Во 1920 година, Америка била воодушевена од објавувањето на „Главната улица“ – сатиричен роман кој ги исмева вредностите на средната класа и американската надменост. Синклер бил нарекуван „совеста на својата генерација“, а неговите романи, кои ги ужаснувале книжевните и политичките естаблишменти, со текот на времето станале задолжителен дел од лектирите и училишните програми низ САД.

Синклер Луис е првиот Американец што ја добил Нобеловата награда за книжевност, а некои луѓе сметаат дека тоа било поради фактот што Европа немала баш најдобро мислење за Америка, а тој бил човек што ја исмевал токму Америка. Тој е најпознатиот писател од Минесота и дефинитивно еден од најпознатите американски писатели. Во одреден период, најверојатно бил и најпопуларниот писател во почетокот на 20 век.

Тој во својата суштина е раскажувач на приказни, и тоа одличен раскажувач. На почетокот на 20 век, сите знаеле кој е Синклер Луис, затоа што тој пишувал многу елоквентно за тоа што се случувало во американското општество од тоа време, за растечката средна класа, за американската култура и сите неправилности. Според Винз, тој навистина бил голем визионер. Тој многу добро ја познавал американската култура. Тој бил запознаен со сè што се случувало, најмногу за да може да ги сатиризира работите. Но, исто така, луѓето сакале да читаат за она што се случувало, а Луис дефинитивно знаел што се случувало во Америка.

Омилената книга на Винз е „Елмер Гентри“, тој вели дека многу ја сака таа книга, можеби и поради екранизацијата на книгата со Барт Ланкастер во главната улога. Винз вели дека омиленото нешто во врска со книгата му се историските референци околу евангелистите од тоа време како Ејми Семпл МекФерсон. Тој додава дека фактот што тој го гледал тоа движење и ја пронашол неговата човечка страна, фактот дека овие религиски реформисти, како и нивната помодерна верзија, телевизиските евангелисти, имале „нозе од глина“.

(Извор: SAUK CENTRE AREA HISTORY MUSEUM)

Винз вели дека слично е и со романот „Бабит“, кој тој го смета за вистинско визионерско дело, роман во кој Луис ѕирнал во суштината на она што се случувало во американската култура, особено поврзано со автомобилите и нивниот развојот, односно каков ефект би имале автомобилите и популарната култура врз американското општество. Винз понатаму тврди дека во 1922 година, кога тој го објавил романот „Бабит“, Луис успеал да погледне далеку во иднината и да ги предвиди ефектите што овој нов пронајдок би ги имал, и тука не се работи само за автомобилот, туку и радиото, грамофонот, и сè она што се случувало и преобразувало општеството во тој период од она што во суштина сè уште било викторијанска ера, па сè до Првата светска војна.

Не може да се порекне дека книгата што сите деца од Минесота со години ја читале во училиште е „Главната улица“, и тоа останува неговото најпознато дело и до ден денес. Ова дело е напад врз провинцијализмот на малите градови во Америка. особено малите градови во Минесота. Сок центар, градот во кој тој пораснал, во своите дела го именувал како „Гофер Прери“. Ограничениот ум на луѓето, здодевнота да се живее во такво место, начинот на кој сета култура била сведена на најнискиот заеднички именител, сите овие нешта се присутни во книгата.

Во одреден период, Синклер Луис бил еден од најпознатите и најпопуларните писатели во САД. Неговата сатира е најконкретно заслужна за неговиот статус и слава. Според Винз, голем дел од работите што ги пишувал се нужно врзани за 20-ти и 30-ти години на 20 век. Тој вели дека најтешко му било кога требало да предава за „Главната улица“, бидејќи студентите речиси отворено се бунтувале и противеле затоа што не им се допаѓала книгата токму поради тоа што се заплеткувале во материјалот од 20-ти години на 20 век, материјал што едноставно тие не го разбирале.

Винз на крајот заклучува дека Луис со текот на годините изгубил популарност и релевантност. Тој повеќе не е на истите висини како Фицџералд, Хемингвеј и Фокнер, и според него причината за тоа е што тој премногу бил ограничен на времето во кое живеел. Тој бил одличен писател од 20-ти години на 20 век, но не успеал да ја надмине и да се издигне над таа ера кога станувало збор за најважните елементи.

Во продолжение погледнете го кусото видео:

Leave a comment