„Моби Дик“ се смета за едно од најважните ремек-дела во историјата на книжевноста. Опсежната и неверојатна приказна за опсесијата и желбата за одмазда на капетанот Ахаб раскажана низ призмата на Исмаил e дело што е толку истоштувачко, интензивно, стимулативно, што засекогаш ќе ви се вреже во главата откако ќе го прочитате. Од таа причина, овој роман беше мојата „Книга на летото“. Овој роман исто така има и многу почитувачи и обожаватели, а доказ за тоа е читачкиот маратон во САД што се случи пред неколку денови, вест што ја пренесе „Смитсонијан магазин“ и новинарката Џулија Бинсванџер. Прочитајте ја веста во продолжение.

(извор: Craig F. Walker / The Boston Globe via Getty Images / Smithsonian magazine)
Секоја година, љубителите на книги се собираат на маратон за читање на „Моби Дик“ во Mузејот на китови во Њу Бедфорд, Масачусетс, а овогодинешниот настан привлече убедливо најголем број на луѓе досега. Аманда Мекмулен, претседателка и извршна директорка на музејот во разговор за „Пабликс радио“ изјавила дека на читачкиот маратон дошле речиси 2.500 луѓе од 37 држави, вклучително и Австралија, Бразил и Шведска, додавајќи дека се работи за убедливо најголема посетеност досега и дека претходниот рекорд на посетеност се случил во 2020 година, кога 1.750 луѓе присуствувале на читачкиот маратон.
Приказната за опсесивната потрага на капетанот Ахаб да му се одмазди на белиот кит кој му ја одгризал ногата е американска класика и е читана во безброј училници од нејзиното објавување во 1851 година. Романот започнува со неговиот наратор, Исмаил, кој пристигнува во Њу Бедфорд со надежите да се приклучи на пловидба и да им се придружи на китоловците, што е и паралела на личното искуство на авторот Херман Мелвил. „Самиот град е можеби најдоброто место за живеење во цела Нова Англија“, вели Исмаил во романот. Доколку повеќе ве интересира можната инспирација и некои интересни средби и случки што му претходеле на „Моби Дик“, прочитајте ја објавата на блогот „Вистинскиот хорор настан кој бил инспирација за романот „Моби Дик““.
На почетокот на овој месец, љубителите на книги се собраа во истиот град за читачкиот маратон на „Моби Дик“ што траеше 25 часа. Читателите следеа густ распоред додека се обидуваа да го прочитаат романот. Директорката Мекмулен во интервју за Кенеди Бак од станицата „НБС 10 Њуз објаснила дека целиот роман се чита на глас и тоа на повеќе места во музејот и Бетелот на морнарите.
Покрај рекордните бројки на посетеност, официјални лица на настанот објавија и дека градот Њу Бедфорд ќе гради статуа во чест на Мелвил. Проектот ќе чини околу 300.000 долари. Дополнително, Џон Мичел, градоначалникот на Њу Бедфорд во изјава за „Пабликс радио“ рекол дека градењето на статуата во својата основа е „начин преку кој Њу Бедфорд ќе го прослави својот идентитет, ќе прокламира нешто важно за своето минато и ќе му покаже на светот дека ова е важно место“.
/https://tf-cmsv2-smithsonianmag-media.s3.amazonaws.com/filer_public/3b/72/3b7265b1-f867-449e-b9db-99bb8a0a58b6/melville-social.jpg)
(компјутерски приказ на изгледот на статуата
извор: City of New Bedford/Smithsonian magazine)
Статуата висока осум метри ќе биде поставена во градината на Бетелот на морнарите. Дизајнот на скулпторката Стефани Рокнак го прикажува Мевил со раката во џебот; пред нозете на авторот удираат бранови и од водата се креваат ребра на кит. Во основата на статуата, посетителите ќе можат да прочитаат мисли од романот. Се проценува дека ќе бидат потребни 12 до 15 месеци за да се заврши статуата. Дизајнот на Рокнак бил избран на конкурс.
„Можноста да му се оддаде почит на Херман Мелвил во градот кој го инспирираше најпознатото книжевно дело на англиски јазик привлече првокласни уметници од целата земја“, вели Мичел во изјавата. „Како што препозна и комисијата за избор, визијата на Стефани Рокнак за статуата е привлечна и безвременска. Тоа ќе биде извор на гордост за жителите на Њу Бедфорд и посетителите со генерации“.
