Познати и незаборавни реплики од „Македонска крвава свадба“ на Војдан Чернодрински!

Војдан Поп Георгиев Чернодрински (15 јануари 1875 — 8 јануари 1951) е основоположник на македонското драмско творештво и театар и еден од најзначајните книжевни дејци. Сите негови дела обработуваат теми и проблеми од секојдневниот живот на Македонците и борбата за слобода. Неговото најпознато дело е дефинитивно „Македонска крвава свадба“, трагедија што го прикажува тешкиот живот на македонскиот народ под османлиска власт, но и пркосот и гордоста на Македонците, преточено преку ликот на Цвета, која умира, но не се потчинува и не ја менува верата, но и другите ликови како Спасе и Дуко, млади луѓе што сонуваат за слобода и целата заедница што е спремна да ја врати Цвета.

Според еден напис во „Нова Македонија“, во 1929 година, тој отишол во посета на еден дом за сираци каде што подарил примероци од својата драма „Македонска крвава свадба“. По тој повод, Војдан изјавил:

„Се надевам дека по прочитувањето на книгава секој питомец добро ќе го запомни прочитаното и никогаш не ќе го заборави јазикот на кој е напишана, јазикот на кој зборувале неговите прадедовци, родители и роднини и на кој ќе зборуваат и покрај физичкиот и морален терор на сегашните поробители на татковината Македонија, сите идни поколенија што ќе ја населуваат оваа света земја“.

Во негова чест, денес на блогот читаме и се потсетуваме на неколку моќни и незаборавни реплики од драмата, па можеби ќе биде и добар поттик повторно да ја прочитате и да се потсетите на ова многу важно дело.

ДУКО: Много умреле од змија, ама ја велам многу појќе умреле од другиве змии со две нозе што со уста нè касаат тие, а со куршум и нож. И колко илјади има умрени, број немат…
БОГДАН: Море, да се далеку од нас и едните и другите.
ТРАЈАН: Ами и мене колку п’ти ќе ме укасале и од едните и од другите. Џанам требит да се чинит дикат чоек.
БОГДАН: А бре брате, дикат, дикат, ама и дикатот не помогат; што му е пишано на чоека, ќе му врвит преку глаата.


СПАСЕ: Дип не е то’ така бре стрико, ама ние сме им дале та’ сила, за така да ни праат; ако малу се завардуваме, не би нè скубале.
ДУКО: Така е брате! Секој чоек од глаата си патит, а пак ние има много да патиме со овие глаи…

БЛАГУНА: Некоја кумитска тој сакат; даскалот го учит такви песни да пејт.
СПАСЕ: Кумитските се убај, стрино! Сега му е времето; кога ќе се ослободиме, тогај не ни требет кумитските песни. Тогај саде љубовни ќе пејме. Ајде ќе ви посвирам сега кумитска, а други п`т љубовна.

БЛАГУНА: Не, мори ќерко, како лош, му летат умот мало, ама ќе му дојдит попосле.
ТРАЈАН: Ко на секој млад чоек, мори жено.
ДУКО: Чунким коа бевте вие млади, не бевте такви.
БЛАГУНА: Во нашето младо време не мислевме ко вас за слободија, синко! Прашај го татка ти, да видиш, што ќе ти речит.
ТРАЈАН: Ја, вистина, не мислев за тија работи, (на шега) саде за тебе мислев мори жено, како да те земам; а сега ми е жал многу, оти не сум бил ко Дука. Ама не бевме ние криви за тоа. По она време немаше чоек кој да нè научит што да прајме. Да се борит чоеко за слободија е мошне убаа работа.

II ОВЧАР: Страшно будалиште, бре, и страшлив до крај… Асли така си е: чоек што немат м`шко срце не можит да имат и здрав ум… Страшливиот чоек не можит да мислит… Од страв му искокнува срцето, а од тоа му искокнува и чивијата…

ДЕДО КУЗМАН: Не требит да се карате, бре синчиња, не требит; уште од мали да се учите да се слагате, та кога ќе порастите да живувате ко браќа, а не да се изделите на парчиња; од карање немат аир, синко! Тие пусти карајнци нè сторие нас да се тераме по судој. Да се слагавме, да бевме се слушале, не би било вака, турско, а сега сами би се поелале.

Македонијо, мајко мила,
Страдна земјо, света,
Много, мајко, си теглила
В м`ки и несрета!

ЦВЕТА: Што грев сум сторила, та овие м`ки за мене? Оф, пусти таксират мој! … Ах, зашто сум се родила девојче во ваква пуста земја?!…

ПЕТКАНА: Е, мори сестро, чоек со чоека живејт.
ЦВЕТА: Така е, ама со секој чоек не можит да живејт.

СПАСЕ: […] Честта на Цвета е чест македонска, света чест и нам, на младите се паѓат да ја вардиме таа чест и да накажиме секого, кој посега на таа чест!… Ние требит да бидиме м’жи, требит да бидиме јунаци, требит да бидиме готој да умриме за нашата чест и слобода! Ех, слободија, слободија!… Ако имаше слободија, не ќе ја газеше турската нога нашата земја!

ЦВЕТА: Умрев, а-м-а… т-у-р-к-и-н-а  н-е  с-т-а-н-а-в! 

*извадоците и репликите се преземени од: Чернодрински, Војдан. Македонска крвава свадба. Сто години македонска драма. Скопје: Матица, 1992

Leave a comment