„1984“ е роман што дефинитивно веќе одамна е влезен меѓу книгите што засекогаш ќе останат класици и роман што се чини дека е постојано актуелен, особено во немирни времиња низ светот, кога често се зборува и се дебатира за општествени уредувања, за злоупотреба на моќ, за ригорозна контрола и тоталитарни општества. Доколку ве интересираат повеќе детали за романот, можете да ги погледнете текстовите: Интересни и малку познати факти за книгата „1984“, Мапата на светот според „1984“ на Џорџ Орвел,
Иако, најчесто се дискутираат главните постулати во романот, односно типот на владеење во Океанија, тоталитаризмот, бруталното следење и казнување на оние што малку ќе „застранат“ од патот на Партијата, а сè тоа под будното око на Големиот брат, не помалку е важен и јазичниот аспект и „Новоговорот“. Тоа веќе еднаш и беше начнато на блогот преку текстот: Што навистина значи зборот „орвеловски“.

(Извор: Open Culture)
Орвел често пишувал за употребата на јазикот во политиката и пропагандата и како начинот на кој се користат зборовите може да биде сериозна алатка за манипулација и контрола. Џош Џоунс за „Open Culture” дава еден краток осврт и извадоци на Орвел кои суштински ја доловуваат основата на „Новоговорот“. Прочитајте во продолжение.
„Новоговорот“ или официјалниот јазик на Океанија лесно може да се толкува и како „Вестите што говорат“ (англиската оригинална верзија на „Новоговор“ е „Newspeаk”, па оттаму, може да се толкува како кованица од „new (ново) + speаk (говори)“, но и како „news (вести) + speаk (говори)“, м.з). Ова е сосема разумно, но остава впечаток дека се однесува стриктно на неговото појавување во медиумите. Орвел очигледно имал намера да биде двосмислен – сепак тоа е јазикот на официјалната пропаганда – но кованицата всушност потекнува од зборовите „нов + говор“ – и според Орвел, тој е создаден за да го замени „стариот говор“, односно „стандардниот англиски јазик, како што го нарекуваме денес“.
Со други зборови, Новоговорот не е само збир на звучни зборови, туку намерна замена на еден сет зборови во јазикот со друг. Транзицијата сè уште е во тек во измислената 1984 година, но се очекува да биде завршена „околу 2050 година“. Студентите по историја и лингвистика сигурно веднаш ќе забележат дека ова е смешно забрзано темпо за целосна замена на еден вокабулар (и синтакса) со друг. Но, Новоговорот не се појавува преку историските или општествените промени, туку преку волјата на Партијата.
Како што вели Орвел во „1984“:
„Намерата на Новоговорот не била само како средство со кое ќе се искажува филозофијата и духовните навики на следбениците на англосоц, туку и да ги оневозможи сите останати начини на мислење.“
Оваа мисла не доаѓа од главниот текст и нарација во „1984“, туку од додатокот наречен „Принципи на Новоговорот“, кој можете да го слушнете подолу во видеото. Во овој дел, Орвел рамнодушно зборува за „усовршената“ форма на Новоговорот, вклучувајќи ги и неговите граматички „особености“, како што е „речиси целосна заменливост помеѓу различни делови од говорот“. Потоа Орвел ги објаснува „Новоговорските зборови“ кои биле поделени во „три посебни категории,, познати како речник А, речник Б (или комбинирани зборови) и речник В“.
Речникот А содржи зборови од „секојдневниот говор“ кои се мутирани со незгодни префикси и засилувачи: „нестудено“ за топло, „повеќестудено и двапатиповеќестудено“ за „многу студено“ и „страшно многу студено“. Речникот Б ги содржи сложените зборови: злобни кованици со двојно размислување како „логодмор (логор за принудна работа)“ и „Минимир (Министерство за мир, односно Министерство за војна). Овие, објаснува Орвел, се слични на „карактеристичните црти на политичкиот јазик; било забележано дека склоноста кон употреба на вакви скратеници била најизразена во тоталитарните држави и организации“, а како пример ги дава кратениците како „Наци, Гестапо, Коминтерна, Инпрекор“ и други.
„Од членовите на Партијата“, ни вели Орвел, „се барало сфаќање слично на сфаќањето кое го имал стариот Хебреец; тој имено знаел, дека сите останати народи, обожаваат „лажни богови““. Орвел продолжува: „Неговиот сексуален живот, на пример, во потполност бил регулиран од два новоговорски збора: злосекс (сексуален неморал) и добросекс (чистота).“ Вториот вклучува само „нормален сексуален однос помеѓу маж и жена со единствена цел да зачнат дете, без физичко задоволство кај жената: сè останато било злосекс“.
Речникот В можеби е и најподмолен од сите. Иако „се состоел само од научни и технички изрази“ кои наликуваат „на научните термини кои денес ги употребуваме“, Партијата се погрижила да се исфрлат „секундарните несакани значења“. На пример:
„Бројот на зборови заеднички за сите листи бил многу мал, а во ниту еден речник не постоел збор кој би изразувал функции како навики на духот или метод на мислење независно од поединечни гранки. Всушност не постоел ни самиот збор „наука“, бидејќи секое значење кое би можело да го има веќе било содржано во зборот англосоц.“
Орвел потоа продолжува да објаснува за тешкотијата да се преведат на Новоговорот дела и документи од минатото. Тој ја користи како пример Декларацијата за независност. На пример, во Новоговорот, би можело да се каже: „Сите луѓе се еднакви“, но во сосема поинаква смисла која „изразувала очигледна невистина – дека сите луѓе имаат еднаков раст, тежина и сила“. Што се однесува до остатокот од моќната преамбула на Томас Џеферсон, „никако не би можело да се преведе на Новоговор“, пишува Орвел. „Најприближниот превод би се состоел во тоа целиот тој став да се сведе на еден единствен збор, зломисла“.
Извор – Open Culture.
*Онаму каде што има директни цитати од делото на Орвел, тие се преземени од македонското издание на „1984“ во издание на Икона од 2010 година.
