Интересни факти за поетот Лорд Бајрон!

Лорд Џорџ Гордон Бајрон (1788-1824) е претставник на романтизмот од Англија и еден од најпознатите англиски поети на сите времиња. Бајрон бил идеалот за романтичниот поет, кој се здобил со озлогласеност поради неговиот скандалозен приватен живот и неговата современичка Каролина Лемб го опишала како „луд, лош и опасен да се познава“. Денес на блогот прочитајте повеќе за неговиот живот, како и неколку необични и интересни факти.

Џорџ Гордон Бајрон, шестиот лорд Бајрон, се родил на 22 јануари 1788 година во Лондон. Неговиот татко, коцкар и никаквец познат како Лудиот Џек Бајрон, починал кога тој имал три години. Вујкото на малиот Џорџ починал неколку години подоцна, па така, во 1798 година, Џорџ на свои десет години ја наследил титулата од неговиот вујко. Но, заедно со титулата тој ги наследил и нивните долгови.

Уште на многу рана возраст му било дијагностицирано криво т.н „клубно стапало“. И покрај тоа што добивал медицински третман како дете (за чија ефективност се расправа и ден денес) и често носел чевли специјално направени за него, болката го следела низ животот, а дополнително чувствувал и срам поради неговиот деформитет.

Бајрон ги поминал своите рани години во Абердин и се школувал на училиштето Хароу и Универзитетот во Кембриџ. Една необична случка во овој период е поврзана со неговата љубов кон животните. За време на неговите студентски денови, тој бил многу несреќен што Универзитетот во Кембриџ не дозволувал студентите да чуваат кучиња. И тогаш се сетил дека има начин како да ги заобиколи правилата, па така, еден ден, се појавил со питома мечка, па дури и предложил да ѝ се даде стипендија. И така тој завршил со мечка како домашно милениче. Но, Бајрон не ги сакал само кучињата и мечките. Во подоцнежните години, кога Перси Шели ја посетил неговата куќа во Италија, тој во својот дневник напишал дека видел „десет коњи, осум огромни кучиња, три мајмуни, пет мачки, орел, врана и сокол…“ а потоа додал дека „…штотуку на големото скалило сретнав пет пауни, две заморчиња и еден египетски кран“.

По завршување на школувањето, во 1809 година, заминал на двегодишна турнеја низ голем број медитерански земји. Тој се вратил во Англија во 1811 година, а во 1812 година биле објавени првите два дела на „Странствувањето на Чајлд Харолд“ и со тоа Бајрон станал познат преку ноќ.

„Странствувањето на Чајлд Харолд“ е долга наративна поема за патување и романси, а сите четири делови биле објавени помеѓу 1812 и 1818 година. Поемата е лабаво заснована на неговите сопствени младешки патувања низ Европа и привлекла толку големо внимание на јавноста што, наводно, Бајрон тврдел дека се „разбудил едно утро и одеднаш станал познат“. Всушност тој бил толку многу познат што бил меѓу првите познати личности што почнале масовно да добиваат писма и пораки од читатели и обожаватели, а писмата што ги добивал најчесто биле од анонимни женски обожавателки.

Неговата популарност била толку голема, што неговата сопруга Анабела го смислила терминот Бајроманија за да ја опише фанатичната помпа околу Бајрон. Дополнително, неговиот подем се совпаднал со масовното механизирано објавување на дела и книги. Ова значело дека многу луѓе можеле да ја читаат неговата поезија, но и дека бескрупулозните издавачи лесно можеле да крадат и пиратизираат дела и творби на Бајрон без негова дозвола.

Како што растела неговата популарност, така почнале во јавност да излегуваат и неговите контроверзии и вести за неговиот хаотичен приватен живот. Во 1814 година, Аугуста, полусестрата на Бајрон, родила ќерка, а историскиот консензус е дека тоа речиси сигурно била ќерка на Бајрон. Следната година Бајрон се оженил со Анабела Милбанки, со која имал ќерка, неговото единствено легитимно дете. Тие се разделиле во 1816 година. Соочувајќи се со зголемен притисок како резултат на неговиот неуспешен брак, скандалозни афери и огромни долгови, Бајрон ја напуштил Англија во април 1816 година и никогаш повеќе не се вратил.

Тој го поминал летото во 1816 година имајќи врнежлив одмор на Женевското езеро со Перси Шели, Мери Годвин (сè уште не била мажена за Перси Шели, Годвин е нејзиното моминско презиме) и полусестрата на Мери, Клер Клермонт, со која Бајрон имал ќерка, а со нив бил и нивниот пријател доктор Џон Вилијам Полидори. Додека биле таму, една летна ноќ во 1816 година, Бајрон, Перси, Мери и д-р Полидори си раскажувале импровизирани приказни за духови како еден вид предизвик. Мери, која тогаш имала 18 години, токму таа вечер се инспирирала и токму тогаш настанал зародишот на она што подоцна ќе стане еден од најпознатите романи на сите времиња, „Франкенштајн“. Но, д-р Полидори, исто така, ја претворил својата приказна од таа вечер во позната книга, „Вампирот“, а неговиот злобен главен лик во голема мера бил заснован на замислениот и опасен Бајрон. Тој и Перси биле толку блиски пријатели што кога Перси Шели се удавил во 1822 година, Бајрон наводно побарал да го задржи черепот на својот пријател.

По овој одмор, Бајрон отпатувал за Италија, каде живеел повеќе од шест години. Во 1819 година, додека престојувал во Венеција, започнал афера со Тереза ​​Гуичоли, сопруга на италијански благородник. Токму во овој период Бајрон ги напишал некои од неговите најпознати дела, вклучувајќи го и „Дон Жуан“ (1819-1824).

Во јули 1823 година, Бајрон ја напуштил Италија за да им се придружи на грчките бунтовници кои воделе војна за независност против Отоманската империја. На 19 април 1824 година, тој починал од треска во Мисолонги, денешна Грција. Неговата смрт одекнала силно и многу луѓе низ цела Британија тагувале. Неговото тело било вратено во Англија и погребано во дворот на црквата во близина на неговиот дом во Нотингемшир.

Неговата опседнатост со тежината

Бајрон многу се плашел од вишок килограми, верувајќи дека тоа ќе му донесе летаргија и глупост. Толку многу се плашел од тоа дека ќе се здебели што некои историчари тврдат дека тој се борел и со анорексија. Кога бил студент на Универзитетот во Кембриџ и кога сакал да ја намали својата тежина, Бајрон вечерал речиси исклучиво бисквити и газирана вода, иако повремено „уживал“ и во компири натопени со оцет. Поетот им рекол на пријателите дека повеќе би сакал „да не постои“ отколку да биде крупен и носел и до шест палта одеднаш додека вежбал во обид да го исфрли вишокот вода.

Во 1816 година, Бајрон го поминувал денот со парче леб и шолја чај за појадок, а потоа зеленчук и вода со селцер измешани со малку вино за вечера. Пушел пури за да си го намали апетитот. Само две години подоцна, сепак, најлошите кошмари на Бајрон очигледно се оствариле. Во 1818 година, еден пријател кој го посетил, напишал дека поетот станал „блед, надуен и мрзлив. Тој беше многу дебел, рамениците широки и заоблени, а зглобовите на рацете не му се гледаа од салото“. Како реакција на тоа, Бајрон се ограничил на мени со црвена зелка и јаболковина; неговиот јаболков оцет и вода во 1820 година станале популарен начин за намалување на килограмите.

За жал, Бајрон не само што си ги наметнувал овие рестриктивни верувања на себеси, туку и верувал дека жените кои редовно јадат вистинска храна се ужасно неучтиви. Во писмото до поранешната љубовница Каролина Лемб, тој се пожалил на тоа колку јадела неговата нова сопруга: „Само посакувам да не голта толку многу јадење – пилешки крилца, слатки лебови, крем, праски и вино; Жената никогаш не треба да биде видена како јаде или пие, освен ако тоа не е салата од јастог и шампањ, единствените вистински женствени и прифатливи јадења и пијалоци“.

    Извор 1.
    Извор 2.
    Извор 3.

    Leave a comment