Tајните кодови на леди Мери Врот – првата англиска романсиерка…

Името леди Мери Врот не им е познато на многумина и во голема мера таа е падната во заборав, но таа е исклучително важна за книжевната историја – современката на Шекспир се смета за првата англиска романсиерка што напишала целосна сонетска секвенца и првата жена што објавила оригинално прозно дело.

Во 2019 година, книжевната историчарка од Харвард, Ванеса Браганза, идентификувала примерок од „Киропедија“ на Ксенофон, кој го нашла на Саем на ретки книги во Лондон. Во една статија за „Смитсонијан магазин“, Браганза вели дека кога го здогледала примерокот, се почувствувала како да видела дух, бидејќи на нејзината корица го забележала втиснатиот сложен монограм што веднаш го препознала и што открива дека таа книга била во сопственост на леди Мери Врот.

Ова откритие било неверојатно затоа што нејзината куќа во Англија изгорела пред два века заедно со нејзината голема библиотека и распространето било верувањето дека ниту една книга не го преживеала пожарот. Како книжевна истражувачка специјализирана за ретки книги, Браганза пет години претходно видела фотографија од монограмот на подврзаниот кожен ракопис на драмата што ја напишала Врот, а не била во библиотеката во моментот на пожарот. Сега се чинело дека книгата што била пред неа, биографија на персискиот император Кир Велики, а која била во сопственост на Врот – го преживеала пожарот. Ова откритие предизвика јавен интерес за употребата на кодовите на Врот и нејзиниот претходно малку познат статус како прва англиска жена – романсиер.

Монограмот што го здогледала не се состоел само од неколку иницијали, иако модерните благородници од периодот на Врот биле познати по тоа што ги украсувале своите книги, накит и портрети со раскошни дизајни. Дизајнот на нејзиниот монограм бил повеќе од тоа: кодиран симбол, шифра. Шифрите и кодовите прикриваат значења на очигледен поглед и бараат од гледачот да поседува некое тајно знаење, или клуч, за да го разбере нивното значење, кое креаторот сака само малкумина да го знаат. За повеќето луѓе, шифрата на Врот би изгледала само како убава декорација.

Денес ова е малку познато и паднато во заборав, но Врот била озлогласена во своето време. Благородничка во дворот на кралот Џејмс I, Врот била авторка со објавено дело во време кога општеството барало молчење и послушност од жената. Мајсторот на веселбите на кралицата Елизабета I, Едмунд Тилни, отишол дотаму што во 1568 година рекол дека мажот треба „да го украде приватниот тестамент [на неговата сопруга]“.

Но, таа сепак била авторка. Во 1621 година, првото и единствено објавено дело на Врот предизвикало невиден скандал. Романсата со наслов „Грофицата од монтгомериевата Уранија“, често нарекувана едноставно „Уранија“, е претходник на модерните романи. Со своите речиси 600 страници, содржи повеќе ликови од „Војна и мир“ или „Мидлмарч“, и главно се заснова на сопственото семејство на Врот и познаниците од дворот – а некои од нив биле огорчени и лути кога сфатиле дека нивните животи и подвизи се раскажани под превезот на фикцијата. Еден аристократ објавил жестока навреда за несоодветноста на делото на Врот. Таа возвратила, нарекувајќи го „пијан поет“ кој напишал „гнасни, грди и скандалозни работи“ и дрско го предизвикала да „ми го каже тоа во лице“. Подоцнежните романсиерки, како Џејн Остин, Шарлот Бронте и Џорџ Елиот, имаат историски долг кон борбата на Мери Врот за да се слушне нејзиниот глас.

(Примерокот од „Киропедија“ на Ксенофон му припаѓал на синот на Лејди Врот. На корицата се испреплетени букви, кои се всушност шифра, што укажуваат на нејзината љубовна врска со неговиот татко. извор: Ванеса Браганза)

Можеби најважната точка во животот на Врот се случила кога се заљубила во маж кој не ѝ бил сопруг. Станува збор за Вилијам Херберт – треперливиот трет гроф од Пемброк. Херберт имал репутација како покровител на уметноста и бил нешто како „фраер“. Во 1609 година, Шекспир ги посветил своите сонети на „В.Х.“, а некои истражувачи шпекулираат дека Вилијам Херберт бил прекрасниот млад човек кому се упатени првите 126 љубовни сонети.

Иако не знаеме дали романсата на Врот и Херберт започнала пред или по смртта на нејзиниот сопруг во 1614 година, таа продолжила и во раните 20-ти години на 17 век и траела најмалку неколку години, и од таа љубов добиле и две деца, Кетрин и Вилијам. Врот ги моделирала главните ликови во „Уранија,“ пар љубовници по име Памфилија и Амфилантус, по неа и Херберт.

Во „Уранија“, Памфилија пишува љубовни песни и му ги дава на Амфилантус. Во реалниот живот, Врот напишала романтична драма со наслов „Победата на љубовта“ и му подарила еден примерок и на Херберт. Овој том, подврзан со фина кожа, е единствениот познат што е означен со нејзината шифра; т.е код. Дизајнирана со помош на книговезец или можеби и од самата Врот, шифрата сигурно била наменета да го потсети Херберт на нивната љубов, бидејќи измешаните букви се расплетуваат за да ги состават имињата на измислените љубовници, „Памфилија“ и „Амфилантус“.

Романтичното блаженство на Врот не траело долго. До средината 20-ти години на 17 век, Херберт ја напуштил поради други љубовници. Во тоа време, таа работела на продолжението на „Уранија“. Оваа втора книга била рачно напишана, но никогаш не била објавена, и во неа дејството се фокусира на Памфилија и Амфилантус, но завршува со тоа што и двајцата се венчаат со други луѓе. Исто така, во продолжението таа вовела уште еден лик, витезот наречен „Убава креација“. Самото име е мистериозно. Убава креација, всушност, бил фиктивна верзија на синот на Врот и Херберт, Вилијам. Тајната на приказната, навестена, но никогаш целосно откриена, е дека Амфилантус е таткото на Убава креација – и дека неуспехот на Амфилантус да ја испочитува должноста во врска со неговото татковство е причината поради која на момчето му недостасува вистинско, традиционално име.

Овој дел од приказната е директна паралела со вистинскиот живот на Врот. Во Англија од 17 век, да се биде без татко (или да не бидеш легално признат син) било исто како да немаш идентитет. Имотот и благородничките титули се пренесувале од татко на син. Но, Вилијам не ја наследил земјата или титулата на неговиот татко. Херберт починал во 1630 година и никогаш не ги признал своите вонбрачни деца со Врот.

Книгата со монограмите, која Браганза случајно ја открила, не можела да биде подарок од Врот за Херберт, бидејќи е објавена во 1632 година, две години по неговата смрт. Браганза верува дека Врот имала намера да му ја даде на својот син, со печат со нејзината детална шифра, испреплетените иницијали на неговите измислени мајка и татко т.е ликовите засновани на неговите родители. Самата книга била (во тоа време) релативно нов англиски превод на „Киропедија“, еден вид биографија на Кир Велики од Персија, напишана од грчкиот научник Ксенофон во четвртиот век п.н.е. Тоа било еден од основните текстови за младите мажи кои започнувале политички кариери за време на ренесансата, а Врот ја искористила можноста да го означи тој текст со оваа шифра, прикриено легитимизирајќи го Вилијам иако неговиот татко не го сторил тоа. За неговата мајка, Вилијам бил персонификација на Убавата креација на Врот.

Иако Врот го камуфлирала својот „скандалозен“ сексуален живот со шифриран код, другите можеби знаеле за нејзините надежи и уништени соништа. Татковството на Вилијам веројатно било јавна тајна. Семејствата на Врот и Херберт сигурно знаеле за тоа, а така, најверојатно, и Вилијам знаел. Значењето на симболот би било разбирливо за мал социјален круг, барем според Џозеф Блек, историчар од Универзитетот во Масачусетс, специјализиран за ренесансна литература. „Шифрите или монограмите се мистериозни: тие го привлекуваат окото како наметливи јавни тврдења за идентитетот. Сепак, во исто време, тие се збунувачки, и најчесто можат да бидат целосно толкувани само од оние малкумина што знаат што всушност значат“.

Врот била љубителка на тајни. Таа исто така била тврдоглава визионерка која живеела во нејзината револуционерна имагинација, населувајќи и прераскажувајќи приказни дури и по нивното завршување. Пишувањето ѝ дало глас што храбро зборува низ историјата, расплетувајќи ја фантазијата за тоа како требало да испадне нејзиниот живот. Ова откритие на книгата од изгубената библиотека на Врот отвора примамлива биографска можност. „Ако оваа книга преживеала“, вели Блек, „можеби и други преживеале“.

На крајот, кодот и неговите скриени значења ги надживеал оние за кого биле наменети. Вилијам умрел борејќи се за ројалистичката кауза во Англиската граѓанска војна во 40-ти години на 17 век. Колку што е познато, Врот не напишала ништо друго по смртта на Херберт. Таа се повлекла од дворскиот живот и умрела во 1651 година, на 63 години. Нешто потоа, ќерката Кетрин веројатно собрала некои спомени од куќата на нејзината мајка пред да изгори. Меѓу нив очигледно биле и ракописот од продолжението на „Уранија“ и примерокот на „Киропедија“ што бил подарок за Вилијам, кој после векови се појавил пред очите на Браганза. Всушност, кога го открила примерокот, таа немала доволно пари да го купи, бидејќи сè уште била студентка, но ја споделила веста со кустосот од „Харвард“ и му кажала каде точно може да го најде. Денес „Киропедијата“ на леди Врот е зачувана и безбедна во Библиотеката за ретки книги „Хаутон“, која е дел од Универзитетот „Харвард“.

Извор.

Leave a comment