Неверојатниот живот на Николо Макијавели…

Николо Макијавели често се смета за татко на политичките науки. Неговото брилијантно дело „Владетелот“ има огромна улога во политичкото делување во последните петстотини години. Иако не е јасно дали трактатот е напишан како критика на пороците на владеењето или како советодавна колумна за успешно државништво, макијавелистичкиот ум пропагира брутално и понекогаш неморално политичко делување – чии цели секогаш ги оправдуваат суровите средства. Во продолжение прочитајте интересно сиже и осврт на животот на Макијавели, во текст на Александер Станџофски за „The Collector“.

(статуа на Макијавели во Фиренца, Италија/извор: Goran Bogicevic / Alamy Stock Photo)

Николо Макијавели во младоста

Николо Макијавели се родил во 1469 година во Фиренца. Макијавели го дели своето родно место со друг познат политички мислител – Данте Алигиери – но тој бил роден околу двесте години по легендарниот поет. Во пресрет на ерата на Црната чума, Фиренца станала изворот за подемот на модерното банкарство, кое се појавило по пандемијата. Повторното раѓање на градот Фиренца на крајот довело до повторно раѓање на европското општество како целина: ренесансата.

Макијавели се родил во разбиена Италија. Неколку градови-држави распространети низ италијанскиот полуостров делувале како независни политички ентитети: тргување, војување и судири. Ватикан во Рим, на чело со католичкиот папа, бил меѓу овие градови-држави и внатрешните работи на политиката и војната низ целиот континент не му биле непознати. На север, Франција, Шпанија и Светото Римско Царство се бореле за врховно влијание врз Европа. Атмосферата на војна и насилство создале култура на жестоки платеници; култура на постојано менување на динамиката на моќта и краткотрајните владини режими.

Макијавели бил фасциниран од оваа променлива динамика на моќ и продолжил со кариера во политиката. Неговата прва политичка улога била во администрацијата на Фирентинската република, која штотуку го прогонила семејството Медичи. Започнувајќи како писар од ниско ниво за официјална владина документација, Макијавели на крајот се вклучил во надворешните работи на градот.

Дипломатот Макијавели

Во дипломатијата човек мора да поседува одреден лукав, харизматичен и пресметлив карактер. Сите три карактеристики ги претворил во макијавелистички доблести во неговото дело на политичката филозофија „Владетелот“. Макијавели работел на неколку дипломатски мисии во име на Република Фиренца; најимпресивната била со Ватикан. Додека бил во свитата на папата Александар VI – роден Родриго Борџија во моќниот дом на Борџија – Макијавели се сретнал со синот на папата Чезаре. Борџиите биле благородничко шпанско семејство кое произвело двајца папи и биле озлогласени по нивната репутација на корупција, предавство, поткуп, убиства и инцест ( баш „забавна“ група).

Николо Макијавели од прва рака сведочел на шармот и бруталното политиканство на младиот Чезаре Борџија и неговиот татко. Во тоа време, Ватикан насилно работел да добие делови од земја во централна Италија, принудувајќи ги да се потчинат на влијанието на Рим. „Владетелот“ како дело во целост ја опишува брилијантноста на Чезаре Борџија. Николо Макијавели постојано го поддржувал синот на папата и го сметал за еден од неговите идеални владетели – пример за идеалниот владетел. Зајадлив, безмилосен, без емоции, пресметлив и сето тоа под превезот на добронамерност кон народот. Мистеријата и убавината на делото на Николо Макијавели е двосмисленоста околу тоа дали неговиот пример за Чезаре Борџија (меѓу другите) е вистинско восхитување или сатирично реторичко критикување на пороците на политиката.

(извор: saybrook.edu)

Фирентинската политика

Николо Макијавели секако го практикувал она што го проповедал во текот на неговата политичка кариера. Централна доблест во макијавелистичката мисла е нечија должност и љубов кон својата татковина – или „Патрија“ во макијавелистички термини, збор што и денес опстојува во речиси сите јазици, (вклучувајќи го и македонскиот јазик, м.з) преку термините „патриот“ или „патриотски“.

За Макијавели, љубовта кон својата Патрија е централна за политичката личност на човекот што претендира да биде или е владетел. Овој принцип предизвикал длабок презир кон платеничката војна, лојална на оној што плаќа најмногу. За време на неговиот мандат на политичка функција, Макијавели успешно го намалил потпирањето на Фиренца на платеничките сили и формирал постојана милиција. Што се однесува до неговата политичка теорија, постојаната борбена сила составена од луѓе кои живеат во Патријатта – и затоа се емотивно врзани за причината за војната – не може да биде помакијавелистичка.

Во формулирањето на своето политичко мислење и последователната теорија, Николо Макијавели погледнал во историјата. Тој ги романтизирал Римјаните и тврдел дека секоја политичка грешка во неговото време можела да се избегне преку нивно проучување. Во 1512 година, Фирентинската република била соборена. Фракцијата Медичи, моќно италијанско благородничко семејство, ја пополнило политичката празнина. Макијавели бил лишен од функцијата, мачен и протеран од неговата сакана Патрија. Токму во егзил, Николо Макијавели ги создал своите дела.

Владетелот

Во егзил, Николо Макијавели го напишал она што ќе стане едно од најважните политички списи во историјата – „Владетелот“. Делото е позиционирано како писмо до Медичи и може да се чита како колумна со совети за идеално политичко однесување. Но, зошто Макијавели би напишал писмо до самата фракција што го соборила од неговата Патрија? Можеби Макијавели се обидувал да го привлече семејството Медичи со медени зборови и здрави совети засновани на неговата перцепција за Борџиите. Можеби тој се обидувал да си ја поврати кариерата и повторно да ја воспостави својата политичка позиција.

Една од најголемите теми низ делото е политичкото користење на реториката. Макијавели тврди дека, во политиката, луѓето вршат отворени дејствија за да ги исполнат тајните резултати. Студената, калкулативна, брутална, сублиминална природа на политиката се води за да се постигнат поголеми резултати. Што може да биде помакијавелистички од тоа да се обидеш да преговараш и да ги вразумиш самите виновници за неговиот егзил за да си го спасиш животот и кариерата? За Макијавели, идеалниот владетел ја игра улогата на бруталниот тиранин кој ја уништува секоја опозиција. Подобро е да ви се плашат отколку да ве сакаат. Советниците на владетелот, во меѓувреме, дејствуваат тајно за да ги исполнат политичките работи зад сцената. Ова била улогата која Макијавели силно ја посакувал; улогата што ја нудел за да служи во име на фракцијата Медичи во Фиренца.

Наследството на Николо Макијавели

Макијавелизмот стана синоним за реалистичката школа. Доблесните цели ги оправдуваат недоблесните средства, без оглед на бруталната или лажната примена. Николо Макијавели бил прагматичен мислител сместен во емпириската филозофска школа; тој погледнал во бруталната вистина на историјата за да го докаже својот факт и да ја формира својата мисла. Многумина продолжуваат да му се восхитуваат на реалистичниот начин на кој Макијавели зборувал за државништвото. Иако оправдувањето за владеењето на владетелот доаѓа од љубовта и согласноста на неговиот народ, тие мора истовремено да се плашат од него за да постигнат совршена политичка хармонија. Владетелот, или политичкиот оперативец, го задржува правото на политичко однесување на кој било начин, бидејќи тоа секогаш го прави за подобрување на животот на луѓето. Владетелот, значи, е најдоблесниот меѓу населението.

Макијавели на крајот повторно влегол во сферата на Фиренца, иако на аполитичко ниво. Во вечерните часови, тој се повлекувал во својата вила за да чита и пишува и да се вклучи во својата единствена вистинска страст. Николо Макијавели починал во 1527 година на 58 години.

Макијавелистичката мисла имала огромно влијание врз формулирањето на политичката идеологија на либерализмот кон крајот на XVIII век. Американските основачи се восхитувале на исклучително реалистичниот и историски промислен приказ на политиката на Макијавели. Се вели дека неговото влијание, и директно и индиректно ,преку мноштвото други мислители што ги инспирирал, одиграл голема улога во идеологијата на републиканизмот.

Извор.

Leave a comment