Што читаше Кафе и книги во јануари?

Започна новата година, а тоа значи нови планови, нови желби и многу нови книги за читање. Празниците беа совршено време за одмор и читање, па навистинаа имаше интересни четива, а во продолжение прочитајте кои беа книгите што се издвоија и можеби некој предлог ќе ве инспирира да си го пронајдете вашето следно четиво.

Идиот“ – Фјодор Достоевски

Издавачка куќа: ПОЛИЦА
Оцена: 5/5
Осврт
: Зарем се потребни зборови да се пишува и зборува многу за големината на творештвото на Достоевски? Достоевски често е присутен на блогот, преку анализи за неговото творештво, предлози за неговите книги и текстови за неговиот живот, па не е тешко да се заклучи дека ми е омилен. „Идиот“ е роман што првпат го прочитав пред околу десетина години и сметав дека е одличен момент повторно да го прочитам и да се навратам на приказната, особено бидејќи неодамна излезе и новото македонско издание, па тоа ми беше совршена можност за препрочитување.

„Браќа Карамазови“ се смета за неговото најголемо дело (со што се согласувам), а „Злосторство и казна“ е можеби најчитаното бидејќи е и дел од наставната програма, а „Идиот“ често срамежливо ѕирка зад големината и вредноста на неговото целокупно творештво, но мислам дека се работи за еден одлично исткаен роман што дефинитивно заслужува да се (пре)прочита.

Дејството на романот започнува со враќањето на кнез Мишкин во Русија и Санкт Петербург по долги години поминати во санаториум во Швајцарија. Тој е целосен странец во овој град, но решава да посети една своја далечна роднина. Но, кнез Мишкин долго живеел релативно изолиран и отуѓен живот и иако е желен за човечко друштво, тој има преголема доверба во луѓето и наивни погледи на светот, што прави луѓето да почнат да го нарекуваат идиот, а некои и отворено да се трудат да го искористат. Преку приказната на кнез Мишкин и неговото опкружување, Достоевски како и секогаш маестрално отвора дискусија за човековата природа, општеството и моралот, а читателот си заминува побогат за уште едно неверојатно читателско искуство.

Уништување“ – Мишел Уелбек

Издавачка куќа: ТРИ
Оцена: 3.5/5
Осврт
: Уелбек е еден од најпознатите современи автори, чија контроверзност е длабоко проткаена и врзана за неговите дела. Понекогаш на многу директен и шокантен начин раскажува приказни во чиј центар најчесто се ликови кои всушност се метафора за отуѓувањето и на некој начин декаденцијата на модерното општество загушено од површност, бирократија и хипер-индивидуалноста. Најновиот роман на Уелбек повторно на некој начин ги допира сите овие теми, иако, за оние го досега редовно го читале, овој роман можеби ќе им се види понеобичен во контекст на тонот и приказната, барем од она што обично се очекувало од Уелбек.

Дејството се одвива во 2027 година, и започнува со мистериозни видеа и кибер-напади и француските власти и разузнавачки служби никако не можат да одгатнат што се случува, дури и во соработка со своите меѓународни партнери, а дополнително, Франција се подготвува за нови избори, па политичката ситуација е веќе подгреана. Во средината на случувањата се наоѓа Пол Резон, кој работи во кабинетот на министерот за економија и чиј татко целиот живот го минал во безбедносните служби.

Додека се создава овој немир во француското општество, Пол добива вест дека татко му добил мозочен удар. Иако релативно отуѓен од своето семејство, Пол на некој начин преку овој трагичен настан добива шанса да ги преиспита своите односи со луѓето, од неговото семејство т.е неговиот татко, сестра и брат, па сè до односот со својата сопруга, кој се чини дека е непоправлив. Интересно испреплетување на овие настани, а Уелбек на интересен начин прави темелна анализа и гласно размислува за тоа што значат човечките односи во ова време, во која насока ќе се движи општеството, како и идеолошките превирања и светскиот поредок. Целиот роман го задржува меланхоличниот тон што е карактеристичен за Уелбек, иако на моменти романот значително се развлекува.

Едно лето со Рембо“ – Силвен Тесон

Издавачка куќа: ИЛИ-ИЛИ
Оцена: 3/5
Осврт
: Оние што го следат редовно блогот, сигурно ќе забележат дека изминативе месеци во листата со предлози и препораки се наоѓаа и книги што започнуваат со „Едно лето со…“ и сите се задржуваат и фокусираат на животот на одреден голем француски поет или мислител. Претходните изданија од овој серијал беа на Антоан Компањон, а оваа книга е напишана од Силвен Тесон и се фокусира на животот и творештвото на еден од најинтересните француски поети – Артур Рембо.

Преку минување на истата траса низ која минувал и Рембо, Тесон сакал буквално да оди по неговите стапки за подобро да го сфати овој писател кој имал бурен живот. Интересно е што книгата е напишана за време на КОВИД-19 пандемијата, па на некој начин е како отпечток во времето. Книгата се фокусира на најважните аспекти од животот и творештвото на Рембо, и е одлична за оние што не знаат многу за него, но делува малку празно доколку сте добро запознети со неговиот живот, бидејќи не кажува некои нови информации и откритија и често се повторува и навраќа на одредени моменти од животот на Рембо, што може да делува репетитивно.

Јас добив впечаток дека повеќе е како ода или пофалба за Рембо отколку анализа на неговиот живот или дело. Очигледен е восхитот на Тесон и страста во пишувањето се чувствува и тоа ја прави кнгата погодна за уживање, но мислам дека повеќе ми се допадна форматот на Компањон. Во секој случај, тука станува збор за стилистички вкусови, но дефинитивно ви препорачувам да ги прочитате сите книги од овој серијал, барем оние што се достапни на македонски јазик во издание на ИЛИ-ИЛИ.

Божиќна романса“ – Катрин Волш

Издавачка куќа: АНТОЛОГ
Оцена: 3/5
Осврт
: Предновогодишниот период го искористив за опуштање и читање еден куп божиќни и новогодишни приказни, па дури имаше и засебна објава на блогот: Празнични препораки за читање: Божиќни и новогодишни романси… Но, не успеав да ги прочитам сите, па така „Божиќна приказна“ ми остана за во јануари. Ова е интересна, авантуристичка приказна за двајца пријатели кои секоја година заедно се враќаат во Ирска за време на божиќните празници за да бидат заедно со своите семејства.

Но, токму оваа година се случува вистински хаос со откажаните летови, но тие прават сè што можат за да стигнат на време, во меѓувреме, откриваат дека меѓу нив постои хемија која е повеќе од пријателска. Интересни ликови, освен главните, има низа на споредни ликови што се забавни и интересни, па го прават целото читачко искуство поинтересно. Јас мислам дека малку се презаситив од божиќни романси периодов, но сепак приказната е симпатична, ќе ве разнежни и опушти.

Првата вечерна ѕвезда“ – Сузан Е. Филипс

Издавачка куќа: САКАМ КНИГИ
Оцена: 3/5
Осврт
: Доколку сте љубители на романтични комедии, Сузан Е. Филипс е одлична авторка за романса и опуштање. Има лесен и забавен стил на пишување што ве тера да продолжите со пишување сè додека не ја завршите книгата.

И покрај тоа што оваа книга не ми се допадна толку колку другите што ги имам прочитано од неа, сепак уживав и ја прочитав речиси на едно седнување, што покажува дека е авторка што знае да ви го привлече и задржи вниманието.

На почетокот на приказната се запознаваме со Пајпер и Купер, главните ликови. Пајпер сака да стане одлична приватна детективка, но се соочува со финансиски проблеми, а Купер е познат рагбист, кој неодамна се пензионирал и решил да отвори ноќен клуб. Еден ден, Купер ја забележува Пајпер и сфаќа дека таа го следи, но таа не сака да открие кој ѝ е клиентот. По случај на околности, Купер на крај ја ангажира за негови потреби и нивната хемија наскоро ќе експлодира. Двајцата не се нешто пренајинтересно развиени ликови, но сепак ова е добра книга за одмор.

Бонус препорака:

Тони“ – Румена Бужаровска

Издавачка куќа: ТРИ
Осврт
: Месецов прочитав и издание од македонска авторка, па затоа ја издвојувам како посебна препорака. „Тони“ е првиот роман на Румена Бужаровска, која е најпозната во македонската јавност преку нејзините кратки раскази, особено збирката „Мојот маж“ која постигна огромен успех и веќе е преведена на повеќе светски јазици.

„Тони“ е приказна што е многу современа и допира до сржта на конкретни негативни појави, олицетворени преку главниот лик или антихерој во приказната – Тони. Тони е средновечен маж, кој живее целосно заштитен живот, постојано се потпира на поддршката од мајка му, пријателите, партнерките и никогаш не ја бара вината во себе, секогаш некој друг (и општеството) е виновен што тој нема поуспешен живот, иако тој самиот не направил ништо за да го создаде. Тони е своевиден паразит, чија себичност и отровност ги уништува сите луѓе околу него. Сите познаваме некој Тони, посредно или непосредно. Тони е збир на стереотипи преточени во еден лик, па затоа можеби нема целосно да го препознаете ликот во еден конкретен човек, но сигурно барем делумно. Интересна анализа на еден подлабок проблем, погледнат секако и низ родова перспектива.

Лично имам неколку забелешки во однос на нарацијата, но сепак ова е современ и интересен роман, а ќе ве замисли и може и да поттикне долго потребна дебата.

Leave a comment