Три песни од Жак Превер!

Жак Превер (4 февруари 1900 година – 11 април 1977)  е еден од најистакнатите француски поети. Кога се трага по описи за него, често ќе сретнете епитети како „анархист, одметник и сонувач“, но од аспект на неговото творештво и творечки правец, може да се каже дека тој е претставник на надреализмот и симболизмот. Некои од неговите најпопознати стихозбирки се: „Зборови“ (1945); „Спектакли“ (1951); „Дождот и убавото време“ (1955); „Куп од разни нешта“ (1966); „И други работи“ (1972) и други.

Речиси и да нема човек кој не чул за неговото име, а голема е веројатноста дека речиси сите го препознаваат по неговаата најпозната песна „Барбара“, која, заедно со уште две други прекрасни песни, можете да ги прочитате во продолжение.

Барбара

Се сеќаваш ли Барбара
Врнеше без престан
Врз Брест тој ден
А ти одеше насмеана
Наврната зрачна маѓепсана
Под крупните капки на дождот
Сети се Барбара
Те сретив во улицата Сијам
Се смееше
И јас се смеев
Се сеќаваш ли Барбара
Не те познавав
Ниту ти мене
Се сеќаваш ли
Се сеќаваш ли на тој ден
И не го заборавај
Еден човек в некој порти
Засолнет
Го викна твоето име
Барбара
А ти отрча кон него низ дождот
Наврната зрачна маѓепсана
И му се фрли в преграб
Се сеќаваш ли Барбара
Не се лути што ти велам ти
Оти ти му велам на секој што го сакам
Па макар само еднаш да сум го видел во животот
Оти ти му велам на секој што го сакам
Па дури и да не го познавам
Се сеќаваш ли Барбара
И никогаш не заборавај го
Тој дожд толку благ и среќен
Врз твоето среќно лице
Врз тој среќен град
Тој дожд врз морето
Врз арсеналот
Врз бродот од Цесан

Ох Барбара

Свинштина е оваа војна
И што е со тебе сега
Под дожд од железо
Оган челик и крв
А оној што те стегаше в преграб
Вљубено
Дали умре го снема или е уште жив

Оф Барбара

Сѐ уште врне врз Брест
Како што врнеше некогаш
Но не е исто оти сѐ е урнато
Тоа се само посмртни капки дожд
Ужасни и очајни
А не е ниту оној потоп веќе
Од железо челик и крв
Туку просто дожд од облаците
Кои ги снемува како пци
Како пци кои ги носи
Водената струја од Брест
Да изгнијат некаде далеку
Многу далеку од Брест
Од кој ништо не останало

Изневерените љубовници

Јас ја имав ламбата
а ти светлината.
Кој го продаде фитиљот?

Мртви лисја

О колку би сакал да си споменуваш ти
на тие среќни дни на нашата љубов
Тогаш животот беше многу поубав
и сонцето светеше со подруг сјај
Мртвите лисја по земјата се пластат
А јас уште не сум те заборавил знај
и уште во мене не згаснала страста
Мртвите лисја по земјата се пластат
и нашите спомени тагите и радости
северецот студен далеку ги носи вчас
во ноќта на заборавот што срца ни сви
А гледаш дека не сум ја заборавил јас
песната што ми ја пееше во тие дни

Тоа е песна што личи на нас
На тебе што си ме сакала
и на мене што сум те сакал
Ние живеевме заедно така
ти што си ме сакала
и јас што сум те сакал
Но животот ги дели оние кои се сакаат
кои се љубат нежно и без шум
и во чии срца гулаби се вселени
А морето ги брише врз песокот со ‘ршум
стапките на љубовниците разделени.

Извор.

Leave a comment