Прекрасни мисли од „Идиот“ на Фјодор Достоевски!

На 9 февруари 1881 година починал Фјодор Достоевски, еден од најголемите умови на сите времиња. Неговите безвременски дела како „Браќата Карамазови“, „Злосторство и казна“, „Бесови“, „Записи од подземјето“, „Идиот“ и многу други, со златни букви се запишани во историјата на книжевноста. На многу начини, Достоевски е основоположник на психолошкиот роман. Преку своите ликови и дејствата во кои се наоѓаат, Достоевски на хируршки прецизен начин навлегува во душата на човекот, односите меѓу луѓето, човекoвата природа и многу често, трулоста на општеството.

Идиот“ е роман што веќе го препорачав на блогот, што го следи кнезот Мишкин и неговото навигирање во едно општество кое му е страно, со луѓе кои постојано прават сплетки и си го погазуваат зборот доколку тоа значи дека ќе извлечат некаква корист и е роман што дефинитивно треба да се најде на вашат листа за читање доколку веќе не се сте го прочитале. Во чест на Достоевски, подолу прочитајте прекрасни мисли и извадоци од романот.

„Впрочем, познато е дека човек, премногу обземен од страст, особено ако е во години, станува сосема заслепен и спремен е да наѕира надеж и таму каде што воопшто ја нема; и уште повеќе, тој го губи разумот и почнува да се однесува како глупаво дете, иако има седум педи високо чело.“

„А што ќе биде ако не мора да умрам! А што ако го вратам животот – каков бескрај! И сето тоа би било мое! Јас тогаш секоја минута би ја претворил во век, ништо не би изгубил, секоја минута со бројчаници би ја избројал, ништо напразно не би поарчил!“

„Јас не сум бил вљубен – одговори кнезот, исто така, тивко и сериозно – јас… бев поинаку среќен.“

„Убавината – тоа е загатка.“

„Затоа, срцето е најважно, а другото се глупости. Се разбира, и умот е потребен… можеби, умот е и најважен. Не потсмевнувај се, Аглаја, јас не си противречам: глупачка со срце, но без ум е исто таква несреќна глупачка каква што е онаа со ум, но без срце.“

„Јас сум, еве, глупачка со срце, но без ум, а ти си глупачка со ум, но без срце; и обете сме несреќни, и обете страдаме.“

„Сочувството е најважниот и, можеби, единствениот закон на битието на целото човештво.“

„Така напати им се случува на луѓето: неиздржливи, наеднаш појавени спомени, особено помешани со срам, обично го запираат човека за миг наместо.“

„Законот за самоуништувањето и законот за самоодржувањето се еднакво силни во човештвото.“

„Значи постоела идеја посилна од сите несреќи, суши, маки, чуми, лепра и целиот пекол, кои не би ги ни поднело човештвото од тоа време без онаа сеопфатна идеја што го насочува срцето и ги оплодува изворите на животот!“

„Станува збор за животот, за самиот живот – за неговото откривање, непрестајно и вечно, а воопшто не е за откритието!“

„Но, всушност, ќе додадам дека во секоја генијална или нова човечка мисла или, едноставно, дури и во секоја сериозна човечка мисла, која никнува во нечија глава, секогаш останува и нешто такво, кое никако не може да им се пренесе на другите луѓе, макар и да испишете цели томови и да ја објаснувате вашата мисла триесет и пет години; секогаш ќе остане нешто, кое за ништо на светов нема да сака да излезе од под вашиот череп и засекогаш ќе остане кај вас; со тоа и ќе умрете, без да успеете, можеби, да го предадете она најглавното од вашата идеја.“

„Индивидуалното добро дело секогаш ќе постои, зашто тоа е потреба на личноста, жива потреба на директно вилијание на една личност врз друга.“

„Фрлајќи го вашето семе, фрлајќи ја вашата „милостина“, вашето добро дело во каква и да е форма, вие давате дел од својата личност и во себе примате дел од друга; вие заемно се допирате еден со друг; уште малку внимание и вие веќе сте наградени со знаење, со најнеочекувани откритија. Вие секако ќе почнете да го гледате своето дело како наука; таа во себе ќе го вовлече сиот ваш живот и може да го исполни сиот живот… Од друга страна, сите ваши мисли, сите семиња фрлени од вас, можеби веќе заборавени од вас, ќе се остварат и ќе пораснат; оној што ги добил од вас ќе ги пренесе на друг. И што знаете, какво учество ќе примите вие во идното разрешување на судбините на човештвото?“

„Не треба да заборавиме дека причините за човечките дејствувања обично се неограничено посложени и поразновидни одошто ние секогаш подоцна си ги објаснуваме и тие ретко, јасно испакнуваат.“

„Подобро е да се биде несреќен, но да се знае, одошто среќен и да си живеете… насамарен.“

*извадоците и мислите се преземени од Достоевски, Фјодор. Идиот. Скопје: Полица, 2024

Leave a comment