На 11 февруари 1993 година починала една од најголемите поетеси на овие простори – Десанка Максимовиќ. Таа има објавено околу педесет збирки поезија, низа песни и прозни дела за деца и младинци, но и раскази и проза за возрасни. Таа е и првата жена добитник на „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата во 1988 година. Иако нејзиното творештво е исклучително познато и читано, Максимовиќ е можеби и најпозната по потресната песна „Крвава бајка“, инспирирана од вистински настан за време на Втората светска војна и е посветена на учениците на гимназијата во Крагуевац кои биле стрелани од германските окупатори во 1941 година.
Во нејзина чест, денес на блогот прочитајте една прекрасна песна и стихови од нејзиното богато творештво.
За оние што не умираат навреме – Десанка Максимовиќ
За душевната состојба
како од пред пет децении,
за човекот што не се мени,
кој в стари љубовни песни воздишува,
за оние од одминатото сал што ќе втасаат,
кои пишуваат како да не се пишува,
кои не умеат да повјасаат,
кои подзастануваат барем половина чекор,
за оние што не умираат навреме,
од вртења и разделби што влечат тешко бреме
и бол и прекор,
за оние што ниту палат, ниту жарат,
за стари подвизи и слава стара,
за оние чиј роден крај
е останат на брегот од минатото,
за нивното горко задоволство и приспомнатото,
за секој кој сонца изгаснати брани
и се присеќава на снегот од лани,
барам помилување!
*од изданието: Максимовиќ, Десанка. Поезија. Скопје: Матица, 2001

