„Еден ден во животот на Иван Денисович“ – книгата што го потресе СССР…

Александар Солженицин e еден од највлијателните и најпознатите руски писатели на 20 век. Неговите дела и записи за тешкиот живот во гулагот во СССР го шокираше светот, но и неговата прониклива природа со која создаде прекрасни дела кои и ден денес се релевантни и одекнуваат ширум светот и во умот на читетелите.

Во 2012 година, новинарот Стив Розенберг, кој во тоа време работел за подружницата на „Би-Би-Си“ во Москва, решил да напише еден кус прилог за делото „Еден ден од животот на Иван Денисович“, едно од најпознатите дела на Солженицин, покрај „Архипелагот Гулаг“. Меѓу другото, тој зборувал и со неколку различни соговорници и прави паралела со тогашните состојби, но и актуелноста на Солженицин и наследството на СССР. Во продолжение прочитајте го текстот на македонски јазик, а најдолу имате е-врска која ве води до оригиналниот текст на англиски јазик.

(извор: BBC)

„Еден ден од животот на Иван Денисович“, класичниот роман на Александар Солженицин, беше објавен во 1962 година. Кратка и едноставно раскажана приказна за затвореник кој се обидува да го преживее Гулагот – системот на советски работни логори – сега се смета за една од најзначајните книги на 20 век.

„Сè уште беше темно, иако зеленикава светлина светеше на исток. Од истиот правец навлегуваше тенок, предавнички ветрец. Нема полош момент од тоа кога ќе излезете на работна парада наутро. Во мракот, во студениот студ, со гладен стомак и цел ден пред тебе. Ја губиш моќта на говорот…“

Во ноември 1962 година, една приказна го потресе Советскиот Сојуз. Александар Солженицин опишал еден ден од животот на затвореникот Иван Денисович Шухов. Ликот е измислен. Но, имало милиони како него – невини граѓани кои, како и самиот Солженицин, биле испратени во гулаг во бранот на терор на Јосиф Сталин. Цензурата и стравот спречиле да се објави вистината за логорите, но оваа приказна ја изложила целата вистина. После ова, СССР никогаш повеќе нема да биде истиот сојуз.

„Бевме апсолутно изолирани од информациите, а тој почна да ни ги отвора очите“, се сеќава писателот и новинар Виталиј Коротич. Животот во логорите било нешто „за што беше невозможно ниту да се размислува“, вели тој. „Го прочитав и препрочитав и едноставно размислував колку е храбар. Имавме многу писатели, но никогаш немавме толку храбар писател“.

Советскиот лидер Никита Хрушчов го одобрил објавувањето на романот на Солженицин речиси една деценија по смртта на Сталин. Тој сметал дека објавувањето на книга за гулагот ќе помогне да се разоткрие култот на личноста на Сталин. Сепак, приказната предизвикала и многу повеќе од тоа.

„Откако беше објавена, беше невозможно да се спречи“, се сеќава Коротич. „Веднаш добивме многу нелегални примероци. Многу луѓе кои беа во затвор почнаа да се сеќаваат како било тогаш. Тоа не беше време на компјутери и принтери. Книгите се печатеа на хартија за цигари, тоа беше единствениот начин да се направат повеќе примероци. Советскиот Сојуз беше уништен од информации, само од информации. И овој бран започна од Солженициновиот „Еден ден од животот на Иван Денисович“.

Според неговото досие, Шухов е обвинет за предавство. Тој го признава тоа додека го испитуваат – да, тој се предаде за да ја предаде својата земја и се врати од логор за воени заробеници за да изврши мисија за германското разузнавање. Каква би можела да биде мисијата, не знаат ниту самиот Шухов, ниту неговиот испитувач, па затоа во досието останува запишано само „мисија“. Момците од контрашпионажата крвнички го претепуваат. Изборот е доволно едноставен: ако не потпишеш ќе носиш дрвен капут, а ако потпишеш ќе живееш малку подолго…

Тврдокорните комунисти се обиделе да го вратат џинот во ламбата. Никита Хрушчов бил сменет, десталинизацијата запрена, а во 1974 година Солженицин бил уапсен и протеран. Но, тоа не го спаси Советскиот Сојуз. И штом СССР се распадна, целиот обем на злосторствата на Сталин излезе на површина.

На периферијата на Москва, Анатолиј Мордашев ми покажа 13 масовни гробници кои се протегаат на еден километар околу полето. Она што се случувало на полигонот Бутово се чувало во тајност повеќе од половина век. Помеѓу август 1937 година и октомври 1938 година, 20.760 затвореници биле донесени на ова место и егзекутирани од страна на тајната полиција на Сталин. На луѓето што живееле во близина им било кажано дека истрелите биле само вежби за пукање. Тука биле убиени советски работници и селани, научници и спортисти, инженери и канцелариски службеници. Тие биле прогласени за непријатели на народот. И ова било само едно од многуте полиња низ СССР што служеле за убивање во времето на Сталин.

Мордашев ми вели дека сега кога Русија ја знае вистината, никогаш не смее да го изгуби од вид тоа што се случило. А сепак Русија веќе почна да заборава. Посетив едно московско училиште за да разговарам со некои 16-годишни ученици. Сè уште не го опфатиле Сталин на часовите. „Еден ден од животот на Иван Денисович“ е дел од училишната програма, но само тројца од 21 ученик ја прочитале. Значи, што знаат тие за Сталин? „Не можам навистина да кажам дали ми се допаѓа или не, бидејќи не знам многу“, признава еден. „Во времето на Сталин, луѓето биле сигурни дека кога ќе го завршат факултетот ќе најдат работа и ќе можат да живеат“, вели друг. „Но, во денешно време луѓето не се ни сигурни во тоа, не знаат дали можат да работат или не“. Трет ученик ми вели: „Сигурен сум дека Сталин навистина сакал да ја направи СССР голема земја што ќе има силно влијание врз сите. Тој бил одлична фигура. Но, бојата на неговата личност е некако темна“.

Во мојот разговор со учениците, се чувствувам како да разговараме за некоја далечна историска личност, одвоена од сегашноста преку многу векови – лидер како Оливер Кромвел или Иван Грозни. Но, Сталин умрел пред помалку од 60 години. Според неодамнешното истражување, 48% од Русите денес веруваат дека Сталин имал позитивно влијание врз нивната земја. Само 22% сметаат дека тоа е негативно.

Вдовицата на Солженицин, Наталија Дмитриевна, ги обвинува лидерите на модерна Русија, вклучувајќи ги Михаил Горбачов и Борис Елцин, за неуспехот да ја натераат земјата да се соочи со своето минато.„Тие не спроведоа никаква десталинизација“, ми вели таа. „На државно ниво, никој никогаш не го прогласи комунизмот за криминално дејство или Сталин за тиранин кој војуваше против својот народ. Сега е предоцна за зборови“, вели таа.

„Цела Источна Европа по крајот на Советскиот Сојуз се обиде да заврши со комунистичкиот начин на живот, во Полска, во Германија, насекаде“, се сеќава Коротич. „Но, не и овде. Нам ни требаше нашиот Нирнберг, како во Германија. Но, никогаш не го добивме. И додека не почнеме да разговараме за проблемот на комунизмот на ниво што Солженицин го започна пред 50 години, ние сè уште ќе живееме во оваа полусоветска земја која сака да биде дел од човештвото, но се плаши од информации за сопствената историја“.

Извор.

Leave a comment