Долго време сме навлезени во зимата и голем дел од нас со нетрпение ја очекуваат пролетта и будењето на природата, заедно со прекрасните сончеви денови. Но, дотогаш има уште време, иако денот почна полека да се зголемува. Но, зимата е и прекрасно време за читање книги во удобноста на нашиот дом. Досега прочитав повеќе книги и дел од препораките можете да ги прочитате на блогот, но книгата што ми го одбележа ова годишно време, т.е романот што ми ја одбележа оваа зима дефинитивно е „Грофот од Монте Кристо“ од Александар Дима! Се работи за вистински класик, обемно и опсежно дело за Едмонд Данте и неговата желба за одмазда, прекрасен роман што овозможува уживање на сите читателски сетила. Во продолжение прочитајте зошто и вие треба да го прочитате овој роман.

За што се работи во книгата?
Едмонд Данте е млад човек кој е на самиот почеток на својот возрасен живот и навидум делува дека пред него е сјајна иднина: на праг е да стане капетан на бродот „Фараон“ и верен е со Мерседес, девојката која ја обожава и со која се подготвуваат за свадба и блажен заеднички живот. Но, токму на денот на свадбата, Данте е уапсен, без воопшто да знае кој е неговиот престап. Дали се работи за грешка или намерна измама? Тој верува дека сето тоа е недоразбирање и дека наскоро ќе го пуштат да си оди, но набргу сфаќа дека тој е фрлен во зандана и шансите да биде ослободен се многу мали, а сè уште не знае кој е неговиот престап. Тој почнува да очајува и сака да умре, но околностите се менуваат и тој добива втора шанса во животот. Но, ништо не може да му ги врати изгубените години, изгубената младост и животот, и решава дека нема да се смири сè додека не им се одмазди на сите што му згрешиле.
Зошто треба да ја прочитате?
Затоа што се работи за неверојатно и величествено дело. Навистина е обемно и бара целосно внимание и фокус, но истовремено стилот на пишување е толку прекрасен што нема да сакате да ја испуштите книгата од раце. Структурата на романот, посветеноста на деталите, начинот на кој секое дејство, лик и постапка се совршено поставени за на крај сите заедно да создадат една прекрасна целина едноставно создаваат едно прекрасно и неверојатно читателско искуство.
Дополнително, сите ликови, од главните до споредните, се совршено изградени, нивниот развој низ текот на децениите е одлично доловен во романот, заедно со еден куп неверојатно поставени детали кои истовремено ги разобличуваат и разоткриваат ликовите и нивното лицемерие и сплеткарство, но на кои мора многу внимателно да им обрнувате внимание, бидејќи она што сосема невино изгледа како нешто безначајно во одреден период, многу подоцна ќе се покаже како исклучително значаен детаљ кој како совршено парче се вклопува во целата сложувалка.
Покрај богатата нарација, книгата е една одлична анализа на човековата природа и општество, на лицемерието и историјата, поставувајќи ја одмаздата како централна тема. Дали одмаздата е правична? Или е отров што полека го убива и оној што го подготвува? Четиво што изобилува со различни филозофски размисли искажани преку различни ликови со цел да се надгради и рашири генералната дискусија и анализа на главните теми од повеќе различни гледни точки. Љубовта кон животот и истрајноста се исто така нишки кои се испреплетуваат во нарацијата, како и човековата снага да се издигне над очајот и преку трпението да посегне кон она што го сака и кон ѕвездите.
Едмонд Данте или грофот од Монте Кристо (заедно со другите негови „маски“) е еден од највпечатливите ликови во историјата на книжевноста. Неговата опсесија и неговиот ум создаваат моќна комбинација и сила на која речиси никој не може да се спротистави, ниту да оддолее. Речиси никој. Одмаздата е неговата ѕвезда-водилка, ја гледаме преобразбата од еден весел и надежен млад човек во студен и пресметлив човек кој е решен да ги сруши сите што го уништиле.
Ова е книга што се чита полека и со уживање, јас ја читав околу 15 дена, интензивно и посветено и долго време по читањето сè уште мислам на главните теми и ликови. Освен тоа, Дима ја покажува и нискоста на човековата природа придружена со голата амбиција без никаква суштина, која често води до целосна декаденција и расипаност во општеството, а Монте Кристо е тука само за да го открие тоа грдо лице на општеството, сметајќи се себеси и за еден вид на светилник кој само ја исполнува волјата на Провидението. Но, дали всушност тоа е така е оставено на интерпретацијата и сфаќањето на читателот и тоа ја прави оваа книга толку величествена.
Она што ми беше многу интересно е што додека го читав романот, постојано во глава ми се вртеше песната „God’s Gonnа Cut You Down“ во изведба на Џони Кеш.
Некако постојано имав чувство дека оваа песна е некако совршена за носечка песна на романот, имајќи ги предвид главните теми во романот, како на пример овие стихови:
Go tell that long tongue liar
Go and tell that midnight rider
Tell the rambler, the gambler, the back biter
Tell ’em that God’s gonna cut ’em down
И овие:
Well you may throw your rock and hide your hand
Workin’ in the dark against your fellow man
But as sure as God made black and white
What’s down in the dark will be brought to the light
Иако верувам дека целосниот текст и целосната композиција е идеално огледало на тематиките на романот.
Единствена забелешка имам за македонското издание на Топер, кое визуелно е прекрасно, но можеби во следното издание би можело малку да се поправи лектурата, но сепак ја прочитав со големо задоволство и грешките не пречат многу при читањето, па ова е само добронамерна забелешка.
Извадоци и мисли што ми оставија особен впечаток
„Отсекогаш повеќе ми било страв од перо, од шишенце мастило и од хартија, одошто од меч или од пиштол.“
„Право да ви кажам“, возврати Данте, „премногу сум среќен за гласно да се радувам; ако тоа сакавте да го кажете, почитуван пријателе, имате право; радоста понекогаш необично ни влијае, нè потиснува исто како и тагата.“
„Ми се чини дека човекот не е создаден да ужива во толку чиста радост; среќата е како оние маѓепсани палати за кои сме читале како деца, на кои никој и ништо не смее да им се доближи и да влезе во нив зашто ги чуваат бесни и жестоки змејови, а и чудовишта со најразлични облици и видови, што мораме да ги совладаме пред да прогласиме наша победа.“
„Во политиката, драг мој, а тоа го знаеш исто толку добро колку и јас, не постојат луѓе, туку идеи – не постојат чувства, туку интереси; во политиката, не убиваме човек: само отстрануваме пречка, тоа е сè.“
„Вие кои сте на власт располагате само со средства што се производ од парите – а ние, кои ја очекуваме, располагаме со средства што ги поттикнува посветеноста.“
„…тој вишок памет што го имам, да бев слободен, веројатно ќе ми испареше во илјада будалаштини; за да се изнесат на виделина богатствата на човековиот интелект, потребно е да му се случи несреќа.“
„Дали е светов полн со тигри и со крокодили? Да, но запомни: двоножните тигри и крокодили се поопасни од оние другите.“
„Господ така сака: човекот што тој го создал и во чие срце толку длабоко ја вкоренил љубовта кон животот, прави сè што може за да го сочува тоа постоење кое секогаш му е толку мило на човека, колку и да е болно тоа.“
„Откако се воздигнало со ласкави надежи, срцето се крши кога ќе види како му се уништуваат сите илузии.“
„Среќата или несреќата е тајна што ја знаат само човекот во себе и ѕидовите – ѕидовите имаат уши, но немаат јазик.“
„Омразата е слепа, гневот ве занесува, а тој кој истура одмазда ризикува и самиот да вкуси горчина.“
„Преправај се дека имаш добро мислење за себеси и светот ќе има добро мислење за тебе.“
„…знаете дека човековите пронајдоци се упатуваат од сложени кон едноставни, а совршеноста секогаш се постигнува низ едноставност.“
„А сепак, човекот никогаш нема да стане совршен додека не научи како да создава и да уништува; да уништува веќе знае, а тоа е половина добиена битка.“
„На ниедна друга класа личности, бесплатното отстапување оперска ложа не му е попримамливо одошто на богатиот милионер кој продолжува да ја прегнува економијата додека истовремено се фали дека во џебот од елечето носи сума доволна за кралски откуп.“
„Човек мора да го прифати светот каков што ќе го затекне.“
„Нема ли места кои наликуваат како да оддишуваат со тага, а не знаеме зошто е така? Станува збор за низа сеќавања, за некоја помисла која ве враќа назад во други времиња, на други места, што најверојатно немаат врска со сегашното време и место.“
„…точно било дека сите наши постапки оставаат свои траги – некои тажни, а некои ведри – преку нашите животни патеки; точно било дека секој чекор во нашиве животи остава трага, исто како кога инсектот се движи преку песокта. За жал, на таа патека, за многумина, оставена трага се солзите.“
„И така, најголем дел од грешките на човекот му се појавуваат преправени во посебната форма наречена нужност; и потоа, откако ќе се направи грешка во миг на возбуда, на занесеност или на страв, согледуваме дека сме можеле да ја избегнеме таа грешка, да ѝ избегаме. Во тој момент, средствата што сме можеле да ги примениме, а што не сме можеле да ги видиме во нашето слепило, ни изгледаат едноставни и лесни, па велиме: „Зошто не го сторив ова, наместо она?“ Наспроти тоа, каењето ретко ги измачува жените зашто одлуката не произлегува од вас самите – најчесто, несреќите други ви ги наметнуваат, а вашите грешки се исход од туѓи злодела.“
„Сепак, кажете ми“, рече Бошан, „што е животот? Нели е време минато во чекалната на смртта?
„Ако судбината го фрли човек меѓу будали, мора да ја проучува будалаштината.“
„Боже мој, па живееме во времиња во кои многу нешта мораме да дозволуваме.“ „Токму тоа е и грешката на нашата доба.“
„Како и сите новопечени и богати угледници, и тој во одржувањето на својата положба прибегнувал кон голема вообразеност. Припадниците на вистинското благородништво му се смееле, на оние со дарба им бил одбивен, чесните инстинктивно го презирале.“
„Токму оваа необичност ја поседуваат моралните рани – можеби се скриени, но никогаш не се затвораат; секогаш болни, секогаш подготвени ако некој ги допре, овие рани остануваат свежи и отворени во срцето.“
„Постојат доблести што се претвораат во злостори кога ќе се претера со нив.“
„За жал, во овој наш свет, секој гледа на нештата низ одредена призма и така не успева да ги согледа во иста светлина како и другите.“
„Па, ова нели ви кажува дека во тагата, како и во животот, секогаш постои нешто понатаму, преку границите, кон што може да се впери погледот?
„Постојат ситуации што луѓето инстинктивно ги сфаќаат, но разумот е немоќен да ги објасни; во вакви случаи, најголем поет е оној што ќе успее да ги искаже најприродните и најсилните изблици на тага. Оние кои ќе го слушнат горчливиот крик остануваат под исто толку силен впечаток небаре ислушале цела поема, а кога страдалникот е искрен, со право го сметаат неговиот изблик за врвен.“
За жал“, рече Монте Кристо, „тоа е слабост на нашата природа: секогаш да веруваме дека сме многу понесреќни од оние што јачат до нас.“
„Смртта секогаш си е смрт – тоа значи заборавност, почивка, исклученост од животот, а со тоа и од тагата.“
„Потекнувам од планета што се вика тага.“
„Да, знам дека во смртта, како и во животот, постои таа една тајна на раскош и на болка; единствено важно е таа тајна да се сфати.“
„Што се однесува до вас, Морел, ова е тајната на моето однесување кон вас: на светов не постои, ниту среќата, ниту несреќата; постои само споредување на една со друга состојба и ништо повеќе. Оној кој почувствувал најдлабока тага, најдобро може да ја искуси врвната среќа. Морел, мора претходно да почувствуваме како изгледа да умреш за да можеме да го уважуваме сето она во што се ужива низ животот. И затоа, живејте и бидете среќни, сакани деца на срцево мое, и никогаш не заборавајте, до оној ден кога Бог ќе се удостои да му ја открие иднината на човекот, сета човекова мудрост се збира во овие зборови: ‘Чекај и надевај се’.“
* мислите се преземени од Дима, Александар. Грофот од Монте Кристо. Скопје: ТОПЕР, 2021
