Читателите и читателките на Џејн Остин имаат среќа. Многу малку автори оставиле зад себе толку големо богатство од предмети, тетратки и спомени… Од свои 11 до 18 години, Остин наполнила три тетратки со приказни, пародии, мини-драми и многу повеќе, а сето тоа ја прикажува остроумната духовитост и интелигенцијата што подоцна ќе процвета во гениј. Меѓу блескавите примери на нејзиното најрано дело е краткото, сатирично парче насловено „Историјата на Англија“, напишано кога авторката имала само 15 години.

(извор: Jane Austen’s House Museum)
Остин била автодидакт, темелно критичка личност која уште од рана возраст се заљубила во книгите и книжевноста, а сето тоа се одразило во нејзината младост. Има смисла во тоа дека како дете кое главно било домашно школувано и поучено од библиотеката на нејзините родители, голем дел од нејзиното тинејџерско творештво е остро, хумористично и разиграно. Ги забележала грешките на оние дела што ѝ го привлекле вниманието и била вешта да ги разоткрие нивните грешки. Како за пример може да се земе мини-претставата, наречена „Мистерија“, која се потсмева на потпирањето на театарот на тајните, издигнувајќи го до комични височини со тоа што никогаш не открива за што зборуваат сите:
Дафне: Драга моја г-ѓо Хамбаг, како сте? О! Фани, сè е готово.
Фани: Навистина е!
Г-ѓа Хамбаг: Многу ми е жал што го слушам тоа.
Фани: Тогаш немаше поента јас да …
Дафне: Баш никаква.
Г-ѓа Хамбаг: А што ќе стане со…? (г-ѓа Хамбаг шепоти)
Дафне: О! Тоа е решено.
Во 1791 година, на возраст која денес би била еквивалентна на втора година средно училиште, Остин го насочила својот пародиски поглед кон образовните книги од нејзиното време, имено, учебникот во четири тома на Оливер Голдсмит, наречен „Историјата на Англија“. Книгите од овој вид биле познати по тоа што ја сведувале историјата на суви, технички сварливи информации без нијанси и по тоа што во своите теми вбризгувале идеолошки предрасуди и мислења на авторот. На маргините на сопствениот примерок, младата Џејн Остин оставила коментар откривајќи внимателно срочени мислења. „Семејство кое секогаш било искористувано во лоши цели, предадено и запоставено“, напишала таа за прикажувањето на Стјуартите во учебникот, „чии доблести ретко се дозволуваат додека нивните грешки никогаш не се забораваат“.
Џејн Остин се здружила со нејзината сестра Касандра (која илустрирала 13 портрети на монарсите, како долунаведената) за да состави пародија од 3.500 зборови на учебниците по историја од нејзиното време, наводно напишана од „пристрасен и неук историчар со предрасуди“. Таква е само една од многуте ефективни шеги во делото украсено со остра смисла за хумор. Историчарот на Остин пишува за Џејмс I, син на кралицата Елизабета: „Иако, овој крал имаше некои грешки, најголемата грешка беше тоа што ја дозволи смртта на неговата мајка“. Сепак, нашата пристрасна хроничарка признава дека „кога ќе се погледне сè во целина, не може да не ми се допадне.“

(Портрет насликан од Касандра/извор: Books Tell You Why)
Како голема сатиричарка, Остин ги балансира амбивалентните чувства на грижа за нејзината тема и разочарувањето од тоа како често се третира. Секој од нејзините кралски портрети, кој се протега од Хенри IV до Чарлс I (што покрива период од 1367–1649 година), го открива усогласеното знаење за владетелите на Англија, нивните наследства и нивните соработници.
Раните дела на Џејн Остин не биле објавени за време на нејзиниот живот. Тие биле пренесувани преку три генерации започнувајќи од Касандра Остин. Еден потомок на Остин дозволил тетратките да бидат објавени во 1922 година. Нешто повеќе од 50 години подоцна, тие биле продадени на Британската библиотека, која создала и објавила дигитална верзија на илустрираниот ракопис. Вреди да се погледне и прочита, како вистински показател на еден креативен дух кој ја искористил првата прилика да се покаже себеси.
