Доколку сте љубители на книги и различни веб-страници за книги, голема е веројатноста дека сте налетале на првата слика подолу. Доколку сте ја сретнале, нема шанси да не се сетите затоа што е многу впечатлива. Полици што се протегаат од подот до таванот, а на левата страна од црно-белата фотографија се гледа еден човек кој зема книга од полиците. Оваа фотографија отсекогаш ме фасцинирала, па решив малку да пребарам низ интернетот и да дознаам повеќе за нејзината историја, како и за локацијата на оваа библиотека. Така дознав за јавната библиотека во Синсинати, САД, која за жал веќе не постои. Во продолжение прочитајте повеќе за историјата на ова прекрасна библиотека и преку фотографиите ѕирнете и влезете во еден свет што повеќе го нема.

Изградена во 1874 година на место резервирано за оперска куќа, старата јавна библиотека во Синсинати била чудо. Со пет нивоа на полици од леано железо, прекрасно фоаје, мермерни подови во вид на шаховска табла и атриум осветлен со небесна светлина од таванот, местото го одзема здивот. За жал, тој прекрасен лавиринт од книги е засекогаш изгубен.
Покровителите влегувале во библиотеката на улицата „Вајн“ под бистите на Вилијам Шекспир, Џон Милтон и Бенџамин Френклин. Предворјето водело до главната сала слична на катедрала, висока четири ката, со масивен покрив. Подот бил во форма на мермерна шаховска табла. Пет нивоа на полици за книги ги притискале ѕидовите. Сончевата светлина минувала низ прозорците за да обезбеди доволно добро осветлување.

(влезот на библиотеката, со трите бисти над влезната порта)
„Главната сала е прекрасно дело“, објавил весникот „The Enquirer“ по отворањето. „Шупливиот квадрат во рамките на столбовите е осветлен со заоблен чист покрив од призматично стакло поставено во железо, чија светлина е скршена и омекната со обложен таван од богато обоено стакло. Човек е импресиониран не само од големината и убавината на ентериерот, туку и од неговата адаптација на целта на објектот“.
Цената на парцелата и зградата била 383.594,53 американски долари, околу 7,7 милиони долари денес. Народната библиотека содржела 60.000 тома, со проценет капацитет од 300.000 книги.
Па зошто оваа зграда била урната? Разговорите за новата зграда на библиотеката веќе започнале 30 години порано, кога збирката книги почнала да го надминува капацитетот на зградата. Книгите биле натрупани надвор од дофат. Вентилацијата била слаба, воздухот застоен. Бојата се лупела.
Во јануари 1955 година, нова современа библиотека била отворена на улицата „Вајн 800“. Старата зграда била продадена на „Лејмaн Корп“ за околу денешни 100.000 долари, а до јуни истата година, прекрасната библиотека била срамнета со земја. Местото сега е паркинг гаража. Трите глави кои некогаш го чувале главниот влез на библиотеката биле единствените оригинални карактеристики на зградата што биле зачувани и сместени во градината на новата библиотека.
Во продолжение погледнете и слики од прекрасната библиотеката што ја нема денес.
















Сликите се преземени од: Public Library of Cincinnati & Hamilton County и Rare Historical Photos)
Извор и инспирација за текстот: Rare Historical Photos
