Човечност во јамите на пеколот: Ѓаволот во „Пеколот“ на Данте Алигиери!

Божествената комедија“ од Данте Алигиери, особено „Пеколот“, е едно од најфантастичните и највеличествените книжевни дела во историјата на човештвото. И после толку векови, ова дело се смета за еден од темелите на светската книжевност и култура и до ден денес темите во него предизвикуваат полемики, дискусии, анализи, а и дополнително е инспирација за безброј други дела, драми, филмови, уметност. На веб-страницата, „The Collector“, Фејт Ли дава свој осврт на ова безвременско дело, фокусирајќи се конкретно на „Пеколот“ и неговото значење. Во продолжение прочитајте ја нејзината анализа и нејзините согледувања.

(слика инспирирана од „Божествената комедија“ на уметникот Доменико ди Микелино, насликана околу 1465 година/извор: Columbia College/The Collector)

Додека читателите патуваат низ пеколот со Данте и Вергилиј, тие се сведоци на бедното болно грчење како животни. Сепак, кога Данте се соочува со Луцифер, ѓаволот е изненадувачки човечен.

„Пеколот“ на Данте Алигиери продолжува да ја разгорува љубопитноста, но и да поттикнува прашањата кај современите читатели. Како што Данте го замислува животот после смртта, тој исто ги замислува и суровите казни наменети за грешниците. Во пеколот на Данте, најголемите грешници се оставени да пропаѓаат во најдлабоките јами. Во текот на нивното патување во најдлабоките длабочини на пеколот, Данте и Вергилиј се сведоци на интензивното страдање на душите. Човечките тела се турнати до нивните ментални и физички точки на прекршување. Кога Данте и Вергилиј стигнуваат до деветтиот и последен круг, тие се соочуваат лице в лице со Луцифер и најпредавничките грешници. Токму тука, една свечена сцена прикажува неверојатно човеколик ѓавол.

Ѓаволот е во деталите во „Пеколот“ на Данте

Данте Алигиери, средновековен полимат, е автор на „Божествената комедија“ од три дела во која се детализирани кралствата на задгробниот живот. Фатен среде политичките бранови на неговото време, Данте бил протеран од неговата родна Фиренца. Во прогонство, тој ја напишал „Божествената комедија“. Трите дела на „Божествена комедија“, „Пеколот“, „Чистилиштето“ и „Рајот“, нè водат низ пеколот, чистилиштето и рајот. Додека сите локации нудат точки на интерес, „Пеколот“ е дом на „атракции“ кои мора да се видат во задгробниот живот.

„Пеколот“ нè носи на аџилак низ пеколот со средновековниот италијански поет Данте и римскиот поет Вергилиј. Данте го обмислува светот кој ги чека грешниците по смртта, а неговите описи се и воодушевувачки и одвратни. Стиховите од „Пеколот“ инспирирале шокантни слики, како онаа од Бугеро.

Посветеноста на Данте кон деталите е можеби она што го прави неговиот пеколен пејзаж толку волшебен. Слично на неговиот книжевен модел и водич низ дејството, Данте црпел огромна инспирација од структурата на „Енеида“. Самиот пекол има сложен патоказ, а при казнувањето на грешниците учествуваат и некои митски суштества. За секој грев, Данте изработил казна која соодветствува на гревот. Алчните кршат тешки карпи во бескрајни кругови, а еретиците се затворени во запалени гробници. Убијците се вечно обложени со зовриена крв, а ласкавците се закопани во измет. И покрај изопаченоста на пеколот, читателите не можат да погледнат настрана. Пеколот е ужасен, а сепак обземувачки.

( ракопис кој ги претставува џиновите во „Пеколот“
извор: Columbia University/The Collector)

Последниот круг на пеколот

По навигацијата низ пеколните јами, Данте и Вергилиј конечно доаѓаат до влезот од деветтиот и последен круг. Сместен на дното на инката, овој последен круг е дом на најлошите грешници од сите.

Данте веднаш ги забележува масивните кули пред него и се врти и го прашува Вергилиј кое е името на градот („Пеколот“, 31.20-21). Вергилиј го поправа Данте, велејќу дека тоа „не се кули, туку џинови“, чии екстремитети се протегаат до дното на пеколот („Пеколот“, 31.31). Ботичели, познатиот ренесансен сликар, ги прикажува лицата на џиновите на влезот со ликови на луѓе. Додека Данте гледа кули направени од човек, Вергилиј веднаш сфаќа дека овие џинови се всушност изобличувања на човекот. Пеколот има и други човечки создадени структури низ неговите јами, но влезот во овој круг е изграден од чувствителни суштества.

Џиновите се способни да зборуваат и едниот од нив дури и се осмелува да извика некои замеани блаботења („Пеколот“, 31.67); Вергилиј веднаш реагира, нарекувајќи го џинот „тапа душа“ („Пекол“, 31.70). Вергилиј, како да кара дете, ги прекорува обидите на џинот да комуницира. Овој џин кој се обидува да комуницира е Нимрод, кој ја изградил Вавилонската кула. Кога Бог ги видел обидите Вавилонската кула да стигне до небото, ја казнил човечката цивилизација со создавањето на различни јазици. Слушањето на џиновите како се обидуваат да комуницираат ја хуманизира нивната болка. Додека другите конфронтации со ужасните ѕверови го шокираат Данте, овој пример е многу пожалосен. Осудени да го чуваат пеколот како искривени квази-човечки фигури, чувствуваме тага за овие џинови кои не можат да комуницираат.

Грешниците од деветтиот круг

Како што Данте влегува во деветтиот круг, температурата станува студена („Пеколот“, 34.29). Деветтиот круг е дом на најнеискупливите грешници: предавниците. Овде е казнет и Луцифер, паднатиот ангел кој го предал Бога. Предавниците во овој круг се казнети со тоа што се принудени да го гризат тилот на другите грешници, бидејќи во текот на нивниот живот биле оние што „забодувале нож во грбот“. Нивните движења се бавни и пресметани, а оваа тортура ќе трае вечно.

Брут, Касиј и Јуда

Најозлогласените луѓе од овој круг се Брут, Касиј и Јуда, казнети за нивното предавство. Брут и Касиј неславно го предале Цезар, а Јуда го предал Исус. Постојат неколку начини преку кои Данте им се одмаздува на своите непријатели во „Пеколот“, но овие тројца мажи претставуваат сосема поинаков тип на одмазда. За Данте, овие тројца мажи биле најголемите предавници на човештвото, бидејќи го предизвикале падот на Цезар и падот на Христос. Сите тројца се казнети со тоа што самиот Луцифер постојано ги раскинува. („Пеколот“, 34.61-67). Интересно е да се забележи дека Понтиј Пилат, кој го осудил Исус на смрт, никогаш не е експлицитно именуван низ Пеколот. Иако е одличен кандидат за деветтиот круг, тој е изоставен од него.

Телото на Луцифер

По долгото патување, Данте и Вергилиј конечно стигнуваат да го видат Луцифер „во живо“. Слично како и со џиновите, на Данте му е тешко да ја „свари“ физичката големина на Луцифер („Пеколот“, 34.30-33). Ова го поттикнува Данте да размислува за сопственото постоење, пишувајќи:

Ни жив ни мртов тогаш сум се таел
– па оди, суди сам по својот ум
до кога така таму јас сум траел!

(„Пеколот“, 34.25-27)

Во деветтиот круг, линиите помеѓу животот и смртта делуваат нејасни. Конкретните поими за човештвото и битието исчезнуваат додека се обидуваме да го разбереме страдањето на џиновите и Луцифер. Данте понатаму забележува како изгледот на Луцифер претрпел целосен пресврт, повторно потсетувајќи нè како неговата фигура се преобразила. Некогаш се сметал за еден од најубавите ангели, сега е најгрдиот („Пеколот“, 34.34-36).

Дополнително, Луцифер има три лица и три усти, и од секоја поединечно полека ги глода Брут, Касиј и Јуда. Слично како и со џиновите, Луцифер не може да комуницира со Данте и Вергилиј бидејќи устата му е зафатена. Во претходните пеења, Данте и Вергилиј отворено зборуваат со грешниците за нивните гревови и казни – или, во најмала рака, грешниците можат да врескаат од болка и агонија. И други толкувања на злите богови во пеколот и подземниот свет ги отсликуваат овие сцени на страдање. Во толку многу толкувања на подземјето, пеколот изгледа како кланица.

(„Данте и Вергилиј во деветтиот круг на Пеколот“, слика на Гистав Дор, насликана околу 1851 година/ извор: French National Library, Paris/The Collector)

Сепак, Луцифер и тројцата предавници молчат, а сцената е свечена. Можеме да ја толкуваме тишината на многу начини. Од една страна, во тишината има елемент на почит. Додека другите грешници ги објаснуваат нивните околности што довеле до нивните злосторства, гревовите на Луцифер, Брут, Касиј и Јуда не бараат објаснување. Дури и за современите читатели, овие тројца мажи (и Луцифер) се познати по своите предавнички постапки. На некој начин, одлуката на Данте да направи овие фигури да молчат, потврдува дека нивните злосторства никогаш нема да бидат простливи или искупливи. Тие засекогаш ќе се измачуваат, без да можат да изразат каква било болка или каење. Нивната потиштеност им вметнува еден поприсебен, цивилизиран изглед наспроти грешниците од претходните пеколни јами.

Иако Луцифер не може да зборува гласно, неговиот израз зборува за него. Солзите на Луцифер се претставени како „шест очи плачат; в три бради се крие/од солзи поток крвав, лигав…“ („Пеколот“, 34.52–53). Бидејќи Луцифер е толку голем, невозможно е да се игнорираат големите, крвави солзи што се слеваат од неговите шест очи. Иако Луцифер не може да проговори и да ги изрази своите чувства, солзите што ги лее ја пренесуваат неговата болка и страдање. Неговата физичка форма нè потсетува колку длабоко паднал ѓаволот. Солзите го заземаат местото на зборовите, можеби и за да пренесат некакво каење.

Дали Данте има симпатии за Луцифер?

Оваа средба со ѓаволот е нашиот последен впечаток за пеколот пред да влеземе во второто царство, „Чистилиштето“. Низ пеколот, Данте речиси без двоумење отворено ги осудува луѓето кои му згрешиле. Тој зазема храбри ставови и упатува подмолни забелешки кон политичките и верските противници. Во некои моменти, ужасите на пеколот се толку неискажливи што Данте жали што не е во состојба целосно да ги артикулира таквите ѕверства. Значи, кога ќе се соочи со ѓаволот, дали Данте се воздржува?

Иако не можеме да го прашаме Данте за неговите размислувања, можеме да направиме неколку објективни забелешки. Данте бил неверојатно добро начитан, како што можеме да извлечеме од бројните алузии и книжевни алегории низ „Божествената комедија“. Ако Данте ги научил истите лекции што ги учиме и ние од приказните, сигурно бил многу свесен дека луѓето се суштества со недостатоци.

Додека сите други грешници се казнети со физичка болка, болката на Луцифер е неискажана. Наместо жестоки извици или графички слики, Луцифер само го гледа Данте со солзи во очите. Данте не сака да имаме сочувство за солзите на ѓаволот, туку да учиме од нив. Луцифер ни покажува до каде може да падне човекот доколку не внимава. Дури и Луцифер, кој некогаш живеел меѓу најпочитуваните членови на царството небесно е осуден да го живее остатокот од вечноста жалејќи за своите постапки.

Извор.

Leave a comment