Интересни мисли од Мишел Уелбек!

Мишел Уелбек е еден од најпознатите и најконтроверзните современи француски автори. Секое негово дело предизвикува жестоки реакции и многу често можете да сретнете мислења од типот на „тој е автор што или го сакаш или го презираш, но не можеш да останеш рамнодушен на него“. Со директен и често груб стил на изразување, Уелбек својот фокус најчесто го става на местото на поединецот во општеството кое сè повеќе се менува и станува отуѓено и како сето тоа влијае на поединецот, но и на меѓучовечките односи. За време на пандемијата жестоко го критикуваше односот што човештвото го имаше кон смртта, велејќи дека „никогаш со таква спокојна бесрамност не сме велеле дека секој живот нема иста вредност.“

Негови најпознати дела се „Покорување“, „Ланзароте“, „Елементарни честички“, „Платформа“, „Карта и територија“, „Серотонин“ и други. Негово последно остварување е романот „Уништување“, кој веќе е и преведен на македонски јазик, а беше и дел од препораките за читање на блогот.

Мишел Уелбек е роден на 26 февруари 1956 година и уште еден интересен факт за него е дека е роден на ист ден со францускиот великан и еден од најпознатите книжевници на сите времиња, Виктор Иго, кој се родил на 26 февруари 1802 година. Во чест на неговиот роденден, во продолжение прочитајте неколку интересни мисли од Уелбек, кои мене ми оставија впечаток при читање на неговите книги.

~ „Има такви понеделнички денови кога кон крајот на ноември или почетокот на декември, кога на човека, особено ако е самец, му се чини дека се наоѓа во претсобјето на смртта. Летниот одмор одамна е заборавен, Нова година уште е далеку; ништото изгледа невообичаено далеку.“ ~ „Уништување“

~ „За жал, човек никако не можеше да не констатира дека денес некој пејсаж речиси неминовно може да биде убав само ако најмалку еден век не го чепнала човечка рака.“ ~ „Уништување“

~ „Зар е вистина дека дури ни физички не се менуваме во очите на тие што нè сакаат, дека тие што нè сакаат се во состојба да ги поништат вообичаените способности за забележување? Зар е вистина дека првата слика што што сме ја оставиле во очите на саканата жена се наметнува секогаш, вечно, и го поништува она во што сме се претвориле во меѓувреме?“ ~ „Уништување“

~ „Веројатно беше лош знак човек да реши тукутака да се врати во младите години, веројатно тоа им се случува на луѓето кои тукушто почнуваат да сфаќаат дека си го сплискале животот.“ ~ „Уништување“

~ „Тој ги сакаше тие моменти во годината кога сè стои, како да запрел животот, како да ја досегнал највисоката точка на големото тркало пред да нурне повторно во нов циклус.“ ~ „Уништување“

~ „Знаеш, вистина е тоа што го велат, дека моќта го осамува човека; колку повеќе одговорности имаме толку поосамени сме.“ ~ „Уништување“

~ „Ти ги впиваш сите несреќи на овој свет; тоа е твојата судбина.“ ~ „Уништување“

~ „Среде општото телесно пропаѓање на што се сведува стареењето, гласот и погледот го носат сведоштвото, тажно и неоспорно, за цврстината и упорноста на ќудот, на стремежите, на желбите, на сето она што ја сочинува човечката личност.“ ~ „Карта и територија“

~ „Човек се сеќава на сопствениот живот, напиша некаде Шопенхауер, одвај повеќе отколку на некој роман кој го прочитал некогаш во минатото. Да, тоа е точно: одвај повеќе.“ ~ „Платформа“

~ „Во животот може да се случи сѐ, а уште почесто може да не се случи ништо.“ ~ „Платформа“

~ „Која би била смислата на книжевноста која божем се занимава со човечкиот род, а всушност не разгледува ништо што е интимно?“ ~ „Ланзароте (и други текстови)“

~ „Човечките суштества во голема мера се меѓусебно исти, иако тоа не можат баш докрај да го разберат поради својата комична арогантност; ние не можеме ни да замислиме колку лесно може да се досегне универзалното на тој начин што ќе зборуваме за себе.“ ~ „Ланзароте (и други текстови)“

~ „Не се плашете од среќата, таа не постои.“ ~ Мишел Уелбек, „Ланзароте (и други текстови)“

~ „Тој период ми е останат во чудно сеќавање, можам да го споредам само со оние ретки моменти што се случуваат само кога сме исклучително спокојни и среќни, кога се колебаме да му се препуштиме на сонот, воздржувајќи се од заспивање во последната секунда иако знаеме дека сонот што ќе следува ќе биде длабок, сладок и закрепнувачки. Мислам дека не е грешка да се споредува сонот со љубовта; мислам дека не се лажам кога ја споредувам љубовта со еден вид сон во двојка, навистина, има ситни моменти на поединечно сонување, ситни мешаници од соединување и разминување, ама во секој случај, тој сон овозможува нашиот живот на земјава да се претвори во поднослив момент – искрено, не постои ниеден друг начин да се постигне тоа.“ ~ „Серотонин“

~ „Сега бев во мојот пекол што си го изградив сам, според сопствената мера.“ ~ „Серотонин”

Leave a comment