Џон Штајнбек е еден од најпознатите американски писатели на 20 век. Тој е автор на многу познати дела како „Плодови на гневот“, за кое ја добил Пулицеровата награда за книжевност, „Глувци и луѓе“, „Рамна тортиља“, а многумина сметаат дека „Источно од рајот“ е неговиот mаgnum opus. Во 1962 година ја добил и Нобеловата награда за книжевност. Денес на блогот имате можност да прочитате куси извадоци од книжевни осврти на неговите дела, напишани веднаш по објавувањето на делата, кои се и одраз на тогашните времиња и размислувањето на тогашните критичари.

(извор: Book Marks)
„Рамна тортиља“ (1935)

~ „Мислите наутро се бавни и длабоки и златни.“ ~
„Рамна тортиља“ е делo кое се фокусра на еден запоставен дел во градот Монтереј во Калифорнија. Таму живеат паисанос, мешана раса од шпански и индиски мексиканци и разновидна кавкаска крв. Во хумористичната и забавна приказна на г-дин Штајнбек, тие се појавуваат како нежна раса на љубители на сонце кои пијат многу вино, антисоцијални неранимајковци и хулигани кои работат само кога тоа го бара потребата и генерално живеат со низа заблуди, помалку или повеќе надвор од законот.
…
„Г. Штајнбек раскажува голем број првокласни приказни во неговата историја за куќата на Дени. Тој има дарба за разиграно раскажување и за претворање на шпанскиот говор и фрази во незлонамерно потсмешлив англиски јазик. Ние мислиме дека книгата е постојано забавна, како „Февруари Хил“. Но, се сомневаме дека животот во Рамна тортиља е толку безгрижен, пријатен и забавен како што г-дин Стајнбек прави да делува дека е .“
~ Фред Т. Марш, „Њујорк Тајмс“, 2 јуни 1935 година
„Глувци и луѓе“ (1937)

~ „Можеби сите луѓе на целиов проклет свет се плашат еден од друг.“ ~
„Џон Штајнбек не е обичен виртуоз во уметноста на раскажување приказни; но тој е и таков виртуоз. Без разлика дали пишува за љубезните отпадници од „Рамна тортиља“ или за мрачните напаѓачи во „Во сомнителна битка“, тој раскажува приказна. „Глувци и луѓе“ е трилер, привлечна приказна која се протега до кратка новела што нема да ја испуштите од рака додека не ја завршите. Оваа приказна е и повеќе од тоа; но таа е и тоа.
…
„Темата не е, како што би сугерирал насловот, дека најдобро поставените планови на глувците и мажите не се остваруваат. Тоа додуша се случува во оваа приказна како и во други приказни. Но, оваа приказна е и игра со една тематика што се провлекува од памтивек за тоа од што живеат луѓето освен леб. Со сигурниот, бурен и вулгарен американизам, Штајнбек во својата куса приказна навлегува длабоко во суштината“.
~ Фред Т. Марш, „Њујорк Тајмс“, 28 февруари 1936 година
„Плодови на гневот“ (1939)

~ „Нема грев и нема доблест. Има само работи што луѓето ги прават.“ ~
„Најдолгото, најлутото и најимпресивното дело на Штајнбек… Има смртни случаи на патот: Бабата е првата што си заминува – но нема многу време за жалост. Поголема трагедија од смртта е изгореното лежиште, поправено по напорите кои Штајнбек ги опишува како да ги опева подвизите на хероите во опсадата на Троја… Првите половина дузина од овие интерлудии не само што го проширија опсегот на романот туку се и ефективни сами по себе, тажни, горчливи, интензивно трогателни.
Но, откако Џоадови пристигнуваат во Калифорнија, интерлудиите се изговараат со потресен глас. Авторот сега има теза – дека мигрантите ќе се обединат и ќе ги соборат нивните угнетувачи – и тој сака да се расправа, како и самиот да не е сосема сигурен во тоа… Сепак, човек наскоро ги заборава грешките на приказната. Она што се истакнува најмногу од сè е сочувството на Штајнбек кон мигрантите – не сожалување, бидејќи тоа би значело дека тој се става себеси над нив; не љубов, зашто тоа би го заслепило за нивните грешки, туку длабоко блиско чувство. Тоа го тера да забележи сè што ги издвојува од остатокот од светот и сè што издвојува еден мигрант од сите други луѓе“.
~ Малколм Каули, „Њу Репаблик“, 3 мај 1939 година
„Конзервиран ред“ (1945)

~ „Тој можеше да убие сè од потреба, но не можеше да повреди ниту едно чувство од задоволство.“ ~
„Конзервиран ред“ во Монтереј, Калифорнија, е „поема, смрдеа, врева, квалитет на светлина, тон, навика, носталгија, сон“. Со овие блескави зборови, Штајнбек ја изнесува тематиката на неговата приказна, која ги плете, во робусен и деликатен контрапункт, обоените нишки на големите моменти во животот на мажите и жените кои живеат среќно на погрешната страна од колосеците.
„Конзервиран ред“ е измамливо едноставна и разоружувачка приказна како детска насмевка. Комплексна, без да биде комплицирана… „Конзервиран ред“ е еп на ситници и мали животи. Има чудна, светкава убавина исполнета со тивка радост и тапа, прогонувана тага што е наследство на оние кои, случајно од раѓање, темперамент или околности, живеат на надворешниот раб на општествената структура на која никогаш не можат да ѝ припаѓаат“.
~ Џон О. Чапел Џуниор, „Синсинати Инквајер“, 20 јануари 1945 година
„Источно од рајот“ (1952)

„Верувам дека силната жена може да биде посилна од мажот, особено ако има љубов во нејзиното срце.
Претпоставувам дека заљубената жена е неуништлива.“
„Најдобриот и најамбициозниот роман на Џон Штајнбек по „Плодовите на гневот“ беше објавен денес. Се вика „Источно од рајот“ и е долг четвртина милион зборови. Со несмасна структура и обезличен од прекумерната мелодраматика и преевтин сензационализам, „Источно од рајот“ е сериозен и, гледано во целина, успешен напор да се справи со главната тема. Темата е морална, за доброто и злото и мешавината на двете, кои им даваат значење на сите човечки стремежи.
Во тринаесетте години што поминаа од објавувањето на „Плодови на гневот“, Џон Штајнбек остави впечаток на писател кој истражува слепи улички, трошејќи ги своите големи таленти на тривијални книги, пипкајќи и чепкајќи меѓу неговите збунети мислења за човечкиот карактер и самиот живот. Сега, во „Источно од рајот“, тој достигна до важна филозофија и тоа одлична и дарежлива. Мажите и жените повеќе не се слаби и презирни животни, како што беа во „Конзервиран ред“ и „Заскитаниот автобус“. Тие се луѓе, силни и слаби, мудри и глупави, понекогаш злобни; но нивните животи се значајни поради „славата на изборот“. „Источно од Рајот“ е сведоштвото на г-дин Штајнбек за слободната волја и суштинската благородност на човекот.
…
„Во овој роман е исткаено убаво и жестоко чувство за живот, уживање во спектаклот на мажи и жени кои се борат на старите начини да ги исполнат своите одделни судбини има изобилство од добро раскажување… Џон Штајнбек се разви и созреа во неговата почит кон своите ближни, во неговото разбирање, дошол до зрели и промислени заклучоци за нив и тој ги искажува своите заклучоци на интересен и провокативен начин. „Источно од Рајот“ е изграден околу централна идеја која ја дава најважната од нејзините многубројни паралели, приказната за Каин и Авел. Како г-дин Штајнбек ја употребува и вметнува оваа бесмртна приказна и каква е неговата интерпретација нема да откриеме во овој текст“.
~ Орвил Прескот, „Њујорк Тајмс“, 19 септември 1952 година
