Филмски и книжевни разговори со Милчо Манчевски

Доколку сте љубители на различни уметности како филмот и книжевноста, но и воопшто на културата, тогаш можеби овој настан ќе биде навистина привлечен и интересен за вас. Утре (среда, 5 март), со почеток од 19.30 часот, во „Europe House Skopje” ќе се одржи промоција на новиот број на списанието за наука, литература, култура и уметност – „Зенит“, а во рамки на промоцијата, предвиден е и разговор со најпознатиот и наградуваниот македонски режисер – Милчо Манчевски.

Во самата најава е наведено дека низ отворен и инспиративен разговор, „Манчевски ќе сподели размислувања за својата уметност, за филмската индустрија, како и за темите што го инспирираат низ годините“, додека пак главната уредничка Ана Витанова Рингачева ќе даде кус осврт кон содржините на списанието. Разговорот ќе го води Далибор Плечиќ, а модераторка ќе биде Сузана Мицева.

Одлична можност за љубителите на културата и како за крај, организаторите во најавата на официјалниот настан на Фејсбук ве канат на убав настан и препорачуваат:

Не пропуштајте ретка можност за средба со еден од најзначајните македонски автори и заедничка дискусија за неговата работа и новите перспективи што ги отвора новото издание на „Зенит“

Leave a comment