На 5 март 1966 година починала Ана Ахматова, една од најпознатите советски поетеси, чија поезија и по толку време силно одекнува во книжевната историја. Иако нејзиниот живот бил живот на болка, страдање и постојан притисок и страшна цензура, нејзиното творештво и нејзиниот дух ги издржале сите препреки, но и тестот на времето. Во нејзина чест денес читаме една тематски тешка песна од неа, но некако сосема соодветно прилега на годишнинат од нејзината смрт.
Кон смртта – Ана Ахматова
Сеедно, ќе дојдеш – зошто не и сега? Збори!
Тешко ми е – јас те чекам будна.
Ја изгаснав светилката и врата ти отворив
Тебе, што си толку едноставна, чудна.
Каков сакаш облик ти за тоа земи,
Како ѓуле отровно ме згроми,
Или како бандит искусен ми гибел спреми,
Или како тифус во смртта ме вдоми.
Или како сказна низ тебе што мина
И на сите им ја кажа и прати,
Да го видам врвот на шапката сина*
И домарот блед од страв зад врати.
Рамнодушна сум јас сега, Енисеј се пени,
Блеска поларната ѕвезда со светлина жива,
И синиот сјај на очите возљубени
Смртен ужас ги покрива.
Август, 1939 година
* Капа на службениците на тајната советска служба на НКВД. При претресот обично присуствувал домарот.
Песната е преземена од изданието: Ахматова, Ана. Избрани песни. Скопје: ТРИ, 2021.
Избор и препев од руски јазик: Ефтим Клетников

(извор: Inclusity)
