Во чест на 70-годишнината од издавањето на првата стихозбирка на Анте Поповски, утре, (7 март), со почеток во 19.00 часот во Културниот центар „Лабораториум“ ќе се одржи поетското читање „Одблесоци“ во организација на Здружението за зачувување на делото на Анте Поповски – „Антево перо“.

Според најавата, настанот ќе биде составен од неколку делови, со главен фокус насочен кон младите поети и поетеси кои изминатите седум години учествувале на манифестацијата „Анте Поповски – Антево перо“, без оглед дали биле некои од добитниците на наградата „Антев часовник“ или влегле во потесните кругови на селекција за истата награда.
Организаторите најавуваат и дека во читањето ќе се придружат и учесниците на минатогодишните работилници за креативно пишување во рамките на проектот „Поезија во фармерки“. Дополнително, на настанот младите поети ќе имаат можност да разговараат со синовите на Анте Поповски, Жорж и Александар, а присутните ќе проследат и видео записи посветени на Анте Поповски.
На настанот своја поезија ќе читаат: Емануела Ковачевска Китановска, Марија Филипова, Милена Сиљаноска, Светла Јакшиќ, Пепи Стамков, Софија Тодороска, Нино Наумовски, Ана Ѓорчевска, Александра Атанасова, Ива Пуовиќ, Мартина Костадиновска, Дарио Постоловски, Иво Донев, Михаела Стефановска, Методија Тасевски.
