Во 1938 година, Перл С. Бак станала првата жена од Америка на која ѝ била доделена Нобеловата награда за книжевност. Во образложението за наградата било наведено дека ѝ се доделува Нобеловата награда „за нејзините богати и навистина епски описи на селскиот живот во Кина и за нејзините биографски ремек-дела“. Таа напишала повеќе од 70 книги, а пишувала и раскази, поезија, драми, есеи и книги за деца. Нејзините книги се преведени на 30 јазици, а своевремено била и најпродаваната писателка во Америка. Но, повеќето луѓе ја знаат Перл Бак по нејзините романи за Кина. Таа многу добро ја познавала Кина и нејзиниот народ. Кина била нејзиниот дом речиси 40 години.

Детството и младоста на Перл Бак
Перл Бак се родила на 26 јуни 1892 година во семејство на презвитеријански мисионери, Керолин и Абсалом Сиденстрикер. Тие го напуштиле нивниот град Хилсборо во Западна Вирџинија и заминале за Кина уште пред нејзиниот прв роденден, па така таа пораснала зборувајќи и англиски и кинески јазик, а нејзиното образование започнало дома, бидејќи кога била многу мала, нејзината мајка ја подучувала за многу од работите што таа би ги учела доколку останале во САД, додека пак другите предмети ѝ ги предавал еден кинески учител.
Во 1910 година, Перл се вратила во САД за да студира филозофија на женскиот колеџ Рандолф-Мејкон во Линчбург, Вирџинија. По дипломирањето се вратила во Кина. Три години подоцна, таа го запознала Џон Лосинг Бак, верски работник што студирал земјоделство. По некое време стапиле во брак и се преселиле во мало село на северот на Кина. Нивниот живот меѓу најсиромашните луѓе бил голема инспирација за многу од книгите што таа подоцна ги напишала. Во 1935 година, се развела од Џон Бак и по некое време се омажила за нејзиниот книжевен агент Ричард Волш, но го задржала презимето Бак.
Творештво и подоцнежен живот
На почетокот на својата кариера, како млада жена која сакала да придонесе за скудната заработка на своето семејство, Бак почнала да објавува есеи и приказни во списанија како „Азија“ и „Кинескиот рекордер“. Перл Бак ги напишала своите први книги за Кина во време кога повеќето луѓе во светот речиси ништо не знаеле за кинескиот начин на живот. Во 1930 година бил објавен нејзиниот прв роман, „Источен ветер, западен ветер“, еден контрастен приказ за браковите на двајца браќа.
И покрај тоа што објавила повеќе од 70 книги, вклучувајќи романи, приказни, биографии, автобиографија, поезија, драма, книги за деца и преводи од кинески јазик, нејзино најпознато дело е „Добрата земја“, за кое ја добила и Пулицеровата награда во 1932 година. „Добрата земја“ бил вториот роман на Бак. Таа го напишала романот за една година додека живеела во Нанкинг. Овен и Доналд Дејвис во 1932 година поставиле драмска претстава според книгата и иако сценската продукција била слабо прифатена од публиката, во 1937 година излегла и филмската екранизација во продукција на студиото „МГМ“, која постигнала голем успех.
По речиси 40 години во Кина, Бак се преселила назад во САД. Таа ја купила фармата „Грин Хилс“ во источна Пенсилванија и наскоро почнала да пишува написи за весници и списанија. Таа често го искажувала своето мислење за војните, политиката, религијата, еднаквите права за сите луѓе и многу други теми. Таа исто така одржала многу говори и им зборувала на младите за важноста на доброто образование и дека треба да знаат повеќе за другите луѓе ширум светот. Во нејзините подоцнежни години, таа исто така била хуманитарка и се залагала за посвојување меѓурасни и азиски деца. Таа починала на 6 март 1973 година на 80-годишна возраст.

Околу „Добрата земја“ и Пулицеровата награда
Приказната на Бак за семејниот живот во едно кинеско село во годините пред Првата светска војна постигнала неверојатен успех. Главни ликови во книгата се Ванг Лунг и неговата сопруга О-Лан кои работат многу напорно и по долго време конечно заработуваат доволно пари за да купат малку земја и наскоро нивниот живот станува многу подобар, но, добрите времиња и добрата среќа не траат вечно.
Во првата деценија од доделувањето на Пулицеровите награди, одборот стоел на ставот дека победникот мора „да го отсликува американскиот живот“. Но, откако „Мостот Сан Луис Реј“ на Торнтон Вајлдер во 1928 година ја освоил наградата и покрај перуанскиот амбиент, членовите на одборот ја прошириле својата дефиниција. По 1928 година, победникот едноставно требало да биде „најдобриот роман од американски автор објавен во тековната година“.
Првата книга што извлекла корист од промената дошла четири години подоцна. Во 1932 година, Перл С. Бак ја добила наградата за романот „Добрата земја“. Според Клаудија Стоун Вајсберг во еден текст за Бак за официјалната страница на „Пулицеровите награди“, „Добрата земја“ се проби поради својот портрет на Азија и азиските жени“. Како што наведува таа, „на една конференција во 1992 година, кинеско-американската романсиерка Максин Хонг Кингстон ѝ оддаде почит на Бак за привлекувањето внимание кон азиските гласови“. Претставувајќи ги кинеските ликови со „таква емпатија и сочувство“, рекла Кингстон, Бак „ми ги преведуваше моите родители и ми го даваше нашето потекло и нашето живеалиште“. Вајсберг ја споменува и Тони Морисон, првата афро-американска писателка што ја добила Нобеловата награда за книжевност и која во 1988 година ја освоила Пулицеровата награда за „Љубена“, која на хумористичен начин изразила слично чувство како Кингстон: „Таа ме доведе во заблуда … и ме натера да верувам дека сите писатели пишуваат со сочувство, емпатија, искреност и отвореност за другите култури“.“
Романот „Добрата земја“ едногласно бил избран за добитник од страна на жирито на Пулицер, кое во 1932 година било составено од членовите: Џеферсон Б. Флечер (Универзитет Колумбија), Роберт М. Ловет (Нова Република) и Алберт Б. Пејн. Во белешката од 26 јануари 1932 година упатена до жирито, Френк Факентал, секретар на Советодавниот одбор за Пулицеровата награда, побарал од членовите на жирито во нивниот извештај да не упатуваат на несогласувањата на жирито, доколку ги има. Тој побарал од членовите на жирито „да ги наведат книгите по редослед по избор на жирито, без да ги наведуваат критиките и недостатоците при гласањето“. Во својот извештај, жирито признало дека исто така „поволно ги разгледувале“ и книгите „Сенка на карпата“ од Вила Катер и „Дамата која дојде да остане“ од Р.Е. Спенсер, истакнувајќи дека тоа било „ретка година кога се појавуваат три такви одлични романи“.
Предност ѝ била дадена на книгата „Добрата Земја“ „за нејзиниот епски ефект, нејзините различни и трогателни карактеризации, нејзиниот постојан интерес за приказната, како и едноставниот, но сепак богато обоен стил“. Жирито, исто така, истакнало дека Вила Катер веќе ја добила наградата за романот „Еден од нашите“ во 1923 година, но дека нејзината претходна победа не влијаела на одлуката.
