Два книжевни настани во Скопје!

Како што се наближува пролетта и се буди природата, така полека се буди и градот и сè почесто почнуваат да се организираат различни настани, а меѓу нив има и такви кои можеби ќе им се допаднат на љубителите на книги. Па така, доколку неделава барате некоја интересна дискусија или настан поврзан со книгите, во продолжение прочитајте за два книжевни настани кои деновиве ќе се одржат во Скопје.

Промоција на македонското издание на „Млечни заби“ и гостување на германската писателка Хелене Буковски

Неодамна излезе македонското издание на „Млечни заби“, дебитантскиот роман на германската писателка Хелене Буковски. Романот првпат се појави на полиците во 2019 година и веќе е преведен на повеќе јазици, а преводот на македонски јазик е во издание на издавачкиот центар „ТРИ“. Промоцијата на македонското издание на романот ќе се одржи денес (среда, 12 март), во „Europe House Skopje“, со почеток во 19 часот. Промоторка на романот ќе биде новинарката и научна истражувачка Ана Јовковска, додека преведувачка на промоцијата ќе биде проф. д-р Зорица Николовска.

Kако што е наведено во најавата за настанот:

Во дистопискиот роман „Млечни заби“ од современата германска писателка Хелене Буковски, небото не се гледа од маглата. Или, пак, од усвитеното сонце. Романот кој може да се чита и како мрачна бајка, ги обработува темите на недовербата во „другиот“, односот мајка–ќерка, растењето и начините на кои околината ги обликува младите.

За повеќе информации, следете го официјалниот настан на Фејсбук.

Книжевна вечер со Венко Андоновски

Во организација на Српскиот културно-информативен центар „СПОНА“, утре (четврток, 13 март), во просториите на „СПОНА“ во Скопје (бул „Св. Кирил и Методиј“ бр. 30), со почеток од 19 часот, ќе се одржи книжевна вечер и дружење со еден од најпознатите македонски писатели, Венко Андоновски. Како што најавуваат организаторите, повод за средбата е српското издание на неговиот култен роман „Вештица“ кое беше објавено минатата година во издание на „Кораци“ од Крагуевац, во превод на Љиља Цревар.

Модератор на настанот ќе биде Иван Антоновски, а во дискусијата за романот „Вештица“ ќе се вклучат и истакнатите српски писатели и критичари Мирко Демиќ и Владимир Б. Периќ, кој е и уредник на списанието за книжевност, уметност и култура „Кораци“ и автор на поговорот на српското издание објавено во 2024 година, а свои излагања ќе имаат и претставници на издавачките куќи.

За повеќе информации следете го официјалниот настан на Фејсбук.

Leave a comment