Плочите на Горан Стефановски во „АудиоКултура“!

Горан Стефановски е еден од најзначајните личности, не само во македонската драма и театар, туку и воопшто во македонската култура. Покрај неговите безвременски драми и претстави, дури и неговите есеи и интервјуа се неверојатни бисери од кои човек може многу да научи. Во нив дознаваме многу и за неговите ставови и размислувања, но и хобија и интереси. Меѓу неговите огромни интереси, покрај книжевноста и театарот, беше и музиката и собирањето плочи.

(извор: Види Вака)

Доколку сте читале написи и есеи на Горан Стефановски или сте гледале/читале негови интервјуа, сигурно сте забележале со колкава љубов збори за рокенролот, грамофонските плочи, музиката и неговите омилени музичари и бендови. Па оттаму не треба да нè чуди дека поседувал огромна колекција на грамофонски плочи. Благодарение на неговото семејство и заложбата на Весо Теохаров, околу 1000 плочи од приватната колекција на Стефановски добија свој дом во „АудиоКултура“.

На настанот кој се одржа и беше покриен преку прилогот на „Види Вака“, пријатели, познаници и присутни луѓе, имаа можност да слушаат музика од неговите плочи од грамофонот што го поседувал околу 50 години. Неговата колекција била навистина разновидна и во неа имало од сè по нешто: блуз, соул, џез, класика и плочи од различни краеви на светот, но и од Македонија. Како што се наведува и во прилогот, „покрај драмата, музиката била суштината на неговиот живот“.

Игор Стефановски, неговиот син, за „Види Вака“ вели и дека музиката била постојано присутна во нивниот дом и дека така научил за сите големи музичари низ историјата, од Бетовен и Моцарт, а додава и дека Горан Стефановски постојано слушал музика, дури и кога работел, и бидејќи ги обожавал Битлси и Роулинг Стоунс, знаел сè за нив и бил еден вид „енциклопедија за Битлси и Стоунси“.

Како што вели Игор Стефановски, Горан Стефановски самиот себеси се нарекувал „архивар на својата генерација.“

Стефановски цел живот ги собирал тие плочи и водел свој музички дневник, наречен „Песнарица“ и токму еден извадок од него се појавува на постерот кој го чита Игор Стефановски во видеото што можете да го погледнете подолу:

„Плочите се како штит против смртноста. Во него не смее да има пукнатини. Колекцијата мора да е комплетна. Кога утре ќе дојде Ангелот да праша „Кај си бил, што си правел, дај да видиме што си собрал“ нема да има време за извинување. Сѐ ќе мора да се стави на увид.“

Ѕиркајќи и во овој дел од страста на Горан Стефановски, добиваме и нов увид во човекот што ја воздигна модерната македонска драма, страст која го обликувала како човек, но сигурно и како уметник. Како што вели Игор Стефановски:

~ „Театарот му беше живот, а музиката му беше сè останато.“ ~

(извор: Види Вака)

Во продолжение погледнете го целосниот прилог и целиот разговор со Игор Стефановски:

Leave a comment