Роман на годината е „Светот што го избрав“ од Калина Малеска!

Неизвесноста за „Роман на годината“ е завршена и денес го добивме и победничкиот роман за оваа година! На денешната прес-конференција беше соопштено дека „Роман на годината“ за 2024 година е „Светот што го избрав“ од Калина Малеска, во издание на „Или-или“.

(Извор: Ненад Стевовиќ/„Или-Или“)

Жири-комисијата, во состав Лидија Димковска (која минатата година ја доби наградата за романот „Единствен матичен број“), Маја Бојаџиевска, Ѓоко Здравески, Андреј ал-Асади и Катерина Богоева, одлучи да ја додели наградата на „Светот што го избрав“, кој победи во конкуренција од 43 романи што се пријавија на конкурсот.

Во најтесниот избор за наградата, покрај победничкиот роман, годинава беа и романите: „Простување“ од Кица Колбе („Или-или“) и „И ѕирка и проѕирка“ од Огнена Никуљски („Антолог“).

Наградата „Роман на годината“ ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“, додека генерален покровител е „Комерцијална банка“ АД Скопје. Наградата се состои од плакета, статуетка и паричен износ од 150.000 денари и ова е 26. пат како се доделува наградата.

Leave a comment