Словачкиот поет Иван Штрпка е добитник на „Златен Венец“ за 2025 година!

На 27 март, во просториите на МАНУ се одржа прес-конференција на која беше објавено дека годинешниот добитник на „Златен венец“ – највисоката награда на „Струшките вечери на поезијата“ – е словачкиот поет Иван Штрпка. Нему се доделува оваа награда за неговиот целокупен животен опус и исклучителен придонес за книжевноста.

Како што беше објавено на официјалната страница на „Струшки вечери на поезијата“ на Фејсбук, претседателката на Управниот одбор на НУМ „Струшки вечери на поезијата“, Елизабета Барануаи Кукунешоска, нагласила дека „поезијата е живот и светлина во темнината, која ги носи зборовите како мостови што ги поврзуваат луѓето од сите краеви на светот“ и ги посочила Струшките вечери на поезијата „како настан кој го оживува градот, каде што поетскиот збор не познава бариери“.

(Иван Штрпка/извор: Министерство за култура)

Во своето поздравно писмо, поетот Иван Штрпка изразил големо задоволство и чест што е избран за наградата „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата за 2025 година. Како што пренесоа од СВП, тој „ја истакна важноста на поезијата како отворен процес што ги надминува границите и создава единствен, жив јазик, кој не само што ги изразува, туку и ги поврзува поединците во заедничка културна и човечка мислења. Поетот акцентираше на вредноста на поезијата во денешниот свет, каде што е потребен внатрешен глас што ќе го насочи човекот кон хуманизмот и длабокото разбирање на светот.“

На прес-конференцијата, академик Катица Ќулафкова во својата беседа истакнала дека Иван Штрпка е легенда на словачката поезија и мајстор на зборот.

На истата прес-конференција беше соопштено и дека наградата „Мостови на Струга 2025“ оди во рацете на Матеуш Шимчик, поет од Полска, и неговата дебитантска поетска книга „Потребни се извори“. Според објавата, Шимчик „во својата поезија се фокусира на теми како личното искуство, секојдневната макотрпност и потребата за пронаоѓање извори кои ќе не издигнат. Неговите стихови се полни со интензивни мотиви, повторувања и ритмички фрази, кои поттикнуваат длабока размисла.“

Честитки за добитниците!

Подолу можете да прочитате и дел од биографијата и опусот на Иван Штрпка, преземена од објавата на СВП.

Иван Штрпка (1944) е еден од најголемите словачки поети, раскажувачи и есеисти, чиј опус оставил длабок траг во словачката и европската книжевност. Неговата кариера започнала во 60-тите години на минатиот век, а како член на авангардната група “Осамени тркачи” во Чехословачка, Штрпка се издвои со својот отпор кон политичката злоупотреба на поезијата и акцентот на етичката улога на литературата.

Поезијата на Штрпка е огледало на човечката состојба, вклучувајќи и интимни, филозофски, социјални и метафизички теми. Неговите стихови се не само естетски убави, туку и длабоко размислувачки, кои го истражуваат моралот, идентитетот и вредностите на денешното општество. Во својата поезија, Штрпка креира метафизички слики кои допираат до срцето на човечките дилеми и ги истражуваат контекстите на личниот и општествениот идентитет.

Неговата поезија е медитативна, понекогаш парадоксална, и секогаш носи нови погледи на човечката егзистенција.

Штрпка пишува не само за љубовта и врските меѓу луѓето, туку и за проблемите на општеството, со акцент на новите реалности и константната потрага по смисла во хаотичниот свет.

Leave a comment