Три книги од Милан Кундера што треба да ги прочитате!

На 1 април во 1929 година, се родил Милан Кундера, еден од највлијателните најпознатите европски писатели на 20 век и дефинитивно е еден од прославените автори од источна Европа по падот на комунистичките режими. Тој е многу добро познат и на македонската читателска публика преку неговите дела, без оглед дали се романи или есеи.

Неговата неверојатна способност да нурне во човековата психологија, да истражи длабоки чувства, но и различни филозофии, а сето тоа обоено со неговата препознатлива меланхолија го прават и еден од водечките мислити во Европа. За жал, Милан Кундера го загубивме во 2023 година, но неговите книги и неговото наследство ќе живеат вечно.

Со оглед на тоа дека Милан Кундера ми е еден од омилените автори, решив денешната објава да му ја посветам нему и да ви препорачам три негови дела кои мене лично ми се омилени, дел од нив веќе ги имам препорачано на блогот низ годините, па ќе ги пренесам и моите искуства од читањата и од други мои осврти и можеби ќе ве инспирирам и поттикнам да прочитате некоја од овие книги.

Неподносливата леснотија на постоењето

Приказна за една млада жена вљубена во маж растргнат помеѓу неговата љубов кон неа и неговиот непоправлив начин на живот како женкар и една од неговите љубовници и нејзиниот понизно верен љубовник. Овој прекрасен роман ги спојува географски далечните места, брилијантните и разиграни рефлексии и различни стилови, за да го заземе своето место како можеби главното достигнување на еден од вистинските големи светски писатели. Самата книга е еден преплет на приказни, ситуации и случаи кои многу можат да нè поттикнат на дискусија и внатрешна рефлексија.

Една од моите омилени книги на сите времиња. Совршено напишано, со одлични цитати и размислувања кои ве тераат да размислите подлабоко за човечките односи и сложеноста на човечката природа и самиот живот. Совршена книга, секогаш силно ја препорачувам! Особено ми се допаѓа начинот на кој објаснува дека луѓето никогаш не знаат дали донеле правилна одлука, бидејќи имаме само еден живот (или барем еден живот што го паметиме, ако ги вклучите тука и теориите за реинкарнација) и не можеме да ја споредиме нашата одлука, не можеме да видиме други исходи и последици од нашата одлука.

И начинот на кој ги објаснува човечките односи, внатрешните стравови и размислувања на луѓето и лесно може да се добие впечаток како животот може да помине толку лесно и брзо и да се остави со прашање: „Што можеше да биде?“ Ова е една од моите лични омилени книги, можам да зборувам со часови за оваа книга, но верувам дека зборовите не се доволни. Оваа книга треба да ја доживее самиот читател.

Шега

Оваа книга ме потсети зошто толку многу го сакам Кундера. Меланхолијата, дијалозите, внатрешните монолози. Темите се толку многу човечки, толку расположливи, а сепак толку оддалечени од читателот. Секогаш ме тера да размислувам и ме турка да се нурнам во себе. Кога ќе завршам книга од Кундера, секогаш сфаќам дека сум научила нешто повеќе за себеси.

„Шега“ е првиот роман на Милан Кундера и објавен во 1967 година. Дејството се протега од крајот на Втората светска војна до настаните пред Прашката пролет кон крајот на шеесеттите години од XX век во тогашна Чехословачка. „Шега“ е уште еден доказ за неговата маестралност како писател. Одлична книга во која толку многу навлегувате што крајната поука истовремено ќе ве изненади, но и ќе ве замисли и е многу релевантна и на едно индивидуално и човечко ниво.

Книгата го анализира животот на Лудвик Јан, кој по 15 години се враќа во својот роден град, полн со спомени, но и со планина на своите рамена, предизвикана од горчината која му останала од работите кои му се случиле. Кога бил млад и амбициозен, тој бил популарен и многу активен комунист, но како и секој млад човек бил наклонет кон шеги и девојки. Додворувајќи ѝ се на една девојка, тој во една преписка со неа кажува една сосема невина шега, која на крајот ќе излезе дека ќе му го дефинира животниот тек. Книгата се движи помеѓу минатото и сегашноста, додека се испреплетуваат и други ликови со свои животни патеки и сите се поврзани со Лудвик.

Бавност

Милан Кундера е како магионичар со зборовите, способен веднаш и во секое време да ве пренесе во неговиот замислен свет, а вие воопшто да не го забележите тоа. Оваа книга особено ќе им се допадне на оние кои се сложуваат дека во денешно време механички ги правиме работите, набрзина, без воопшто да уживаме во нив. Се чини дека заборавивме дека има убавина во бавноста.

Тоа го обработува и Кундера во ова дело, кое е првото што тој оригинално го напишал на француски јазик. Во него има сè, од еден „витез“ и дама кои поминуваат една ноќ во еден француски замок пред 2-3 века, до научна конференција со најразновидни ликови, до стар брачен пар кој дошол во хотелот за да се одмори од сѐ. Интересна книга, го има шмекот и харизмата на стилот на пишување на Кундера, а понекогаш и тоа е доволно.

Ја сакам неговата меланхолија, неговиот филозофски пристап во секоја книга, елаборирање на неговата тема на најдлабок начин. И неговиот стил на пишување е едноставно беспрекорен, неговите зборови се магични.

Leave a comment