Каква е филозофијата на стоицизмот?

Стоицизмот е еден од најпопуларните филозофски правци, кој и денес наоѓа своја практична примена и често се употребува во секојдневниот живот. Речиси секој од нас некогаш ги употребил термините „стоик“ или „стоички“. Сурфајќи низ интернетот, најдов едно многу интересно видео на Масимо Пигључи за TED-ED, во кое на анимиран и интересен начин тој накусо ја објаснува историјата и главните постулати на стоицизмот, па доколку сакате да дознаете повеќе за оваа филозофија прочитајте го текстот и погледнете го видеото подолу.

Заглавен илјадници километри далеку од дома, без пари или имот, таквата неволја ќе натера многу луѓе да очајуваат и да ја проколнуваат нивната ужасна судбина. Но, за Зенон од Китија, тоа станало основа на неговото животно дело и наследство. Некогаш богатиот трговец изгубил сè кога доживеал бродолом во Атина околу 300 година п.н.е.

Немајќи што многу повеќе да прави, тој залутал во книжарница, се заинтригирал читајќи за Сократ и продолжил да бара и проучува со познатите филозофи од градот. Кога Зенон почнал да ги едуцира своите ученици, тој ја основал филозофијата позната како стоицизам, чии учења за доблест, толеранција и самоконтрола инспирирале генерации мислители и водачи. Името стоицизам потекнува од „Стоиа Поикиле“, украсената јавна колонада каде Зенон и неговите ученици се собирале за да дискутираат.

Денес, ние колоквијално го користиме зборот стоик за да опишеме некој кој останува смирен под притисок и избегнува емоционални екстреми. Но, иако ова опфаќа важни аспекти на стоицизмот, првобитната филозофија била повеќе од само став.

Стоиците верувале дека сè околу нас функционира според мрежа на причина и последица, што резултира со рационална структура на универзумот, која тие ја нарекле логос. И иако немаме секогаш контрола врз настаните што нè засегаат, можеме да имаме контрола врз тоа како им пристапуваме на работите. Наместо да замислува идеално општество, стоикот се обидува да се справи со светот онаков каков што е додека се стреми кон самоподобрување преку четири кардинални доблести:

~ практична мудрост – способност да се движи по сложени ситуации на логичен, информиран и смирен начин;
~ воздржаност, вежбање на самовоздржаност и умереност во сите аспекти на животот;
~ правда, постапување со другите со правичност дури и кога згрешиле; и
~ храброст, не само во вонредни околности, туку соочување со секојдневните предизвици со јасност и интегритет;

Како што напишал Сенека, еден од најпознатите римски стоици: „Понекогаш, дури и само да се живее, е чин на храброст“. Но, додека стоицизмот се фокусира на личното подобрување, тој не е егоцентрична филозофија. Во време кога римските закони ги сметале робовите за сопственост, Сенека повикал на нивен хуман третман и истакнал дека сите ние ја делиме истата основна човечност.

Стоицизмот, исто така, не поттикнува пасивност. Идејата е дека само луѓето кои негувале доблест и самоконтрола во себеси, можат да донесат позитивна промена кај другите. Еден од најпознатите стоички писатели бил и еден од најголемите римски императори. Во текот на неговото 19-годишно владеење, стоицизмот на Маркус Аврелиј му дал решителност да ја води Империјата низ две големи војни, додека се справувал со загубата на многу од неговите деца. Со векови подоцна, дневниците на Маркус Аврелиј ќе го водат и тешат Нелсон Мандела низ неговото 27-годишно затворање за време на неговата борба за расна еднаквост во Јужна Африка. По неговото ослободување и евентуалната победа, Мандела ги истакна мирот и помирувањето, верувајќи дека иако неправдите од минатото не можат да се променат, неговиот народ може да се соочи со нив во сегашноста и да се обиде да изгради подобра, поправедна иднина.

Стоицизмот неколку векови бил активна филозофска школа во Грција и Рим.

Како формална институција, таа избледела, но нејзиното влијание продолжува и до ден-денес. Христијанските теолози, како што е Томас Аквински, се восхитувале и го усвоиле неговиот фокус на доблестите, и постојат паралели помеѓу стоичката атараксија, или спокојството на умот, и будистичкиот концепт на нирвана.

Еден особено влијателен стоик бил филозофот Епиктет, кој напишал дека страдањето не произлегува од настаните во нашите животи, туку од нашите судови за нив. Ова силно одекнува и во модерната психологија и движењето за самопомош. На пример, рационалната емотивна бихејвиористичка терапија се фокусира на менување на ставовите за самопоразување што луѓето ги формираат за нивните животни околности. Тука секако е и логотерапијата на Виктор Франкл. Инспирирана од времето на Франкл како затвореник во концентрационен логор, логотерапијата се заснова на стоичкиот принцип дека можеме да ја искористиме нашата волја за да ги исполниме нашите животи со смисла, дури и во најмрачните ситуации.

Leave a comment