Сите љубители и поддржувачи на македонската книжевност ќе имаат можност утре да присуствуваат на промоцијата на романот „Простување“ на Кица Колбе во издание на издавачката куќа „Или-Или“. Промоцијата ќе се одржи утре (11 април), со почеток од 20 часот, во кафе-книжарницата „Буква“. Настанот ќе го води Ненад Стевовиќ, а промотори ќе бидат и Калина Малеска и Игор Анѓелков.
(Извор: „Или-Или“)
„Простување“ неодамна влезе и во најтесната трка за „Роман на годината“, односно беше финалист за наградата, во конкуренција со победничкиот роман „Светот што го избрав“ од Калина Малеска („Или-или“) и романот „И ѕирка и проѕирка“ од Огнена Никуљски („Антолог“). Жирито што одлучуваше за наградата, за „Простување“ рекол дека се работи за „извонреден роман за простувањето и помирувањето како хуманистички чин на надминувањето на траумите од војните и од прогонствата кои не ги засегаат само конкретните жртви, туку се пренесуваат и уште повеќе го усложнуваат и редефинираат идентитетот на потомците.“
Како што е наведено на официјалниот настан на Фејсбук, „акцентот во романот е ставен на приказната за помирувањето и простувањето во балканскиот историски контекст. Интенцијата на авторката е преку приказните на носечките ликови, научници, од две балкански земји, да покаже дека помирувањето и простувањето е можно и на Балканот, ако не меѓу народите барем меѓу потомците на жртвите и на прогонителите. Приказната покажува дека и потомците на „прогонетите“ и потомците на „прогонителите“ остануваат и самите жртви на минатото сѐ додека не се одлучат да простат и да се помират. Како и сите претходни романи на Колбе и „Простување“ се одликува со универзални хуманистички вредности и со мошне оригинален стил и израз, проникнат со суптилен лиризам.“
За авторката:
Кица Колбе (1951) студирала филозофија на универзитетите во Скопје и Белград. Магистрирала на естетиката на Теодор В. Адорно, а докторирала на германската естетика од 18. век. Неколку години работела на катедрата за филозофија на Филозофскиот факултет во Скопје. Од 1990 година се посветува целосно на прозата, особено на романот, а последниве години е и редовна колумнистка во Дојче Веле.
Нејзини дела се: „Егејци“ (Култура, 1990), „Снегот во Казабланка“, (ТРИ, 2005 и Магор, 2007), „Жените Гаврилови“ (Табернакул, 2008 и ИЛИ-ИЛИ, 2021), „Река во наследство“, „Ein Fluss als Erbe“, (Скопје и Лангенфелд, 2009), „Витезот и Византијката“ (ИЛИ-ИЛИ, 2020), „Земја на бегалци“ (ИЛИ-ИЛИ, 2018 и 2023).
„Снегот во Казабланка“ ја доби наградата „Роман на годината“ во 2006 година, додека „Жените Гаврилови“ во 2009 година беше номиниран за наградата „Балканика“.

