Без разлика дали го претпочитате филмот од 1925 година со Лон Чејни, оригиналната продукција на Бродвеј или римејкот со Џерард Батлер од 2004 година, нема сомнение дека сцената со падот на лустерот е еден од најпознатите иконски моменти во „Фантомот од операта“.

(извор: Getty Images/Mental floss)
Иако ваквата сцена може да изгледа неверојатна, авторот Гастон Леру се инспирирал од Париската опера, „Палата Гарние“, за неговиот роман „Фантомот од операта“ од 1910 година. Тој вклучува некои од пофантастичните моменти во книжевноста, од падот на лустерот до подземното езеро.
Иако нема остров во средината каде би можел да живее дух од оперска куќа, под „Палатата Гарние“ има прилично голема површина на вода. Откако почнале да се прават ископините на земјата за оперската куќа во 1861 година, работниците и инженерите биле зачудени од водата што постојано извирала од земјата и најпрво почнале со обиди да ја исчистат. На крајот, тие едноставно работеле околу водата. Во 2010 година, Пјер Видал, куратор на музејот и библиотеката на оперската куќа, изјавил за Телеграф дека работниците на крајот се откажале од обидот да ја исушат локацијата. Наместо тоа, тие изградиле огромен камен резервоар за вода за да ја сместат отстранетата вода.
Резервоарот е далеку од морничавото романтично засолниште во „Фантомот од оператата“, осветлено со свеќи. Поради модерните правила за здравје и безбедност, областа сега е силно осветлена. И неговата употреба е всушност доста практична – тоа е местото каде што локалните пожарникари тренираат за подводни мисии за спасување.
Но, сега да се фокусираме околу фамозниот лустер. Колку што знаеме, никој никогаш намерно не го саботирал огромниот бронзен и кристален лустер кој тежел седум тони. Но, во 1896 година, противтежа од огромниот лустер навистина паднала, убивајќи едно лице.
Можно е да има повеќе вистински случки измешани со приказната на Леру. Легендата вели дека Леру дал исповед на смртната постела во 1927 година, тврдејќи дека она што го напишал 17 години претходно апсолутно се случило и е точно. Иако има доволно вкрстување помеѓу фактите и фикцијата за да ве натера да се замислите, Видал вели дека ниту еден работник или патрон никогаш не пријавил дека налетал на дух во Париската опера, „иако кога ќе се случи нешто необјасниво, на шега го обвинуваме Фантомот“.
