23 април е официјалниот Светски ден на книгата и авторските права, прогласен од страна на УНЕСКО. 23 април се слави како Светски ден на книгата уште од 1995 година. На блогот веќе имам пишувано за историјата на Светскиот ден на книгата и зошто се прославува и тоа можете да го прочитате тука.
Photo by Gray Clary on Unsplash
Секоја година, како дел од прославите за Светскиот ден на книгата и авторските права, од УНЕСКО и меѓународните организации кои ги претставуваат трите главни сектори на книжевната индустрија – издавачи, книжарници и библиотеки, се избира Светска престолнина на книгата. Избраните градови се обврзуваат да промовираат книги и читање за сите возрасни групи и во сите сектори на општеството, во земјата домаќин и пошироко.
До денес, УНЕСКО има назначено 25 светски престолнини на книгата, од Мадрид, Шпанија, во 2001 година, до Рио де Жанеиро, Бразил, во 2025 година. Оваа година, бразилскиот град спроведува проект кој нагласува како книгите можат да донесат социјални промени – на пример, преку писменост, образование и искоренување на сиромаштијата – и да создадат одржливи економски придобивки.
И затоа, денес, на овој Светски ден на книгата, во чест на нашите најдобри и најверни пријатели – книгите, што се секогаш покрај нас кога сакаме да побегнеме од сè, споделете некоја книга со пријателите, прочитајте неколку поглавја и споделете некоја прекрасна мисла за читањето и книгите, а инспирација можете да најдете и текстот „Цитати од писатели кои ја доловуваат магијата на читањето!“
