Вчера беше Светскиот ден на книгата и авторските права, па обично во овој период често се зборува за книгите и нивните убавини, но некако во јавниот дискурс како да изостанува темата околу авторските права иако тие ги засегаат сите чинители во областа на издаваштвото, а најмногу писателите, преведувачите, илустраторите и издавачите.
По тој повод и овие дилеми, утре (25 април) со почеток од 19 часот во Друштвото на писателите на Македонија ќе се одржи дискусија на тема „Кои се авторските права на писателите?“. На оваа актуелна и многу значајна тема ќе дискутираат Делвина Крлуку, Блаже Миневски, Билјана Црвенковска, Игор Станојоски и Петар Андоновски, а модератор ќе биде Живко Грозданоски, претседателот на ДПМ.
Според најавата, подолу можете да прочитате дел од прашањата и дилемите што ќе се дискутираат. Судејќи по нив, нè очекува интересна дискусија која отвора простор за многу интересни и размислувања и кои можат во иднина да поттикнат дополнителни анализи и иницијативи.
„Што значи сопственост на авторски права? Кога, како и под кои услови таа се отстапува на издавачи или на агенти? Како се вреднуваат авторските права и каква треба да биде висината на авторскиот хонорар при издавање на едно дело? Како се проценува авторскиот хонорар од страна на издавачот и како се проценува од страна на Министерството за култура, кога се работи за конкурсите за поддршка на дела од национален интерес? Како авторите да се запознаат подобро со овие проблеми и како да се изборат за фер и транспарентен однос? Најпосле, која е улогата на Друштвото на писателите во овој контекст?“

