Горан е тука!

На 27 април се одбележува годишнината од раѓањето на македонскиот великан Горан Стефановски. Во таа чест, во недела, со почеток од 12 часот, кај спомен клупата на Горан Стефановски во Дебар Маало, се организира настан со цел да се чествува споменот на еден од најистакнатите македонски творци и уметници.

На сите нам ни недостасува Горан и неговата уметност, да каже нешто преку неговите дела, кои како огледало прикажуваа вистини за општеството и луѓето. Но, неговот наследство се чита и споделува и постојано ги спомнуваме неговите дела и него како човек, па оттаму и идејата настанот во чест на неговиот спомен е насловен „Горан е тука“.

Програмата е разновидна и е поделена во неколку делови. Најпрво ќе имате можност да уживате во настап на вокално-инструменталниот состав „Аудио Скопје“, а потоа Сашка Димитриевска, Мирјана Трпковска Костовска и Трајанка Илиева Вељиќ ќе читаат импресии.

По овој дел следи делот насловен „Писма до Горан“, каде обраќања ќе имаат неговите најблиски: семејството Стефановски, пријатели од гимназиските денови, дебармаалци и колегите од театарска фела.

Настанот ќе заврши и со забавна програма, каде присутните ќе може да уживаат во настап на улични живи статуи, пантомимска точка на Дарко Вељиќ и ди-џеј сет на Игор Стефановски.

Проектот е целосно поддржан од Општина Центар како дел од Програмата за култура за 2025 година.

Извор.

Leave a comment