Зошто треба да ја прочитате „Пофалба на обратноста и други есеи” од Горан Стефановски?

На 27 април ја одбележуваме годишнината од раѓањето на еден од најголемите умови во македонската историја, Горан Стефановски. Влијанието на Горан Стефановски врз македонската драма, но и општо врз македонската книжевност и култура не може ни да се мери со зборови, а нам ни останува само да го чествуваме колку што е можно повеќе. По повод годишнината од раѓањето на Горан Стефановски, денес на блогот можете да прочитете и една препорака за читање, а тоа е „Пофалба на обратноста и други есеи” , собрани есеи, говори и записи на Горан Стефановски низ текот на годините. Книгата е во издание на издавачкиот центар „ТРИ“, а приредувач е Иван Додовски.

За каква книга станува збор?

Пофалба на обратноста и други есеи” е збирка на есеистички текстови на Горан Стефановски како: колумни, записи, говори, предавања, излагања и беседи низ текот на годините. Ние сме навикнати да ги гледаме претставите на Горан Стефановски или да ги читаме неговите драми, но овојпат го читаме Горан во малку поинаква форма. Се работи за 17 различни текстови, секој различен и уникатен на свој начин. Некои од нив веќе сме имале можност да ги прочитаме, или на интернет или во весници, но дел од нив за првпат се појавуваат во ваков формат.

Зошто треба да ја прочитате оваа книга?

Затоа што на човек никогаш не му е доста да го чита Горан Стефановски и да чита што е она што излегува од неговото перо, т.е тастатура. Дел од овие текстови се многу познати на пошироката јавност, но секогаш треба одново да се препрочитуваат, особено есејот „Приказни од Дивиот Исток“ и „За нашата приказна“, неговата пристапна беседа во МАНУ, но и некои други шармантни текстови како на пример одговорите на Стефановски за книгите што би ги повел на пуст остров, а тука е и неверојатниот текст „Пофалба на обратноста“, кој се појави во вистинско време и кој по којзнае кој пат ја докажува неверојатната проникливост на Горан Стефановски да нурне многу подлабоко и да погледне далеку над секојдневното, дневното и да ги разгледа и дисецира општествените текови и проблеми и да понуди една одлична анализа што би требало да поттикне поширока општествена дискусија.

Но, тука има и одлични лични текстови, како мемоарскиот запис „Моите Драмски, Ристо и Унко“, но и сеќавањата „Слики со Греам и Пеги“. Во „Моите Драмски, Ристо и Унко“, Стефановски се навраќа низ времето, за неговите уметнички почетоци, од самото детство, од 1959 година, па сè до 2012 година, кога е и пишуван тој текст, додека пак во „Слики со Греам и Пеги“, тој се навраќа на неговото пријателство со Греам и Пеги Рид, почнувајќи од 1970 година, па сè до 2005 година. Двата текста се исклучително шармантни, едноставни, го содржат оној прекрасен, толку топол и човечки стил на Горан Стефановски, и кој дава еден одличен преглед низ различните периоди од животот на Горан Стефановски, неговото детство, младост и возрасни т.е зрели години, но и неговите уметнички почетоци, достигнувања и неговите пријателства и односи, секако видено и низ негова призма.

Секако тука има и други текстови и есеи, но и делови од негови излагања на различни конференции и настани каде Горан Стефановски гласно размислува за некои од уметничките дилеми во неговата бранша, но има и куси и одлични текстови, дел од нив објавувани како колумни, дел од нив како единечни текстови каде многу кратко и јасно, а често и со огромна и одлична доза на хумор, па и сатира Горан Стефановски споделува некои свои пораки и размислувања.

Иако творештвото и ваквите размислувања на Горан Стефановски се многу обемни и огромни, и се распослувваат многу подалеку од овие објавени 17 текстови, но сепак оваа книга е одличен бисер и почеток да се нурне и во есеистичкото размислување и пишување на Горан Стефановски, и се текстови кои заслужуваат да бидат објавени во форма на книга и да бидат собрани на едно место. Освен тоа, има неколку различни текстови, има за секого по нешто и дава една интересна претстава за различните размислувања и пишувања на Горан Стефановски.

Одлично четиво кое е добар придонес за зачувување на наследството на Горан Стефановски, но добра архива и придонес за целокупната македонска книжевност.

Leave a comment